Македонката Наташа има 400 илјади Инстаграм следбеници, 50 години и одличен моден стил: Специјално за Женски Магазин за модата и убавината

Добивај вести на Viber

Таа има Инстаграм профил кој е во исто рамниште со оние на светски познатите модни инфлуенсерки кои имаат милионски следбеници. Родум е од Струмица, подолг период од животот го има поминато во Скопје, дел во Подгорица, а од пред 12 години е со бугарска адреса, во Софија

Наташа Чадиковска, по професија педијатар, е 50-годишна фамилијарна дама која секојдневно споделува модни комбинации и совети со своите 372 илјади следбеници на Инстаграм. За себе вели дека е оптимист, естетичар и перфекционист, а тоа ќе го забележите уште на прва, а и во секој нејзин нареден моден избор.

Се обидува да го живее животот без предрадуси, па така докажува дека и жена која веќе е во шестата деценија од својот живот може да негува природен изглед и да изгледа врвно кога знае што ѝ прилега.

Токму за стилот, модата и убавината, Чадиковска раскажа во интервјуто за Женски Магазин.

ЖМ: Имате Инстаграм профил од над 370 илјади следбеници посветен на модата, а по професија сте педијатар. Од каде спојување на две вакви различни професии?

- Нема спој. Кога се прселивме во Софија сѐ уште работев како педијатар и многу си ја сакав професијата. Но, склоп на околности, најмногу фактот дека факултетот и специјализацијата не ми се признати во Бугарија, ме наведоа да престанам да практикувам медицина. Љубовта кон фотографијата и модата пак направи моето хоби на Инстаграм да стане нова професија.

ЖМ: Зошто ја сакате модата, што претставува модата за Вас?

- Модата е дефинитивно начин за индивидуална експресија и формирање на идентитетот на повеќе начини. Рефлектира кој си, но и кој сакаш да бидеш. Делува на самоувереноста, дава чувство за припадност, го покажува начинот на живот, верувањата, животните вредности. „Убавото облекување е форма на добри манири” -Том Форд.

ЖМ: Дали се заработува добро од Инстаграм, какво е Вашето видување на инфлуенсерството во споредба со она во Македонија?

- Јас почнав професионално да се занимавам со ова од пред помалку од 2 години, што значи сѐ уште сум некаде на почетокот. Повеќе ми се допаѓа терминот: дигитален креатор од колку инфлуенсер и да, и тука важи правилото колку повеќе работиш и се трудиш има поголема веројатност за заработувачка. Не сум многу запозната со состојбата во Македонија.

ЖМ: Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување, како тој се менуваше низ годините?

- Не сум толку храбра како порано, но дефинитивно сѐ уште сакам да експериментирам со модата. Познато е дека модата е она што излегува на пазарот, а стил е што вие ќе направите со тоа. Би рекла дека мојот стил е интересен, без разлика дали сум облечена спортски, кежуал или елегантно, секогаш има интересен детал.

ЖМ: Омилено парче облека? Во што се чувствувате најудобно?

- Имам многу омилени парчиња, зависно од сезоната. Најудобно се чувствувам во природни материјали, обожавам лен за лето и кашмир за зима, свила за секоја сезона.

ЖМ: Кои безвременски парчиња мора да се наоѓаат во гардероберот на една жена?

- Многу зависи од стилот и професијата на жената, но ако треба генерално да одговорам тоа за есен би било: прав крој фармерки, сиви машки крој панталони, бела кошула која може да се носи во многу прилики, неколку добро структурирани блузи во неутрални бои, кашмирен џемпер на „V“ израз, „мал црн фустан”, сако и мантил за дожд во бежова, црна или камел боја, каиш во две бои, една голема секојдневна и една помала елеганта ташна, бели кожени патики и удобни кондури на мала штикла. Тоа би било капсулна есенска гардероба која многу лесно може да се комбинира и надградува.

ЖМ: Какви модни трендови треба да се следат оваа есен 2023-та година, што е актуелно?

- Трендовите се менуваат секоја сезона и иако сакам да бидам во тек, сѐ повеќе сакам да инвестирам во парчиња кои се безвременски и кои со задоволство ќе ги носам повеќе сезони. Има и трендови кои постојано се повторуваат и убаво е да ги имаш во плакарот. 

ЖМ: Како дама која што изгледа модерно и во след со трендовите кои се Вашите предлози за нашите читателки? Што мора да имааат, какви грешки не смеат да направат дамите во 50-тите години?

- Од актуелните трендови би ги издвоила; струкираните верзии, долгите обемни здолништа и блузите и џемперите со голи рамења. Секоја жена треба да има капсулна гардероба во бои кои ѝ одговараат и можат лесно да се комбинираат и надградуваат. За една жена во 50-тите (и не само) е многу важно да има средена коса и нокти. Тоа е првиот знак дека убаво се грижи за себе. Најважно од сѐ е никогаш да не престане да верува во себе и да се надградува во секој поглед.


ЖМ: Дали преферирате комерцијални или дизајнерски парчиња облека?

- За мене е важно облеката да е квалитетна, затоа имам повеќе дизајнерски парчиња во мојата гардероба. Висок квалитет и ниска цена е ретка комбинација, но понекогаш успевам да најдам и такви парчиња.

ЖМ: Дали поддржувате естетска хирургија или природен изглед?

- Дефинитивно сум поддржувач на природниот изглед. Се восхитувам на жените кои елегантно и природно стареат, но не забораваат да се грижат за кожата и телото. Пример ми се: Наоми Ватс, Хелен Миррен, СЈП, Ел Макферсон и многу жени активни на Инстаграм кои ги рушат табуата и покажуваат дека жената и после 50-тата може да е атрактивна и со стил.

ЖМ: Што е најважно за убавината на една жена?

- Здравјето, внатрешниот мир и позитивната мисла се есенцијални. Жената не треба да заборави да се грижи за убавиот изглед, но тој не зависи само од облеката и изгледот на кожата. Убавината на жената е во тоа што мисли, како се движи, како збрува, што чита…

ЖМ: Како ја одржувате Вашата убавина сега во шестата деценија од животот, по кои принципи за убавина се водите?

- Внимавам на исхраната, но тоа не значи дека сум на диета. Се обидувам сѐ што внесувам да биде органско и сега почнувам да додавам суплементи. Редовно вежбам пилатес и постојано си ветувам дека ќе почнам поредовно да посетувам дерматолог.

ЖМ: Покрај модата, обожавате и да патувате по светот. Кое место Ви оставило најголем впечаток, а на кое пак никогаш не би му се вратиле?

- Сите во семејството сакаме да патуваме и се радуваме заедно на секоја нова авантура. Ме фасцинираат земјите со различна култура од нашата и мислам дека секое патешествие е приказна за себе. Би се вратила повторно на сите места на кои сум била, но животот е краток, а светот е голем.

ЖМ: Мото кое Ве води низ животот.

- Никогаш не е доцна!

*Д.Караташова Илиоска