Случаи како Радовишкото насилство можат да завршат со фемицид: Бунтевска со предупредување до пратениците да изгласаат законски измени

Поетесата Ана Бунтевска, која е меѓу другото и жесток поборник за женските права во државава, се огласи во врска со случајот на насилство врз бремена жена од нејзиниот сопруг од Радовиш, но кој не може да се гони по службена должност бидејќи за тоа не се изгласани потребните законски измени, а жената одбива да поднесе кривична пријава.
„Добро утро пратеници. Извинете вака рано оти и јас ич не сакам кога ме будат пред 10 дури сум на одмор, ама чисто да ве информирам дека се дораспаѓаме. Ако не знаете (пак ќе речам, разбирам дека човек кога е на одмор не треба да се замара со ништо, ама ова е итно) имаме едно говедо од Радовиш кое ја тепаше жената со која живее (се вели дека е и бремена) и за кој се знае дека не му е првпат да малтретира партнерка. Е сега, проблемот е дека не сте го усвоиле предлогот за измена на законот, со кој, по службена должност ќе се гони семејното насилство (читајте, да скапе стоката во затвор), без да треба согласност од жртвата. Дали знаете дека многу жртви не ја даваат истата, заради "кога ќе излезам од затвор, ќе видиш ти" ? Дали знаете дека немајќи таква измена во законот е исто како да има насилникот "амин" да продолжи таму каде што застанал, оти таквите секогаш знаат како психолошки да делуваат со закани врз жртвата? Или во превод, давате амин и на фемицид.
Туку...еве имаме (ние неважните) еден предлог. Како би било да се довлечкате на работните места за кои ве гласавме и за кое ве плаќаме, па да се фатите за работа и да не биде "државава гори, пратениците се чешлаат", м? Ќе одмарате кога ќе сработите доволно (кога ќе се уморите де) и тоа во корист на вашиот народ“, пишува поетесата Бунтевска на својот фејсбук профил.