Македонските одбојкарски репрезентативци за своите наследници: Децата ни пораснаа во сала

Добивај вести на Viber

Доаѓаат на секој натпревар од Европското првенство во одбојка, што се одржува во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во придружба на своите мајки. Децата на македонските репрезентативци се и нивни најголеми фанови. По секој натпревар истрчуваат на теренот да ги прегрнат своите татковци и заедно со нив да ја слават победата.

Капитенот Никола Ѓоргиев е татко на Марија која за месец и пол ќе наполни 5 години и на Викторија ( 2 години и три месеци).

- Доаѓаат на секој мој натпревар во Словенија. Редовни посетители се и на настапите на македонската репрезентација во „ Борис Трајковски“.Со нетрпение ги очекуваат моите натпревари, се радуваат да бидат во сала и да се видат со децата на моите соиграчи. Марија првпат беше на натпревар кога имаше шест месеци,тогаш бев дел од Фридрихсхафен. Исто се случи и со Викторија. Отидовме во Словенија кога имаше три месеци. На шест месци го проследи мојот прв натпревар. Што се вели пораснаа во сала – вели Ѓоргиев и дополнува дека покажуваат големи афинитети кон спортот.

- Дома имаме 20 различни топки. Имаат афинитет кон топка тоа е сигурно. Кој спорт ќе го одберат ќе покаже времето – открива капитенот. Владо Милев исто така е татко на две девојчиња Ника која месецов ќе наполни 8 години и Хелена (4).

- Ника ги следеше моите тренинзи и натпревари пред да наполни една година. Во тој период играв во Кипар. За неа е природно да ме гледа во сала. Покажува голема љубов кон спортот. И помалата ќерка Хелена прв пат беше во сала уште пред да наполни година. Таа сезона играв во Будва, Црна Гора. И двете ја сакаат одбојката, се радуваат на секој поен, победа.Ги следат сите натпревари на нашата репрезентација, а кога се во можност и клубските натпревари. Ника веќе тренира одбојка и за сега има голем интерес за овој спорт. Искрено, тоа многу ме радува бидејќи сама пројави интерес . Хелена е се уште мала и незнам дали и таа ќе има таква желба. Но, со сопругата не сакаме да влијаеме во одлуките на нашите ќерки.Нашата родителска поддршка ќе ја имаат секогаш за што и да се определат во животот – вели Милев.

Филип Деспотовски има син Ерик (7) и ќерка Бианка (3), кои од бебиња биле присутни на неговите натпревари: 

- И двајцата пораснаа во сала. Се радуваат нормално на секој поен иако одбојката бара поголема возраст за да се разбере На ова европско првенство се подготвуваат за натпреварот уште рано изутрина.Повеѓе се среќни дека ќе се видиме и прегрнеме, а одбојката им е во втор план. Тие доаѓаат да ме видат мене.Интерес кон одбојката засега покажува Бианка и се радувам за тоа Ерик е повеќе заинтересиран за кошарка. Иако сум одбојкар,неговиот избор ме прави исто така многу среќен – вели Деспотовски и потенцира дека најголема поддршка му е сопругата Еви.

- Целата спортска кариера, сите натпревари , патувања , карантини и тренинзи немаше да бидат успешни без огромната поддршка на мојата сопруга Еви.Таа е задолжена и за воспитувањето и образованието на нашите деца во овој спортски период – посочува репрезентативецот.

Алексеј (1,5), синот на Александар Љафтов, бил “навивач” уште кога имал неполни два месеци. Присуствувал на последниот натпревар од одбојкарската сезона во Италија.

- Во почетокот не разбираше што се случува и зошто поминува долги часови во сала. Но, сега веќе полека разбира, ракоплеска и едвај чека да го земам на терен. Да, тој е присутен на сите натпреваи од европското до сега. Иако понекогаш му е време за спиење, успева да издржи до крај. Во однос на спортот, сеуште е многу мал. Како и секое дете има интерес за топка, но многу е рано да се каже дека покажува некакви афинитети кон спортот – појаснува репрезентативецот.

С.А.Н

Фото: В.Тануровски и приватна архива