Медиумите треба да внимаваат да не западнат во замката со употреба на формулациите како „крвава гозба“, „крвав поход“: Емилија Петреска-Камењарова комуниколог
Убиството на девет лица од страна на малолетник во Белград, како и наредното убиство што го изврши млад човек во близина на Младеновац, го потресоа целиот регион. Човечки е сите да имаме свој емоционален одговор на овие настани.
Според Емилија Петреска-Камењарова комуниколог, неминовно е да се концентрираме на рационалниот одговор, за секој од нас да ја одигра својата улога во превенирање на можноста од вакви ситуации во иднина.
-Сите фактори кои учествуваат во социјализацијата на децата треба сериозно да го преразгледаат начинот на кој ја реализираат својата улога во овој процес. За медиумите тоа би значело да постапуваат крајно професионално, особено од аспект на заштитата на малолетниците од програми кои можат штетно да влијаат на нивниот развој, и од аспект на придржувањето до професионалните новинарски стандарди при известувањето. Сакам да потсетам дека заштитата на малолетниците од програми кои можат да му наштатат на нивниот психички, физички и морален развој е процес во кој три страни имаат своја улога – регулаторното тело, телевизиите и услугите за видео по барање, како и родителите. Како регулатор кој е надлежен за телевизиите, радијата и аудиовизуелните медиумски услуги по барање, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одамна ги има обезбедено критериумите за класификација и категоризација на програмите, знаците со кои се означува за која возраст се соодветни тие, како и периодите во кои треба да се емитуваат. Сето тоа е објавено во Правилникот за заштита на малолетните лица – вели Емилија Петреска-Камењарова и дополнува:
-Медиумите треба внимателно да ги прегледуваат и означуваат своите програми и да ги емитуваат во периоди од денот кои се соодветни за таа категорија програма, и тоа и во премиерното и во репризното прикажување. Притоа, значајно е да водат сметка за тоа во колкава мера е присутно насилството и на каков начин е прикажано.
Според неа, родителите треба сериозно да ги сфатат предупредувањата во врска со возрасната група за која е наменета одредена програма и да бидат подготвени да разговараат со своите деца за тоа што значи содржината што ја виделе. И ова последново важи не само за содржините кои ќе ги видат на телевизија, туку (особено) за содржините до кои доаѓаат преку интернет, без оглед дали станува збор за филм, серија, видеа од инфлуенсери, видео игри или каква било друга содржина.
-Она што треба да се постигне во овој процес е да се избегне нормализацијата на насилството како одговор на проблемите со кои, во одреден момент, се соочува секоја млада индивидуа.
Но, медиумите исто така треба да внимаваат да не доведат до нормализација на насилството и преку своето известување во вестите кои, поради слободата на информирање и изразување, не се предмет на класификација туку за нив важат првилата за новинарска професионалност. Ова, меѓу другото, значи внимателно да ја проверуваат веродостојноста на информациите и нивниот извор бидејќи, само затоа што друг медиум објавил некоја информација, не значи дека таа е точна и дека изворот од којшто произлегува е релевантен. Треба да внимаваат да не западнат во замката на сензационалистичко информирање, а со употреба на формулациите како „крвав пир“, „крвава гозба“, „крвав поход“ и слични, тешко дека се постигнува тоа – посочува комуникологот.
Освен ова, важат и препораките од Правилникот за заштита на малолетните лица дека, при известувањето за насилство, медиумите, во рамки на својата независна уредничка политика, треба да направат одговорна проценка за неопходноста на деталите кои ги пренесуваат.
-Доколку одлучат да објават содржини кои можат да ги вознемират малолетниците, нив треба да ги најават со предупредувачки коментар од водителот/новинарот и да ги проследат со „новинарски и/или стручен коментар кој ќе овозможи објективност на информативната перспектива“. Исто така, нужно треба да имаат предвид дека кога известуваат за малолетници кои се сторители, сведоци или жртви на кривични дела, треба да внимаваат „да не објавуваат описи, детали, сцени или какви било информации што можат на директен или индиректен начин да укажат на нивниот идентитет“, заклучува Емилија Петреска-Камењарова.
(С.А.Н)