Ми дојде на свирка, по неполна година се зедовме: Љубовната приказна на Наташа Малинкова
Со сопругот веќе 18 години е во брак. Вели дека секогаш наздравуваат со иста мисла, колку бргу им лета времето и затоа максимално уживаат во заедничките моменти
Пејачката Наташа Малинкова и нејзиниот животен партнер Кире се запознале во ноќен клуб во Кавадарци во периодот кога таа имала редовни настапи со групата „Багаж“.
- Во истиот момент почувствувавме хемија, почнавме да излегуваме и по неполна година одлучивме врската да ја официјализирме. По една година се роди нашата прва ќерка Султана, а дури една деценија подоцна ја добивме и Емилија - ни откри Малинкова.
Сопругот на Наташа потекнува од музичко семејство. Во адолесцентните години бил диџеј и затоа има разбирање за нејзината кариера.
- Знае што е добро, а што не за мене, но секогаш остава јас да ја дадам конечната одлука. Не ми замерува на провокативните фотосесии. Еротиката продава, а тој нема предрасуди на оваа тема - ни раскажа пејачката.
Семејниот бизнис беше причина Наташа никогаш да не го напушти родното Кавадарци, но воопшто не ѝ пречи што кариерата ја гради од внатрешноста.
- Си го сакам родниот крај, тоа е едно преубаво место за живеење. Народот е гостопримлив и топол, лесно функционирам тука, а сум на само сто километри од главниот град - вели Малинкова.
Ѓ.С.