Македонските песни ми се врежаа во срцето: Јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу директно од Токио ексклузивно за Женски Магазин

Добивај вести на Viber

По изведбата на првата верзија на „Македонско девојче“, јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу ја изведе и легендарната песна од Јонче Христовски  – „Ако умрам ил’ загинам“, а потоа и втората верзија на Македонско девојче. Но овие не се негови први изведби на македонски песни, имено пред неколку години токму во Македонија, тој ја изведе песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“.

Видеата кои Котецу ги снима во Токио ги споделува нашиот тенор, Благој Нацоски, близок пријател на јапонскиот пејач кој на фејсбук напиша:

 „Директно од Токио! Мојот драг пријател и колега Казухиро Котецу, голем пријател на Македонија.“

Љубовта на оперскиот музичар започна од гостувањата во Македонија во 2013 и 2014 та година, во Скопје и Битола, кога беа изведени музичките проекти Концерти на јапонски уметници, операта „Ноќен жерав“ од авторот Икума Дан, работена по мотиви на традиционална јапонска бајка, на која Котецу беше режисер.

Со тие концерти, се одбележаа 20 години од билатералните односи меѓу Царството Јапонија и Република Македонија .

Но да започнеме од почеток.

* Господине Котецу, ја снимивте македонската песна „Ако умрам ил загинам“ и треба да признаеме дека звучи неверојатно. Од каде е идејата за снимање на оваа песна?

- Како што ми препорача мојот македонски пријател, Благој Нацоски, го отпеав мојот прв репертоар на македонски песни започнувајќи со „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ во Скопје и Битола во 2013 година. И тогаш, ја слушнав прекрасната песна „Македонско девојче“ на YouTube, барав можност да ја отпеам и конечно ја снимив на YouTube во декември 2020 година. Во тоа време, дознав за Јонче Христовски, чија изведба на „Ако умрам ил загинам“ беше прикажана на Јутјуб, и ме привлече неговата харизма. За среќа, тој имаше иста боја на гласот како мене, со што полесна ми беше изведбата на оваа песна и ја снимив во знак на почит кон него.

* Се работи за една доста емотивна песна од палетата на македонски традиционални изведби. Какви емоции разбуди оваа песна кај Вас?

- „Ако умрам ил загинам“ ја доживеав емотивно.Означува една алка која ги поврзува луѓето едни со други преку пријателството, а не кој каков статус има. Рефренот има една пријателска мелодија што сите сакаат да ја пеат заедно.

* Што мислите за македонската музика и ритамот, посебно што се различни од јапонската, а карактеристични и единствени на овие простори?

- Како што сите препознаваат, македонскиот ритам е неверојатно уникатен. Кога првпат го отпеав, се збунив. Сепак, постепено се радував затоа се повеќе се запознавав со истиот.

Мелодијата е едноставна, со мешавина од моќни емоции и меланхолија и прекрасно води кон јапонско емоционално чувство.

* Колку ви беше тешко да пеете на македонски јазик, дали имавте помош?

- Македонскиот ритам е уникатен предизвик, но јас сум професионален музичар кој може да го освои. Сепак, потешко ми е да читам и разбирам кирилица, затоа што никогаш порано не сум ја читал.Засега, се обидувам да ги разберам зборовите на песните по превод на англиски јазик, сепак, би сакал да ги научам зборовите, кириличната азбука и македонската граматика, чекор по чекор. Постојат многу варијанти на зборови и мелодии на песните, поврзани со различни изведувачи. Бидејќи се работи за народна музика, тешко е за мене да изберам една од нив како моја верзија. Последниов период многу македонски пријатели ми помагаат преку интернет.

* Пред оваа песна, ја снимивте една од најпрепознатливите и можеби најубави македонски песни “Македонско девојче”. Од каде идејата да се изведе токму таа мелодија?

- Искрено, јас едноставно многу ја сакам оваа песна. Ја слушав оваа песна 10 пати без паузи првиот пат. Има мелодија слична на некои јапонски песни кои беа популарни во моето детство. Веројатно, не е репертоар што одговара на оперски пејач, сепак, решив да ја отпеам затоа што многу ја сакам.

* Македонската јавност се сеќава на периодот кога настапивте на сцената на Македонската опера и на сцената во Центарот за култура во Битола. Да ги потсетиме нашите читатели за тоа време и кои беа вашите впечатоци од тие концерти?

- Настапував на некои концерти во Скопје и Битола. Првата година ја отпеав и „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ и првпат видов таков ентузијазам кај публиката, што почувствував колку многу ја сакаат музиката и татковината. Никогаш не ја заборавам радоста што ја почувствував кога настапив тогаш во Македонија, тоа ми се драги спомени.

* Како ви се допадна посетата на Македонија, храната и пијалоците, дали сте посетиле други градови?

- Ми се допаѓа целата македонска кујна. Особено, многу сакам пилешка супа. Ми се допаѓа македонското пиво, а го сакам и македонското вино направено од домашно грозје. Освен Скопје и Битола, го посетив Охрид, споменикот на Филип Втори, итн. Ако имам шанса, би сакал да посетам повеќе места во Македонија.

* Каква е соработката со македонските оперски музичари и воопшто музичарите од нашата земја?

- Изведував опери на Моцарт и Верди во Националната опера и балет. И, исто така, како режисер на сцена со поддршка на јапонски пејачи, во Македонија одржав и први изведби  на јапонски опери меѓу кои Јузуру, како дел од главната програма на Националниот театар за опера и балет, паралелно, организирав многу концерти на македонски уметници во Јапонија. Ние имаме одлична соработка .

* Минатата година заради пандемијата беше многу тешка за сите нас. Како го поминавте тој период и какви последици имаше сето тоа врз операта во Токио. Дали имавте концерти?

- За да го избегнам вирусот, откажав многу настапи во некои опери, а некои концерти беа откажани од продуцентите. Како продуцент на Токиската опера, ги откажав скоро сите опери и концерти по март 2020 година. Некои субвенции беа дадени од владата. Ситуацијата е сè уште многу тешка; сепак, планираме да ги рестартираме перформансите, во ограничен обем, во безбедна област надвор од Токио.

* Каква е состојбата сега во Токио и особено во концертната сцена?

- Постојат многу ограничувања во Новиот национален театар во Токио, како што се откажување на изведбите и посетите на странските уметници, ограничен број на публика, итн. Пандемичната состојба е релативно под контрола досега во Јапонија, сепак, сеуште е непредвидлива.

* Вашиот неверојатен глас, јавноста ќе има можност да го слушне на социјалните мрежи, бидејќи веќе работите на други македонски песни. Кои и како тече процесот на работа?

- Пандемијата беше причина за да започнам да прикажувам перформанси на млади уметници на YouTube. Наскоро на YouTube ќе поставам мои изведби на репертоар од македонски песни, како што се „Си залубив едно моме“, „Кога падна на Пирина“ итн., Но редоследот на поставување сè уште не е фиксиран. Од песните на Јонче Христовски, предвидена ми  е „Ти се колнам“.

* Се надеваме дека Вашата љубов кон Македонија и македонската музика ќе продолжи и во иднина. Дали има некои други македонски песни што би сакале да ги изведете?

- Секако, продолжувам да работам на македонска музика. Споменав неколку македонски песни погоре, всушност, планирам моите помлади јапонски пријатели и колеги, да учествуваат во активноста за презентирање песни од Македонија директно од Јапонија.

Ќе бидат прикажани различни верзии на „Македонско девојче“, не само соло, туку и комбинирани изведби од различни уметници. Предвидени се и соработки помеѓу младата генерација македонски пејачи и јапонски пејачи за YouTube.

Пандемијата спречи повеќе активности и настани низ светот, сепак, треба да вложиме напори да не ги запреме културните активности, неопходни за човекот, целосно со користење на интернетот и други платформи. 

* За крај на ова интервју, нашиот соговорник се заблагодари на читателите на македонски:

Со нетрпение очекувам повторно да ги сретнам македонските пријатели, се надевам за брзо. Благодарам.

После една година пауза заради пандемијата со вирусот, на 27 ми март ќе настапува од сцената на операта во Токио, се разбира во зависност од мерките за заштита, дали тоа ќе биде пред публика или не.

Во меѓувреме ја сними и втората верзија на Македонско девојче, заедно со колешката Шимамура Томоми(сопран).


Неда Маретиќ