Македонскиот тенисер за кој светот допрва ќе слушне - Амар Хусеиновиќ: “На теренот мора да знаеш како да ги контролираш емоциите“

Добивај вести на Viber

Амар Хусеиновиќ е име за кое допрва ќе слушне светот. Тој е млад, талентиран и неверојатно амбициозен тенисер пред кого претстои голема и блескава кариера. Амар е неколкукратен македонски првак во својата категорија, а е дел и од тимот на сениорската репрезентација. За него, иако досега има  добиено бројни награди и признанија, допрва ќе се слуша. Тој е еден од македонските млади тенисери кои се, и допрва ќе бидат гордост на Македонија котирајќи високо на светската АТП листа. 

Ж.М. Амар Хусеиновиќ е име кое полека но сигурно го освојува светот на тенисот. Од перспектива на тинејџер, како гледаш на успехот кој досега го имаш постигнато?

Јас мислам дека сега допрва почнува најтешката работа. Конкуренцијата во машкиот тенис е голема, но јас сум спремен да тренирам и да се натпреварувам.

Ж.М. Како изгледаа твоите почетоци во тенисот, имаше ли помисли дека ова не е за тебе или пак дека е премногу тешко за да успееш?

Почнав да тренирам тенис на мои 5 години. Искрено, немав сомнежи од типот дали ќе успеам и дали е тешко затоа што знаев дека тенисот е спорт кој бара доста да се вложиш. Со Господ напред, пред се да имам добро здравје, не се сомневам дека со посветеност и работа е можно да постигнам успех, ова е веќе моја професија.

Ж.М. После колку време поминато на терените, навистина го засака тенисот и едвај чекаше да дојде следниот тренинг?

Најверојатно го засакав овој спорт од самиот почеток кога почнав да тренирам. Еве веќе 11 години како тренирам и се натпреварувам.

Ж.М. Какво беше чувството кога прв пат го зема рекетот во рака за да се натпреваруваш со противникот, имаше ли страв, трема...?

Секако. На теренот сум сам, многу работи зависат од мене, немам помош. Морам сам да се изборам со противникот но повеќе пати и со самиот себе. Со годините како тренирам учам и како да ги контролирам емоциите и да се посветам повеќе на самата игра.Тоа мислам дека е и најтешкиот дел во нашиот спорт.

Ж.М. Ти пречи ли што речеси сите твои врсници имаат многу слободно време за дружење, додека ти тоа време го поминуваш на терениот?

Воопшто не ни размислувам на таа тема. Мојот избор е тенисот. Со тенисот многу се патува, речиси сите турнири се надвор од нашата држава. Сите овие години имам патувано низ многу држави и покрај тоа што се натпреваруваме, многу се дружиме, како со нашите тенисери така и со многу други тенисери од целиот свет со кои се запознаваме.

Ж.М. За оние кои досега не се запознаени со сите твои успеси, накратко, што се имаш освоено на само 16 години?

Како најважен успех го сметам 13 место на ранг листа јуниори до 14 години во Европа. Инаку, имам освоено  титули во поединечна категорија, а исто така и во двојки со мојот другар и партнер Филип Стојановски на Европски турнири до 14 /16 години и на Интернационални турнири за Јуниори до 18 години. Повеќекратен државен првак сум до 12 и 14 години. Оваа година станав државен првак во две конкуренции јуниори до 16  и до 18 години. Големо задоволство ми е и што сум повикан во репрезентација за Дејвис куп со нашите најдобри сениори.

 Ж.М. Многу тинејџери кога ќе влезат во 20-тите години се откажуваат од спортот, предвреме се откажуваат од големите успеси, а талентот го ставаат на страна. Што мислиш, зошто е тоа така?

Многу причини можат да бидат зошто се откажуваат од спортот. Јас мислам дека доколку спортистите имаат поголема подршка и подобри услови за тренинзи и работа многу помалку би се откажувале од својата цел.

Ж.М. Дали си почувствувал дека на некој од твоето опркужување можеби му пречи твојта слава, успех... Дали си имал некое лошо искуство?

Не сум почуствувал никогаш. Тенисот e еден од најскапите спортови, ние сме мал број број на деца што се занимаваме натпреварувачки затоа и многу повеќе се подржуваме едни со други. Што се однесува до тенисот тоа е индивидуален спорт повеќе зависи од помошта што ја добиваш од тренерите, родителите, спонзорите... Голема улога во напредокот на еден тенисер имаат и спаринг мечевите за кои сум им благодарен и на нашите сениори кои секогаш кога се во нашата држава се спремни да ни помогнат на нас јуниорите.

Ж.М. Како успеваш да го координираш времето надвор од теренот? Имаш ли време за пријателите, некое хоби, добар филм... ?

Во слободното време сакам да играм игри на компјутер, следам фудбал, кошарка, но бидејќи и немам премногу слободно време, многу ми е битно дел од него да бидам со дедо ми и баба ми и моето пошироко семејство.

Ж.М. Дали професорите, пријателите и семејството имаат разбирање за она на кое си посветен, кој намногу те поддржува и ти е „ветер во грб“?

Без помош од моето семејство се ова би било неизводливо. Имам два тренинга дневно тенис, фитнес, исхрана, физиотерапии за опоравување, тука е и училиштето... Постојано се патува на турнири. Најголема подршка и „ветер во грб“ имам од мојата мајка која има повеќе задолжувања околу мене, таа е главен возач, готвач, психолог... и многу сум и благодарен. Исто така тука се и татко ми и брат ми, без нив се ова би било невозможно. Мојот тренер Круно Деспотовски со кој сум уште од почетоците и кој го чувствувам како дел од семејството. И да, имам подршка  од  класната, професорите  и менторите од Спортската гимназија како и од Тениската Федерација и Агенцијата за Млади и Спорт .

Ж.М. Кој е твојот најголем мотив, од кого црпиш инспирација?

Мотивот и инспирацијата ја црпам од сите луѓе кои овие 11 години ми ја даваат подршката и веруваат во мене. Мојот тренер Круно Деспотовски, мојот физиотерапевт Аријан Селмани, од спонзорите, фитнес тренерите со кои сум работел  во минатото, и сегашниот тренер Бојан Диков, сите тие имаат дел во мојот напредок и досегашен успех.

Ж.М. Какви се твоите желби за во иднина, твоите цели? Има ли точка до која би сакал да стигнеш за да си задоволен или пак број 1 е твојата цел?

Секако мојата цел и желба е да сум број 1 во светот.


Елеонора А.