Малото ангелче добро закрепнува: Срценцето на Аника е успешно поправено!
Срценцето на малата Аника за која се обедини цела Македонија е поправено.
Оваа радосна вест ја соопштија од Ecrowd, каде пред два месеци преку апел се побара финансиска помош.
„Драги наши голем поздрав од Аника, нејзиното срценце е успешно поправено! Радувајте се и бидете среќни и горди сите Вие кои помогнавте. Само што добивме инфо од мајката на Аника, малото ангелче добро закрепнува по успешно изведената операција“ – пишува во објавата на Фејсбук покрај која има фотографија од малата Аника како си чита книга.
Аника, како што беше соопштено со здравствени проблеми како резултат на вентрикуларен септален дефект се соочува од самото раѓање.„Тоа е вродена срцева мана каде доаѓа до мешање на крвта во коморите на срцето и симптомите за жал најчесто се појавуваат во почетните месеци од животот што е и случај кај малата Аника. Бледилото, бавниот раст, лесното заморување, забрзаното дишење се само еден мал дел од симптомите со кои се соочуваше малата Аника. Оваа интервенција гарантира нормализирање на состојбата, целосно стабилизирање на состојбата и нов нормален живот за малата Аника“ – пишуваа во апелот со цел да се соберат 25 илјади евра.
Сликата на социјалните мрежи е објавена со дозвола на мајката!