Меган и Хари од денес – официјално без кралските титули

„Овде веќе нема да нè гледате, но нашата работа продолжува“, објавија принцот Хари и Меган Маркл синоќа на нивниот кралски профил на Инстаграм, во пресрет на идниот цивилен живот без кралски титули. Од денес тие и официјално не се членови на кралското семејство со нивните титули и обврски. Со синоќешната објава се простија и од својот кралски профил на Инстаграм, каде што беа следени од 11 милиони луѓе.

-Отвораме ново поглавје во нашите животи и сакаме да придонесеме во светот на некој поинаков начин. Веруваме дека секој има потенцијал да направи промена во светот. Ви благодариме за поддршката, инспирацијата и ангажманот во настојувањата и вие самите да го направите светот подобро место за живот. Се радуваме на некоја нова прилика. Бевте прекрасни, чувајте се себеси и вашите блиски – напишаа Хари и Меган во нивната проштална порака.

Од утре тие ќе мораат сами да се издржуваат и не ќе смеат да ги користат кралските титули. Со одлуката на кралицата Елизабета, не ќе можат да ја користат ни придавката „кралски“ за своите брендови.Сепак, кралицата, наспроти сè, истакна дека тие секогаш ќе бидат сакани членови на семејството и дека ќе присуствуваат на големите кралски собири и настани.

На почетокот на годинава Хари и Меган ја напуштија Велика Британија, па по периодот поминат во Ванкувер, во Канада, сега се преселија во Лос Анџелес. Британските медиуми пишуваат дека Меган таму ќе се обиде да ја обнови својата актерска кариера, која ја напушти кога стана член на британското кралско семејство. 

СAД нема да плаќа за безбедносната заштита на Хари и Меган: твитна Доналд Трамп