Ме мотивираат успешни приказни кои ми покажуваат дека сѐ е можно: Утринско кафе со Сања Савеска

Добивај вести на Viber

Утрата се секогаш убави кога започнуваат во мир и спокој со себеси. Затоа сакам да станам пред сите и да уживам сама, во тишината и звуците на природата, со голема шолја топло турско кафе, и мирисот на цвеќето околу мене. Кафето го пијам со книга во другата рака. Моменталниот ангажман во мојата телевизија ми дозволува денот да започне токму така, пополека. Тишината која утрото ја има е непроценлив дар, затоа никогаш не сакам да го преспијам, па од секогаш сум ранобудник. Но претходно, додека бев дел од утринската програма, овие моменти на утрински спокој ги прескокнував, бидејки динамиката на работа започнуваше во 6 наутро па ритуалот кафе во тишина го имав само за викенд. Сега утрата се мирни, но затоа остатокот од денот е во константно трчање по информација.


Ме мотивираат успешни приказни, со среќен крај, кои ми покажуваат дека сѐ е можно. Луѓе кои сакаат искрено и никогаш не се откажуваат од својот сон. Луѓе кои се борат со своите проблеми, но имаат сила да помогнат и на другите околу нив. Ме мотивираат добри и чесни луѓе, кои не потпаднале под ничие влијание и сами се борат за себе и својата иднина. Поддршката која ја добивам од семејството е мојот ветар во грб, моите родители се секогаш тука со својот збор да ме мотивраат да продолжувам и да се борам против сите препреки. Но најголемата мотивација се моите внуци Матеја и Михаил, кои со своите насмевки и жар во очите, секојдневно ме потсетуваат која е смислата на животот.


Убавината во новинарството е што никогаш не знаеш што денот ќе ти сервира. Кога мислиш дека  ќе помине “лабаво”, ќе се случи настан кој ќе направи денот да прелета со брзина на светлината. Плановите ретко одат по план, па се препуштам на случувањата и на одлуките на уредниците во ТВ24, од кои за оваа работа добивам максимална поддршка и помош. Известување од терен, информирање за сѐ што околу нас се случува и пренесување на најважните вести до гледачите е релативно нова обврска за мене, но морам да признаам дека се пронајдов и вистински уживам во овој сектор. Пандемијата со коронавирусот која го зафати светот и Македонија, за нас новинарите е вистински предизвик, се наоѓаме постојано на првата линија, за да допреме до населението и да преку информирањето се избориме против овој опасен вирус. За цело време, додека сите се во своите домови, ние сме на терен, и навистина е тешко да се информира за луѓе кои поминуваат пекол и за жал за бројки на изгубени животи. Затоа уште од самиот почеток апелираме на почитување на мерките и поголема одговорност од сите нас. Оваа војна против невидлив непријател, не е воопшто поразлича од останатите војни, и тука не знаеме кој ќе настрада доколку соодветно не е заштитен.


Со крајот на дневникот завршува мојот активен работен ден, што не значи дека работата останува во редакција, следењето на настаните и пронаоѓање можни теми за работа се постојано дел од оваа професија. Слободното време го поминувам во прошетка и разговори со моето момче, Томи, со кого и ми завршува секој ден. Тој е дел од мојот живот, моја поддршка и сила кога се чуствувам слаба. Сакаме прошетки и мир, па често знаеме долго да пешачиме и да отидеме негде настрана далеку од градскиот метеж да испиеме кафе (затоа што јас сум голема кафеџика, и во секое време од денот ми се пие кафе). Во моментов друг избор немаме, социјалната дистанца ја почитуваме, тој како доктор е строг во тој поглед и внимателен. Во нормални околности сакаме да отидеме и на театарски претстави, искрено се надевам дека за бргу културата ќе се врати во секојдневниот живот.


Дефинитивно од филм и книги одбирам книги, многу книги. Не поминува плата а да не потрошам пари на нови наслови. Неодамна морав да ја преуредам мојата соба, за да направам доволно место за книгите, кои освен што сакам да ги читам и уживам во секој збор, сакам и да ги подредувам по автори и тематики. Живеам со ликовите во книгите и буквално ги сметам за свој пријатели, бидејќи од сите нив добивам многу мудрости за животот. Знам и да им пишам на авторите на книгите и со нив да поразговарам за делата и вистински сум среќна што одговараат на пораките и што се достапни за читателите.


* Сања Савеска - новинар во ТВ24*


Можеби ќе ве интересира:

Сања Савеска: Без љубов ништо во животот не успева