Марта А. Томовска, дама што дигитализира влади: Нема граници светот на технологијата

Добивај вести на Viber

Дигитализација на општеството, дигитална доба, е-влада, смарт-градови, он-лајн продажба, сега и он-лајн настава... Последниве две децении, се чини, дигитализацијата е најчесто спомнуваниот процес. Во сиот тој период Марта А.Томовска активно се занимава со овој предизвик на модерното време – на највисоки раководни позиции во приватниот сектор, потоа како министерка за информатичко општество во претходната влада, а сега и како експерт за дигитализација и иновации на ООН, советник на неколку странски компании и  директор на тимот за реформа на јавната администрација и е-влада во кабинетот на премиерката на Србија Ана Брнабиќ. Насмеана и вечен оптимист, ди-џеј во студентските денови и ИТ-експерт денеска, Марта веќе ја гледа иднината, моделирана со технолошкиот напредок. И работи на тоа.

*Ковид-ситуацијата сите нè втурна во забрзано присилно дигитално созревање. Дали е ова еволуциски предизвик – прилагоди се (на дигитализацијата) или згасни?

-Во право сте кога велите дека дигитализијата е една од најактуелните теми на денешницата, која доби уште поголемо значење со пандемијата. Се проценува дека 60% од вработените во првите месеци од кризата работеа онлајн, купувањето храна или лекови преку интернет за многу луѓе беше начин да се преживее за време на долгите полициски часови или самоизолацијата. Државите, пак, мораа сите услуги да ги обезбедуваат преку интернет – дури и административните работи поврзани со раѓањата, венчавките, умирањата… Ако властите до кризата разработуваа сценарија од типот „што ќе се случи ако веб-локацијата или серверот падне?“, сега мораа да ја променат парадигмата и да почнат да размислуваат обратно „што да се прави ако физичка локација, како канцеларија или училиште стане недостапна, т.е падне?“. Тоа предизвика неверојатно забрзување на процесот на дигитална трансформација, во кој и државите и компаниите беа принудени планираните години на технолошки напредок да ги „спакуваат“ во неколку недели или месеци. Дефинитивно сите излеговме од зоната на комфорот, и приватно и професионално... И што се однесува до дигитализацијата, ќе биде голема штета ако не се искористи овој залет.

*Па, до каде сме? Во Македонија, во регионот, во светот?

-Кога ме прашувате до каде сме ние како држава, мојот одговор е - добри сме, ама имаме уште работа. Ние со дигитализација на сите сфери на општеството почнавме многу одамна, пред сите во регионот, и тоа сè уште не држи во кондиција. Имаме солидна покриеност со интернет, најдобра во регионот, имаме добар дел од најважните електронски јавни услуги, дигиталната писменост ни е релативно добра, но по мене, слаби сме во однос на усвојување на новите дигитални бизнис-модели од страна на компаниите. И ова не е препорака, ова е прашање на опстанок - традиционалните мали и средни претпријатија мора под итно да почнат да го дигитализираат своето работење зошто прашање на време е кога ќе пропаднат. Тоа прашање беше актуелно и пред кризата, а кризата само го скрати нивниот рок на траење. Ако погледнете што се случува во Америка со големите трговски ланци како JC Penny, Neiman Marcus, Aldo и уште десетици други, многу е лесно да се собере два и два – тие своите бизнис-модели ги фокусираа исклучиво на физичките продавници, ги запоставија онлајн продавниците, и логично, во текот на претходните два месеци банкротираа. За разлика од нив, Walmart на пример, заради фокусот на електронската трговија, подеднаков како и на физичките продавници, бележи раст во однос на истиот период минатата година. И кога велам дигитализација и воведување на дигитални бизнис модели, не мислам само на е-трговија, мислам на трансформација на бизнисот кој обезбедува помалку физичка интеракција и повеќе автоматизација. И да, иновации. Ама тоа е многу поширока тема...

*Како се случи соработката со српската Влада?  

Српската премиерка Ана Брнабиќ е исклучително прагматична жена. Таа околу себе собра тим на експерти во различни области. Во областа на иновациите, дигитализацијата и е-влада ние бевме многу понапред од Србија, но имаме многу сличен систем, и да не речам исти закони, исти навики, иста традиција. Претпоставувам дека ме препозна како професионалец и експерт. Имам навистина долго искуство, сум водела компании и во приватниот сектор, добро знам како функционира државниот апарат и што значи дигитализација од аспект на креирање политики и имплементација, а имам и работно искуство и одлична соработка со меѓународни институции – и сето тоа на тема дигитализација и иновации. Технологијата е мојата прва љубов, но секојдневно учам, вредна сум, посветена и за мене не постои предизвик кој не можам да го совладам. Таа тоа го препозна, ме покани да се придружам на нејзиниот тим, и ете, соработката, на взаемно задоволство, сè уште трае. Работиме на имплементација на стратегијата за вештачка интелигенција и отвораме цел институт посветен на развојот на оваа технологија, блокчеинот е најбрзо растечката гранка на ИТ технологијата во Србија, државата инвестира милиони во дигиталната трансформација на приватните компании, отворени се четири големи технолошки паркови, се отвораат клубови за отворени иновации, при крај е изградбата на најголемиот дата-центар во регионот, Мајкрософт и други реномирани компании имаат отворено големи научно-истражувачки центри, а ИТ индустријата е најбрзо растечката индустрија во Србија... Драго ми е што сум дел од таа успешна приказна и искрено се надевам дека српската влада ќе продолжи да ја води, зашто во тој случај, сигурна сум, Србија ќе отиде многу брзо, многу далеку.

*Многумина дигитализацијата ja нарекуваат четвртата индустриска револуција. А, за нејзиниот успех е важно и прифаќањето од граѓаните. Какво е? И каква би била паралелата меѓу овие процеси кај нас и во Србија?

Ако еднаш купите нешто преку „Амазон“, вашиот критериум за квалитет на интеракцијата со било која компанија нагло ќе порасне. Истиот квалитет ќе го очекувате и од државата, и од сите други сервисни индустрии. Е-влада, во теорија, а и во пракса, е вид на е-трговија. Нарачувате нешто, на пример документ, или потврда, или дозвола, плаќате или не, во зависност од државата, и чекате да го добиете документот. Исто како да сте нарачале книга од „Амазон“. Сите граѓани кои еднаш купиле нешто преку Интернет, ќе нарачаат и извод од матична книга на родени преку Интернет. Човек многу брзо се навикнува на добро. И кога некоја електронска јавна услуга нема да биде идеална, т.е. нема да го обезбеди истото корисничко искуство како најсовремените електронски продавници кои преку предиктивни анализи и вештачка интелигенција го предвидуваат вашето поведение (дали и кога ќе купите) и ви читаат мисли (дали ви се случило ако помислите на одмор, утредента на Фејсбук да ви излезе банер од плажа?), вие ќе бидете разочарани, и веднаш ќе постирате дека услугата е лоша... А, заборавате дека само пред неколку месеци сте чекале во ред некој документ, сосе бајадера и сто грама кафе, ако не ви побарале нешто повеќе. Одговорните лидери кои имаат намера да ја сузбијат корупцијата, инсистираат на е-влада. Србија вложува многу на оваа тема, и оваа година за прв пат влезе во рангот на земји со највисок индекс на онлајн услуги (Online Service Index), заедно со Естонија, Канада, Велика Британија итн. Индексот на Србија, кој на глобално ниво го мери ООН, е повисок на пример од индексот на Германија и уште 11 други земји членки на Европската Унија и највисок во регионот на Западен Балкан.

*Професионалното портфолио ви е респектирачко. Работите и како советник на ООН и сте вклучена во бордот директори на World Summit Awards, систем за награди кој селектира и промовира локални дигитални иновации. Што е се уште неиновирано во оваа дејност? Има ли граници бесконечниот свет на дигитализацијата?

-Моја тема е иднината. Како да ја ставиме технологијата во функција на подобра иднина, поквалитетен живот, економски развој, отворање на нови работни места, пристап до нови пазари, демократизација на општествата, поквалитетно здравство, образование, подобрена комуникација, поголема мобилност итн... World Summit Awards промовира технолошки иновации развиени од локални компании во 192 земји во светот, кои решаваат локални проблеми и затоа имаат најголем импакт. Неверојатно е чувството кога некоја од тие локални иновации ќе успее и на глобално ниво, а јас и моите колеги сме го препознале  нивниот потенцијал и сме им помогнале од стартапи да станат компании еднорози (unicorns, компании вредни над милијарда долари). Но, освен задоволството, учеството во бордот на директори и во светското жири ми овозможува повеќе од десетина години да го следам развојот на технологијата, но и социјалните и економски прилики во секој дел од светот. Тоа ми дава неверојатно широка перспектива, искуство и знаење кое со пари не може да се купи. И затоа, како одговор на вашето прашање компетентно можам да кажам, нема граници светот на дигитализацијата, зашто сегашноста на развиените земји е иднина на земјите во развој и неразвиените, а иднината на развиените се уште не е дојдена...

*Во светот по #MeToo движењето, родовата застапеност станува се почесто истражувано прашање. Како стоиме ние, жените, во дигиталниот свет? Колку нè има?

-Нè има исто како пред десет години, да не речам стабилно малку. Околу 20% на светско ниво. Дури и во најмоќните технолошки компании, групата GAFAM (Google, Apple, Facebook, Amazon, и Microsoft), просекот е 25%. Со група влијателни жени, меѓу кои и директорката на IBM Канада, пред неколку години, ги истражувавме причините за таквата состојба. Дојдовме до заклучок дека проблемот е повеќеслоен и причините одат од воспитување и традиција, преку перцепција, стереотипи, до практични причини... Ќе набројам неколку примери - прво, девојчињата уште од мали се најчесто воспитувани да бидат „кротки” и попустливи, а момчињата да напаѓаат на прва топка или да вратат најмалку со иста мерка. Во индустрија која е прилично компетитивна, борбеноста и самодовербата се клучни. Понатаму, луѓето најчесто ги доживуваат „компјутерџиите” како сенки кои седат во темница и куцаат на компјутер или пак замастени, со алат, менуваат делови од сервер. Дека никој со никого не комуницира, а на работа не треба ни да се дотераш зошто никој и не те забележува.... значи работната средина се перцепира како неатрактивна. Програмирањето, од друга страна, навистина бара многу концентрација и нема баш некое фиксно работно време, што за мајка со дете е проблем, зошто традиционално, мајките се одговорни за домот и семејството... Дополнително, како и во сите други области, но во оваа највеќе, мора секој ден да се учи зошто секој ден излегуваат нови технологии. Буквално по два три часа дневно, во текот на целата кариера. А за тоа исто треба многу време и многу откажувања. Затоа, она што го гледаме како тренд денеска е дека моќните технолошки компании кои толку брзо се развиваат што имаат потреба да го апсорбираат сиот можен, и машки и женски, човечки потенцијал, применуваат тактики и инвестираат во привлекувањето на жени во технологијата. Тие се обидуваат да направат пријатна работна околина (сетете се на Google), примамливи пакети за вработување со флексибилно работно време, работа од дома, дневни градинки за деца, семејни дружби, фитнес сали, бесплатни обуки, а финансираат и програми за рана едукација на девојчиња (GirlsWhoCode на пр.) за да им го свртат вниманието уште од мали. Интересен е фактот дека и стапката на откажување на младите жени од оваа професија, кога ќе дојде време за семејство, е голема, зошто притисокот е голем. Но, моето искуство е дека таа е најдобрата професија на светот, која со добра организација на животот и времето носи многу повеќе задоволство и успех од било која друга. А да не зборувам за финансиската независност и можноста секогаш да се биде актуелен, компентентен и почитуван.

*Како се изборивте за вака респектирачко професионално си-ви во свет, кој е сè уште – машки? И дали четвртата револуција ги соборува овие родови бастиони?

-Ви благодарам на комплиментот, а и на прашањето. Ја сакам оваа тема и сметам дека е исклучително важна. Важна е заради сите млади, а особено сите млади жени кои имаат намера да се занимаваат со оваа професија. Моето мото во животот е – што е твое, ќе си дојде. Никогаш не сум се борела да бидам директор, ниту министер, ниту советник на премиер на странска држава, ниту пак меѓународен експерт и респектиран говорник на најпрестижните светски технолошки настани. Ете, деновиве, бев гостин на Harvard Business Review и MIT Technology Review и зборував за иднината на дигиталните влади, потоа на панел организиран од ООН и во жири за избор на најдобра мала или средна компанија во светот од областа на вештачката интелигенција. И никој не се зачуди од каде доаѓам и не им беше важно дали сум маж или жена. За нив сум Марта, која е компетентна и подготвена да сподели знаење. Луѓето, и кога зборуваме за работен ангажман, знаат да го препознаат квалитетот. А, квалитетот доаѓа со многу работа, посветеност, отвореност за нови знаења и можности. Секој ден носи нови можности, а јас со задоволство ги прифаќам. Свесна сум дека „тоа што денес ме довело до тука, утре нема да ме одведе до таму”. Без разлика дали се работи за маж или жена и без разлика на професијата. Така, мојата порака до сите девојки и жени е да дадат се од себе и да се докажат како професионалци и како квалитетни личности, и потоа да уживаат во привилегијата дека се жени. Особено во ИТ индустријата, каде успешните жени се посебно ценети и почитувани токму заради тоа што се дел од „fight club“-от.

*Нешто сосема лично – се буди ли во вас некогаш ди џеј-от од студентските денови?

-Не некогаш, туку секој ден. Со музика станувам и легнувам, а често кога сум сама знам да пуштам гласна музика и да се заиграм. На таа моја „професија” сум посебно горда и понекогаш кога се претставувам - се разбира ако е приликата неформална или полуформална, ја споделувам и таа информација од мојата биографија и ги „купувам“ луѓето за пет минути. Не знам зошто, ова сум го тестирала многу пати, ама луѓето веројатно ги забораваат сите мои професионални титули, се опуштаат и дружбата или соработката ни оди како подмачкана... Така, и ден-денеска сум ди-џеј на сите журки со пријатели, и во Скопје и во Белград. Посебно изминатиов период, кога повеќе се дружевме по дома. Зависник од технологија и музика, ете тоа сум јас...

Јасна Франговска