Македонската публика ја шокира Марија Шерифовиќ
На раскошната сцена се појави облечена во црн костум, зачекори самоуверено како што доликува на вокал од нејзин калибар. По изведбата на првите песни, публиката во преполната сала „Борис Трајковски“ стана на нозе и со целиот глас ја поздрави евровизиската победничка Марија Шерифовиќ.
Пејачката пред секој концерт посочува дека не знае со каква публика ќе се соочи и колку ќе размени позитивна енергија со неа. Но, тоа што го доживеа на синоќешниот концерт сигурно не го очекуваше. Според нејзините реакции, таа доживеа позитивен шок од односот на македонските обожаватели - ги пееја нејзините и стари и нови хитови од почеток до крај. Поточно, голем дел од темите ги остави да ги отпее публиката. Нејзе ѝ остана само да се крсти неколку пати од сето тоа што го доживеа.
Понесена од атмосферата, на сцената повика неколку девојки заедно да ја отпеат победничката евровизиска тема „Молитва“. На нејзиното прашање зошто ја сакаат, едната од нив рече: „Затоа што ги обединувате луѓето со песна.“
Во речиси тричасовниот концерт тоа и се потврди. Обединети со нотите и стиховите создадоа атмосфера која Шерифовиќ долго ќе ја памети.
„Пола месеца“, „Вози ме“, „Знај да знам“, „Део прошлости“„ „Паметна и луда“ одекнуваа во салата. Впечатлив дел од концертот беа соло делниците на темите од „Бол до лудила“ и „У недељу“ на добро уиграниот бенд кој ја следеше.
По концертот Марија во своето видео обраќање истакна дека публиката ја оставила без текст.
- Не знам што да кажам кои планети и комети се споија вечерва. Какви сте вие луѓе, каква е оваа публика, што е ова? Драги дами и господа, беше неверојатно голема чест и задоволство да пејам за сите вас. Ве сакам до бесвест. – посочи таа.
Можеби не е лесно да се остане своја на Балканот. Но на Марија ѝ успеа. Не постои никој кој изгледа, пее и се однесува како Шерифовиќ. А најголем показател дека остана своја се и песните. Со убава мелодиска линија, текстови што „бодат“ до срце и модерни аранжамни. Победа на поп музиката.
Концертот се одржа во рамките на нејзината турнеја „Долази љубав“, со кој ја слави својата турбулентна и интересна 20 годишна кариера. Настанот го организираше „Прагма продукција“.
С.А.Н
Фото: Вангел ТануровскиГАЛЕРИЈА: