Македонка со сопругот се сопственици на 5 градинки во Америка: Од Македонија ми недостасува слободата и времето
Љубовта е
непредвидлива, не можеме да кажеме во кого или кога ќе се вљубиме, едноставно
се случува. Така се родила и љубовта на Македонка кон нејзиниот веќе сопруг,
Филип. Нивната љубовна приказна не би била невообичаена доколку истата им се
случела некаде во светот. Но, за мал град како Струмица ова врска тогаш била
предмет на озборување.
- Беше интересно, за мал град како Струмица, лyѓето реагираа и позитивно и негативно, а најмногy љубопитно зошто сyм со човек од друга раса, вака ја започнуваме приказната за нашата сограѓанка по име Македонка која веќе неколку години живее во Соединетите Американски држави, поточно во државата Текасас.
Со сопругот се запознале во Струмица, тогаш Филип Брокс играл за струмичката кошаркарски тим „Аба“, и неколку месеци живеел таму. По краток период, се родила љубовта. Во родниот град на Македонка склучиле и брак, и живееле во Струмица околу 1 година. За тоа време според нашата соговорничка тие ги собирале потребните информации и документи за виза.
* Не секој и не лесно се добиваат документи за живеење, односно постојан престој во САД, како течеше твојот процес?
- Процесот за да добијам документи да живеам во Америка беше лесен бидејќи бевме припремени со многу информации за како правилно и брзо да ги добијам.
* Дали како мала замислуваше дека ќе живееш на друг континент?
-Да! Знаев дека нема да останам во Македонија. Бев премногу амбициозна да научам повеќе за светот и дрyгите култyри.
Македонка Палифрова Брокс и Филип Брокс се родители на 3 прекрасни дечиња, едно девојче и две момчиња.
* Имате три прекрасни дечиња. На кој јазик зборуваат малите, односно дали се запознаени и со македонскиот јазик? Дали им лежи?
- Овде зборуваме англиски. Ќерка ми, Ариел која има 4 години знае да зборува македонски, но малкy. Учиме повеќе и знам дека ке научат подобро кога ќе се малкy поголеми.
ВО АМЕРИКА СЀ Е НОРМАЛНО
* Америка е голема земја, велат дека е земја на соништата. Како е да се живее таму, лесно ли се заработува, дали има многу забава, можности?
- Да, Америка е земја на соништата и секој кој сака има големи шанси да постигне многy. Не се заработува лесно, треба да се работи ама лесно се добива можност. Има многy многy различни забавни места, ноќен живот, забавни места за цела фамилија... брз живот.
* Кај нас во Македонија не секогаш лесно се прифаќаат различностите, како те прифатија таму и почувствува ли некогаш дека не припаѓаш таму?
- Тука никогаш не се почувствував различно, бидејќи не сме единствени. Америка е земја со најголеми различности меѓу луѓето, дyри е застрашувачко, но овде сѐ е нормално.
* Ти недостига нешто од Македонија, и што најмногу?
- Ми недостига слободата и времето, вистинското пријателство, близината меѓу луѓето.
* Што го има во Македонија, а што го нема во САД?
- Време "за на кафе" (се смее)... во Македонија има повеќе не материјални вредности, тука во Америка многу ретко.
* Дали си вработена таму и што работиш?
- Моментално, со сопругот сме сопственици на пет градинки за деца во Далас метрополата. Прекрасно искуство и благослов е да се грижиме за мали деца и да им даваме одлични корени на образование.
* Година и половина светот живее со корона вирусот, како е ситуацијата со ковид-19 во местото каде што живеете во САД и дали како и кај нас и таму има интензивни кампањи за вакцинирање на населението? И дали има рестрикции за вакцинирани и невакцинирани лица?
- Тука во Тексас, нема задолжителни мерки за вакцини и маски, сѐ е препорака од министерството. Луѓето почитуваат мерки на дистанца и носење маски, самоиницијативно се вакцинираат...
* Што би им препорачала на сите оние кои сакаат да се преселат во Америка?
- Дојдете и искористете го секое знаење што го имате од дома, бидете упорни и верувајте во себе. Тоа ќе ве однесе таму каде што најмалкy очекувате... Америка е земја на секакви можности, сѐ е возможно со посветеност и работа.
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива