Македонката Магдалена Јовановска за животот во Милано, Италија: Јас сум тип на личност што секој ден излегува од дома како да оди на модно шоу
Магдалена
Јовановска е млада 20-годишна Македонка која одлучила своето образование да го
продолжи во еден од најпознатите градови на модата во светот, Милано.
Младата тетовчанка како што ни откри за Женски магазин, во своето слободно време сака да готви нови рецепти и истите да ги споделува на социјалните мрежи, додека за време на викендите ужива со пријателите на пикник во парк или игра одбојка.
Таа во оваа нејзино прво интервју за нашиот магазин зборува за градот во кој се пронашла и во кој сака да продолжи да работи и живее, но исто така сподели и интересни детали за времето кога е во Македонија. Каде најпрво оди, што ѝ недостига најмногу од нашата македонска храна, но зборува и за своите патувања на егзотичните места кои ги посетила.
* Колку време живеете во Милано и зошто токму овој град го избравте?
- Во Милано сум веќе две години. Времето навистина минува брзо.
Јас како иден дизајнер на ентериер отсекогаш се замислував да живеам во град како Милано. Тој е град кој сите го знаат како јадрото на дизајнот. Тој важи и за еден од главните центри на модата. Секојдневно гледам креативни, насмеани луѓе на улици, во локали, во метро или пак на изложби и евенти. Секој е уникатен на свој начин и никој не е ист.
* Што е она кое ќе го паметите засекогаш и кое ќе ве потсетува на вашите први денови во Милано?
- Да бидам искрена, првиот месец во Милано го поминав во хотел. А следниот период како номад со три големи куфери во јавен превоз и по различни локации. Јас сум личност што секогаш ги остава работите во ”5 за 12” така да не успеав да најдам навреме сместување. Милано е навистина многу комлициран град за да се најде солиден апартман. Така да тоа ќе го паметам цел живот.
* Во Милано сте заради работа или заради учење?
- Моментално студирам во ИЕД Милано како дизајнер на ентериер. Оваа година имав прилика да сум дел од Milano Design Week со мое самостојно дело. Креативноста отсекогаш ми била јака страна која ме исполнува, без разлика дали се работи за парче мебел или пак за мојот #outfit (изглед). Верувам дека еден ден ќе успеам да бидам дел од дизајнерскиот, а воедно и модниот свет во Милано. Бидејќи овде мода не се гледа само во облеката, туку и во начинот на живеење, уредување, патување… со еден збор, вкупниот LIFESTYLE (животен стил).
* Разгледувајќи го вашиот профил на Инстаграм може слободно да кажеме дека имате навистина интересни дизајни на облека кои ги носите, дали она кое го носите е ваш избор на облека, ваш стајлинг или ви помага некој при изборот?
- Јас отсекогаш гледам да го купам парчето облека што е тренд. Но не сакам слепо да го следам трендот, напротив додавам свој личен печат! Не сакам да изгледам идентично како куклите по излозите! Јас сум тип на личност што секој ден излегува од дома како да оди на модно шоу. Понекогаш знам да се советувам со моите пријателки кога станува збор за истиот модел на ново парче облека, а ако не можам да се решам која боја поубаво ми прилега.
* Исто така имате и интересни фотки од егзотични места, кои дестинации ви оставија посебен впечаток, каде би се вратиле повторно?
- За мене нема поубаво нешто од плажа и море. Да бидам искрена повторно на истите веќе видени дестинаиции не би одела. Сакам да одам на нови места и нови авантури. Според мене најбитно е со кого одиш, бидејќи и да сте на најубавото место на светот, што би правеле без добро друштво?! Нема да има авантури и луди спомени. Прво на ум ми падна рафтинг на реката Тара. Превозбудливо и незаборавно искуство, се бањавме кај водопадите на Тара, водата беше цели 5 степени.
А, не можам да не го споменам и џип- сафари турата во Сахара - вистински адреналин. Но, ве советувам на Сахара да одите по долги ракави, исклучиво во бела боја, бидејќи има шанси да изгорите за време на возењето.
* Носите и класика и трендсетерски парчиња, но и доста уникатна облека... во кој стил се пронаоѓате најмногу?
- Јас сум уметник, дизајнер со слободен креативен дух. Сметам дека сум премногу млада за да се дефинирам себе си за некој конкретен стил. Но можам да кажам дека преферирам business-casual ниту многу, ниту малку, тоа е златната средина за мене.
* Доаѓате ли често во Македонија и кое наше место ви е омилено, во кое не пропуштате да уживате доколку сте овде?
- Кога имам прилика гледам да ја искористам да одам дома. Вообичаено купувам карти без никој да знае и сакам кога ќе ги изненадувам најблиските. Мојата прва релација е некоја бурекџилница каде јадам симит, а како за десерт тука е омилената торта Опера.
* Има ли повеќе Македонци во Милано, се дружите ли?
- Минатата година запознав неколкумина Македонци, не сме многу, но излегуваме, се дружиме. Друго е чувството кога зборуваш на својот мајчин јазик.
* По што се уникатни и препознатливи луѓето во Милано?
- Милано може да се каже дека е еден од најиндустриските и најинтернационалните градови во Италија. Секојдневно стотици луѓе го газат од целиот свет. Како што кажав претходно Милано е град на модата. Тука се сите различни и посебни на свој начин. Секој го носи тоа што го прави среќен и се чувствува убаво. Сите имаат некое уникатно парче на нив и никој нема никакви предрасуди за истото. Јас велам не е до брендот што го носиме, туку вистината е до стилот што го имаме.
* Што би им препорачале на сите оние кои сакаат своето образование да го продолжат во Милано, но некако се двоумат?
- Јас ги охрабрувам да се борат и сонуваат секогаш кон големи цели. Патот до остварување на големите соништа не е лесен. Всушност тоа е големиот ризик да одбереме да чекориме по потешкиот пат. Јас сметам чекорејќи по него може најдобро да научиме како да се справиме со падовите на патот до успехот. Знајте секој прави грешки но најдобро учи од истите.
Наталија Миланова