Ме давеше Сузана Спасовска, Кили ме шокираше со својата изјава за дрогата: Новинарот Љубчо Алексовски откри детали од неговата кариера

Добивај вести на Viber

Повеќе од 4 децении го негува пишаниот збор, ја пренесува информацијата до граѓаните. Новинарот Љубчо Алексовски има голема историја на несекојдневни случки зад себе, спомени кои ќе ги раскажува на внуците, моменти за паметење.  Долгогодишниот новинар зборува и за денешното новинарство, за колегите, за тоа колку е променета колегијалноста од некогаш и сега. 

Неколку денови од својата богата новинарска кариера Алексовски сподели и со читателите на Женски магазин. Тој во оваа интервју зборува за новинарството, за својата работа, за идните планови но и отворено зборува за македонската естрада и ги сподели најинтересните ситуации што му се случиле во неговата 40 годишна кариера, настани за кои ден денес се зборува.


* Колку години е новинар Љубчо Алексовски?

- Со мали прекини, речиси 40 години. Како денес да беше, се сеќавам, кога со мојот добар пријател Мартин Матевски, чиј татко, познатиот поет Матеја Матевски, тогаш беше директор на Македонската радио телевизија, наполнивме еден вистински куфер, од оние најголемите во тоа време, со винилни плочи, и се упативме во правец на Радио Скопје, каде требаше да не примат како музички соработници. Имавме проблеми на влезот, бидејќи не знаеа чуварите што има во куферот. Отидовме на разговор кај Ѓоко Ѓеоргиев, тогаш  единствен водител на забавни емисии на Радио Скопје, го отворивме куферот, плочите се истурија на подот, Ѓоко само се прекрсти, и ни кажа, дојдете во петок на снимање.

И, така почна мојата љубов со радиото, потоа продолжи со телевизијата, па со весниниците, и сега со интернет порталите. Но првата професионална новинарска љубов, радиото,  како медиум, нема заборав.  Оној момент, кога влегуваш во студио, седнуваш пред микрофонот, сам,  ги забораваш сите проблеми, а од другата страна знаеш дека со нетрпение те чекаат илјадници слушатели, кои лично не ги гледаш, но потсвесно го чувствуваш нивното присуство. Те очекуваат да го чујат твојот глас, очекуваат да ги слушнат своите омилени песни или директно да се јават во програма, јас длабоко  вдишувам и почнувам, „Добар ви ден драги слушатели, бидете и денеска со добра мисла, чисто срце и ведро расположени, бидејќи, запомнете, ова не е реприза на вашите животи, ова е вашата премиера.  Ве сака сите вас, вашиот водител Љубчо Алексовски“.  И, шоуто може да почне. Тие моменти се бесценети. И, ден денес ме контактираат моите верни радио пријатели, особено, пријателки , кои имаат сега кој знае по колку години, и  знаат да бидат искрени, и ми велат дека  го слушале Радио 2 едноставно затоа што биле вљубени во мојот глас.  Е, тука е магијата на радиото. Да ги освоиш слушателите само со својот глас, како да се додворуваш на некоја убава девојка, и да ги натераш да ти се обратат искрено како на некој најсакан и најблизок, кој преку радиото влегол во нивните домови.


* Каде имате работено?

- Веќе спомнав,  почнав во Македонското радио, на Првата програма, најпрво како соработник во „Три Гонга“, кај Ѓоко Ѓоргиев, дефинитивно најкултната емисија во историјата на радиото кај нас. Но, Ѓоко беше малку со  чудни музички афинитети. Јас му носам сингл плоча, на чија А страна е  хитот број еден во Велика Британија, во тој момент,  а тој ми вели, дај пушти ми ја Б страната. Јас ја пуштам, тој слуша внимателно, започнува една баладична песна, со прекрасен текст, убави хармонии, и како гром од ведро небо паѓа наредба, одиме со баладата во програма.  Џабе ти бил сиот  труд  да го добиеш најновиот хит, кога мерка за хит е господинот Ѓеоргиев. Но, добро, поради тоа се префрлив во Втората програма, кај Гордана Ѓеоргиева, во емисијата „Студио 5“ која беше спротивност на Ѓоко и ги пушташе во емисија навистина најдобрите хитови. Таа дури ми даде да си имам едно свое музичко катче во емисијата од десеттина минути кое сам си го уредував. Некаде 1978 година, добив понуда од Првата програма на радиото да ја уредувам и водам тогаш многу популарната емисија „Одберете си мелодија на неделата“. Тогаш, во тоа време, сега можеби ќе звучи чудно, но не можеше секој да застане пред микрофон и да води своја емисија, како што тоа е денеска. Требаше да снимиш пробна емисија, таа да помине низ ушите на уредничкиот колегиум на Радио Скопје, и доколку се добие зелено светло од сите тие стари „волци“, дури тогаш можат да настапат твоите пет минути. Јас ги искористив, една година ја работев емисијата, добив пофалби од сите страни, дури и од тогашниот неделник „ЕКРАН“, и кога се подготвував за нови проекти, добив повик за служење на воениот рок.

По враќањето од војска, настана тој период на пауза од новинарството од неколку години, што поради запишување на факултет, што поради вработувањето во Министерството за внатрешни работи како инспектор. Но, секое зло за добро. Некаде 1989 година во мене се јавува повторно поривот на радио новинарството.  Втората програма на Македонското радио собра навистина извонредни водители, како еден Љупчо Димитровски, Љупчо Јолевски, Љупчо Бубо Каров( Радио Урнебес), Драган Б. Костиќ, Васја Ивановски, Јасна Франговска, Игор Џамбазов, Џина Папас Џокси. Ништо не можеше да ме спречи покрај тројца Љупчовци да не дојде и четвртиот, тоест јас. Ниту работата во МВР. Можам за вашиот магазин ексклузивно да кажам дека во историјата на МВР,  никогаш не се случило, еден инспектор, покрај редовните инспекторски работи, да најде време и да биде радио и телевизиски новинар. И, тоа траеше цели 14 години, до 2003. Си наликував тогаш на Доктор Џекил и Мистер Хајд, човек со две лица.За сите тие години во живо водев над 2000 емисии, кои отидоа во в(етер)  како хонорарен соработник, после Драган Б. Костиќ, најдолговечен хонорарец во оваа куќа. Уредник бев и водител на популарните емисии „Викенд Пајтон“, „Ноќна смена“ и  „Фолк парламент“.Во 1995 и 1996, заедно со весникот „Вечер“ и колешката Сузана Стефановска, бев организатор на изборот на најпопуларните изведувачи и композиции од областа на фолк музиката, „Фолк Мегдан“ кој беше емитуван на Македонската радио телевизија.

Од 1996 до 1999 година уредник и водител на ноќната програма „Ноќна смена“ на една од првите приватни телевизии Макспот телевизија, емисија која започнуваше во 23 часот и траеше се до раните утрински часови.(прашајте го некогаш  Игор Џамбазов, кој ми беше гостин во една таква емисија, тој си замина, дојдоа нови гости, и потоа Игор ми кажува, А, бе човече, ти не си нормален, јас си дојдов дома, погледав од твојата програма, сум задремал, се будам, кога гледам, Љубчо уште тера и не запира!),  Во таа ноќна програма, која траеше се додека гледачите се јавуваа директно во живо, продефилираа тогаш најзначајните имиња на поп и рок сцената, од групата „Октавијан“, Искра Трпева, па се до Тоше Проески, кој првите три спота ги направи токму во оваа телевизија.

Од 2003 па се до денес, автор и водител на емисијата „Евергрин клуб“ на локалната гевгелиска телевизија „ТВ Нова 12“


* Најинтересно/чудно/несекојдневно ваше интервју?

- Без конкуренција, гостувањето во „Ноќна смена“ на МС телевизија, на Кирил Поп Христов. За да не разберат читателите, тоа се случува во средината на 90-те години на минатиот век., кога дрогата сеуште беше табу тема во нашето општество. Почнува емисијата, вообичаени прашања за кариерата, за глумата и онака, за животот. И, како и обично, вториот дел од емисијата резервитран за вклучувања на гледачите  директно во програма. Се оди како што треба, кога еден од гледачите го прашува Кили, дали се дрогира?. И, Кили, како што го дал господ, како од топ одговара, Па, да човече, се дрогирам, а зошто да не, пушам само марихуана, за да не поминам на хероин. Го гледам уредникот од онаа страна на стаклото, менува бои на лицето како семафор. Кили продолжува во исто темпо, еден гледач го прашува, дали би му дал на својот брат да пуши марихуана, и отсечно вели да, мој пријателе, би му дал, затоа што „марата“ не е штетна, штетни се појаките дроги,  и затоа би го советувал да остане на марихуана. Се јави еден познат психијатар и му вели, Кили, зошто така зборуваш и даваш лош пример на младата генерација. Кирил и за него има изненадување, па му одговара, професоре, дајте ве молам не ги лажете децата, кажете им дека марихуаната не е штетна, поштетни се цигарите кои содржат катран и останати штетни материи. Професорот замолче. Замислете, Кили му држи лекција на психијатар на малите екрани пред толкав аудиториум. Страшна емисија беше тоа, за која и ден денес се раскажува.


* Зошто баш новинарство?  Дали би го препорчале на младите генерации како професија со која може да се живее солиден живот и зошто го препорачувате?

- Тоа е едноставно хемија , кога еднаш ќе те зграпчи, новинарството не те пушта. Знаеш, доколку еден ден не напишам некој текст, не направам некое интервју, или не снимам некоја емисија, тоа за мене е изгубен ден. Се чувствувам некако празен,онака  како кога некоја девојка ќе те остави, а ти патиш за неа. Тоа е тоа. Не би го препорачал на младите доколку не му се посветат 102,5 посто, ако немаат енергија да ги издржат и добрите и лошите денови, доколку не се подготвени да бидат новинари 24 часа, цел ден си на работа и едноставно немаш понекогаш слободно време.  Ако се младите подготвени за вакво нешто, тогаш најтопло би им го препорачал новинарството. Знаеш како велам јас, новинарството не е работа, тоа е позив и љубов, нема во него место за големи зборови и тежнеење кон голема некоја цел. Тоа ти е како рудник, во кој влегуваш насмеан, а излегуваш со потечени очи, уморен, блед, размачкан по лицето и со нечисти раце, и повторно наоѓаш сила да се насмееш за добро направената работа. Младите забележувам дека се помалку сакаат да бидат новинари, што поради ниските примања, што поради тоа што сакаат да заработат пари на некој полесен начин. Но, не е се во парите, нели. Затоа би го препорачал од се срце на сите млади кои имаат енергија, ентузијазам и амбиција да влијаат на јавноста и да известуваат што е можно пообјективно за се она што се случува во општеството. Ако уживаат да пишуваат нешто што има порака во себе и да му  дадат субјективен печат на некоја објективна работа.

Можеби со својата работа, новинарите не може да го променат светот, но барем можат да се променат себе си. Новинарите имаат моќ затоа што влијаат на јавноста и затоа имаат одговорност да известуваат што е можно пообјективно во истата јавност.

* Новинарството низ годините, собено во бумот на технологијата се смени? Споделете со нас ваше искуство како се одвиваше новинарството во минатото  во 90-тите, во 2000-тата, како денес?

- Дефинитивно, може да кажам дека технологијата го „уби“ радиото, како што се вели во една песна „Video killed a radio star“. Но, јас лично, како романтичен тип, сакам да го помнам радиото, како „кутија во која живеат луѓе кои зборуваат и пеат“, како што си го замислував кога бев помалечок. Шегата на страна, кога станав радио водител, таму некаде на крајот на 70-те, па се таму до средината на деведесеттите години, радиото го доживуваше своето златно време и беше во експанзија, далеку пред сите други медиуми. Брз во информацијата, близок и непосреден до слушателите, драг гостин во домовите. Исто беше и со весниците. Луѓето се врзуваа за новинарите, им веруваа зошто беа објективни, имаа своја персоналност,  водителите на програмите беа главни ѕвезди, луѓето им пишуваа писма, се јавуваа на телефони.  Има голема разлика од новинарството некогаш и сега. Некогаш, како почетник новинар, прво гледаш како работат или пишуваат поискусните новинари, се обидуваш да „украдеш“ некоја  финта од нив , потоа те праќаат да им купиш четврт бурек и јогурт, па кога успешно  ќе ги поминеш тие епизоди, добиваш некоја задача. А, тогаш, за да напишеш  вест на машина за пишување, требаше да поминеш километри и километри додека дојдеш до информацијата. А, видете сега, седнуваш зад компјутерот, „гуглаш“ на него неколку минути и текстот веќе е готов. Да не зборувам сега за некои „новинари“ кои ни тоа не го прават, туку земаат вести од разни портали, ги преџвакуваат, или едноставно прават само copy paste.


* Радио, телевизија, весници, интернет портали? Кое според вас е вистинско реално новинарство?

- Прво, да бидеме начисто, реално и објективно новинарство денес дефинитивно нема. „Реалноста“ за жал денес повеќе зависи од газдата на медиумот, отколку  од новинарот.  Не е важно дали си во радио, на телевизија, во весник или на интернет портал. А, ако ме прашуваш за вистинското новинарство, и тоа го има се помалку, иако го има, понекаде и на сите овие спомнати медиуми. Радијата, за жал, се претворија во музички „џубокси“ кои помеѓу две песни и 10 минути реклами, пласираат информации од типот во кој ресторант се направила камен пијана Ким Кардишјан. На телевизијата, освен политички препукувања и турски серии, ретко ќе налеташ на некоја убава репортажа или документарна приказна  од реалниот живот. Весниците го печатат она што го напишале интернет порталите, а тие, порталите се натпреваруваат кој ќе објави побрзо од другите некоја сензационалистичка вест или пак некоја политичка  афера. А имам пари, ко што немам, и да сум помлад, ко што не сум, би направил радио, ама со големо Р. Со сите нишани, со програмска шема во која ќе има место и за музика, и за информација, и за истражувачко новинарство, и за репортажа, за детска програма, за ноќна програма, за едукативни емисии. Ма, што ти зборам, едноставно би направил „copy paste“ на моето некогашно „Радио 2000“. Вистинско Ретро Радио. Дефинитивно, радиото е најбрзо, најточно и најпогодно за следење, затоа што можеш да го слушаш на секаде и во кое било време, без да треба да седнеш специјално и да гледаш телевизија, да читаш весник или да сурфаш на интернет. Знаеш како велеа порано,„работел, не работел, ти работи радиото“.

* Од ваше долгогодишно искуство кои јавни личности најмногу соработувале со новинарите, а кои отсекогаш избегнувале транспарентност?

- Секоја јавна личност си е приказна за себе. Ако им треба реклама, веднаш сами се јавуваат, без ти да ги бараш. Види, кај нас е тешко да се правиш ѕвезда и да си недостапен, како на запад. На секого му треба публицитет. Од лично искуство, најнедостапни се градоначалниците и нормално, министрите. Еве, сега, во време на корона кризата и на прагот на сезонскиот грип, сакам да дознам дали се набавени вакцините  и кога ќе почне вакцинацијата. Се утепав ѕвонејќи во Министерството за здравство, но таму штама. Никој не се јавува. Најдостапни, пак од лично искуство се музичарите, освен двајца. Едниот е Владо Јаневски, кој,  западниот стил на глумење  голема ѕвезда, сака да го примени и во нашата мала Македонија, а  не сака да разбере дека секој за секого, овде во Македонија, знае се. Втората личност, што ми е многу криво е Аки Рахимовски, пејачот на „Парни Ваљак„,инаку, мој другар од детството. Иако се знаеме повеќе од 40 години, секогаш кога ќе му се јавам за разговор, вели, чуј Љупче, прво да ја прашам мојата менаџерка за односи со јавноста. А, јас сочно ќе му спомнам се по список и ќе му спуштам телефон. И, затоа, верувала или не, со Аки немам направено ниту едно интервју. Иако би можел роман да напишам за него , неговата кариера и неговиот  музички пат од скопската група „Торр“ до загребскиот состав „Парни Ваљак“. А, кој знае, добро ме потсети, може и да го направам тоа еден ден.


* Случка која цел живот ќе ја паметите, ќе ја раскажувате на внуци?

- За среќа внуците во денешно време се навраќаат и слушаат се повеќе музика од времето на 70-те и 80-те години, кога навистина се создаваше вистинска музика, без да ми се навредат и внуците и помладата генерација. Тогаш музиката имаше душа, а сега се е електроника и борба за пари.

А, би ти раскажал не една туку три, кратки случки кои остануваат во левата преткомора на моето срце засекогаш. Првата зборува за Џокси, кој за време на една ноќна програма која ја правев од еден ресторант, влегува за да ми биде гостин во живо. И, кафеана ко кафеана, во ноќните часови се пее и се пие, не се читаат книги. Половина гости под гас, а Џокси доаѓа до микрофонот и ни едно ни две вели се е овде пиано. Јас се стаписав, и за да ја извадам ситуацијата, го надополнувам и му велам, да Џокси сите се овде крај пианото, кое пак навистина го имаше во еден агол. А, замисли еден од гостите во програмата ми беше тогашниот директор на Радио Скопје Слободан Чашуле. За среќа, тој не слушна ништо и затоа не заработивме никаква казна. Втората е интервјуто со Сузана Спасовска за МС телевизија. Тогаш таа поминуваше низ еден за неа турболентен период од нејзиниот живот. И така, почнува разговорот, си муабетиме за се и сешто, и одеднаш, изнервирана од едно мое прашање околу нејзиниот приватен живот, Сузе национале станува од фотељата, доаѓа до мене, ме фаќа за врат и почнува да ме дави. Давител против давител, ситуација, притрча камерманот, па не раздели. Дали продолжи емисијата. Па да, таа ја сврте ситуацијата демек  на шега. И трета случка која кај мене остави најдлабока трага е една Ноќна програма на радио 2. Беше тоа времето кога се распаѓаше тогашна Југославија. Тогаш, во Скопје и Македонија имаше многу мешани бракови, на воените лица од тогашна ЈНА. Голем дел од тие фамилии имаа деца кои тука, во Македонија си учеа, се забавуваа и се вљубуваа. И, доаѓа спогодбата меѓу нашето раководство и ЈНА, сите воени лица да ја напуштат Македонија. Ги отворив телефоните, и верувај ми, тоа беше најтешката и најтрауматична емисија која било когаш сум ја направил.Телефоните ѕвонеа без прекин, и во живо се јавуваа тие млади деца кои требаше за ден два да си заминат од Македонија, да се разделат од своите другари и од своите девојки или дечковци. Буквално плачеа во програма и не сака да се помират со фактот што заминуваат засекогаш и целиот нивен дотогашен живот се распаѓа како кула од карти. Срце да ти се кине, не знам и како ја завршив програмата.  


* Од ваше искуство дали новинарите меѓусебно си помагаат или има доза на егоистичност?

- Во мое време постоеше таква колегијалност, помагање и разменување на искуства. Ние, помладите учевме од постарите, ги прашувавме за совет, не се срамевме да побараме помош во некоја ситуација. А, денес, во помалите македонски градови, зборувам овде долу за југоистокот, локалните и регионални новинари си помагаат едни со други, па дури си испраќаме и прилози, се разбира кога тие прилози веќе биле емитувани на телевизијата во која работи новинарот. Во големите медиумски куќи, колку што знам е малку поинаку, има егоизам и нарцисоидност на квадрат.

* Како го поминувате времето сега?

- Еднаш новинар, секогаш новинар. Дури и кога работев како портпарол на градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов, јас работев новинарство, комуницирав со медиумите, испраќав соопштенија за јавноста, пишував деманти, уредував општински билтен. Сега си работам на локалната телевизија ТВ Нова 12, со прекрасни колеги, се јавувам секој четврток на „моето“ Радио 2 со извештај за се она што се случува во Гевгелија, пишувам книга „Гевгелија за почетници“ во која ќе има 100 работи што треба да ги знаете пред да дојдете во овој најјужен крај. А, по таа книга во план е да напишам книга и  за  „моето“ Скопје.


Наталија Миланова