Нов предмет „Пазар на хартии од вредност“ ќе се воведе во меѓународната гимназија „Нова“ во Скопјенаменет за проширување на знаењата на средношколците во оваа сфера. Образовната институција и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија денес потпишаа меморандум за соработка кој ќе резултира со дополнителна едукација на средношколците која ќе ја водат стручни лица од комисијата. Во план е соработката во иднина да се прошири и на други полиња, но првиот чекор ќе биде едукацијата на гимназијалците за хартиите од вредност.
„Нова“ досега има потпишано меморандуми за соработка со Италијанската амбасада, со Асоцијацијата на наставници по англиски јазик ЕЛТАМ и со универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
- Стана наша практика учебната година да ја почнеме со потпишување на меморандум за соработка со реномирана институција во земјава. Планираме да продолжиме со тоа темпо и понатаму, а нашата главна заложба е да им понудиме на учениците разновидност, проширување на видиците и едукација која ќе ги направи поподготвени за предизвиците кои им следуваат во животот. Чест и задоволство е што денес потпишуваме меморандум за соработка со Комисијата за хартии од вредност и се надеваме дека покрај воведувањето на овој предмет, нашата колаборација ќе продолжи да се шири и развива и во иднина – истакнуваат од меѓународното училиште „Нова“.
Целта на секоја соработка е да се збогати образованието и училишниот живот на основците и средношколците во „Нова“.