Мирковски: Без продукцијата на МРТВ културата во Македонија излезе од колосек

Добивај вести на Viber

Јавните и културни институции кои беа градени со децении или беа целосно уништени со транзицијата или пак беа запоставени во поглед на финансиска поддршка и промоција. Македонската радио телевизија некогаш беше ризница на домашното производство на музика, серии, филмови, како и на плејада на уметници, музичари, актери и секако новинарски пера. Урнисувањето на МРТВ систематски и во континутет предизвика пад на квалитетот во медиумите, а културната сцена никогаш повеќе не го врати препознатливиот сјај. Сега, познатиот композитор и аранжер Љупчо Мирковски прави последни обиди за обрнување на внимание за овој децениски проблем со надеж дека работите може да се сменат. Македонската публика заслужува оживување на препознатливите институции како Биг бенд оркестарот, оркестрите на народна и забавна музика, а секако и на култивирање на медиумски и уметнички кадри.

МРТ некогаш беше главна медиумска но, и културна институција која создаваше како новинарски така и уметнички кадри. Тој сјај го нема веќе со години и тоа не е ништо ново. Дали сѐ уште имате надеж дека може да се подобрат работите во националниот сервис со возобновување на музичката продукција како и на оркестрите и хоровите?

МирковскиМРТ е сериозен радиодифузен јавен сервис на кој во последните 15-тина години му се случуваа несреќни и брзи комбинации на смена на директори и главни уредници.МРТ имаше извонредно квалитетни вработени во сите свои сектори но, за жал не наидуваа на разбирање со раководствата и си заминуваа во други медиуми. Музичката продукција и оркестрите не ги уништи актуелното раководство кое дури во 2012 и го возобнови Скопскиот фестивал и фестивалот Цветници, дури и тие оркестри свиреа и на фестивалите Макфест и Валандово, но за жал радоста кратко траеше заради (најверојатно) неможност за вработување на музичарите туку на хонорарна основа, а тоа не може да функционира. Музичката продукција е стожер на музичката култура во Македонија и сѐ уште сум оптимист дека ќе се возобноват.

*Биг бендот беше препознатлива институција за "Прва". Во нормални држави телевизиските мрежи се гордеат со децениските традиции на Биг бендовите кои се дел од главните ток шоуа без оглед што денес музичките стилови се многу сменети, овие институции го покажуваат континуитетот, културната и музичка историја и традиција. Како ние ги уништивме овие институции?

Мирковски:На тогашното раководство веројатно му беше наложено да го намали бројот на вработени во МРТ и најлесно им се виде да почнат од оркестрите како „не толку важни сектори”. На местата на оние кои заминаа во пензија или починаа, немаше нови вработувања и малце по малце, останаа толку малку музичари што едноставно не можеа да функционираат оркестрите. Замислете фудбалски тим кој наместо 11 има само 4 фудбалери.

*Вашето отворено писмо доби голема поддршка во јавноста, па очекувате ли овој пат надлежните институции конечно да ги вратат дел од оркестрите и хоровите во МРТ и како тоа би функционирало?

Мирковски:Очекувам најнапред некој надлежен да ме повика и да му ја објаснам ситуацијата и важноста на оркестрите, студијата и музичките продуценти во музичката продукција и веднаш да се превземат чекори за вработување на млади музичари кои сѐ уште ги има кај нас за формирање на сите оркестри. Сѐ уште верувам дека има свест за важноста на музичката продукција и оркестрите. Има уште стручни луѓе што знаат како тоа треба да се организира и да профункционира под капата на МРТ како јавен сервис.

*Може да се забележи дека веќе со години немаме поп сцена, македонската музика не е тренд за младата публика која на YouTube е опседната претежно со музика од регионот, а после Тоше не сме имале мега ѕвезда на музичкото небо. Дојде ли до генерациски јаз помеѓу композиторите, продуцентите и текстописците и младите автори кои треба да имаат соодветна поддршка како од продукциите така и од медиумите за да можеме да кажеме дека имаме некаква поп сцена и музичко влијание?

МирковскиНе би рекол дека има генерациски јаз туку дека немајќи музичка продукција на МРТ за да им го покаже патот на младите автори тие самите талкаат по музичките стилови што едноставно се надвор од вкусот на нашата публика и самата публика кога нема нешто свое квалитетно , слуша било што.Тоа се одрази лошо и на авторите и на медиумите и на публиката но и на младата генерација слушатели. Постои опасност да ја изгубиме и музиката а и јазикот кој се помалку го има на медиумите слушајки се друго освен своето.

*Несомнено вашата богата кариера со бројни дела и соработки со оркестри и музичари ќе остане забележана. Дали работите на пренесување на знаењето на помладите генерации, тие кои треба да бидат ваши наследници?

МирковскиСакам пред сѐ да нагласам дека мојата борба за враќање на музичката продукција и оркестрите не се темели на никаква лична корист затоа што имам уште многу малку време до пензионирање. Сакам само да дадам придонес за правилно насочување и опстојување на музичарите кои се извонредни и кои за жал почнаа да си го бараат чарето надвор од земјата. Се обидувам но, за жал најдобра едукација е преку јавниот сервис. Ние порано имавме секоја втора сабота аудиции за пејачи на кои им дававме можност да се појават на сцената. Имавме бројни концерти во живо со млади и познати пејачи. Јас направив концерт на кој учествуваа најпознатите пејачи но, со сменети улоги-народњаците пееа забавни песни и обратно. Направив концерт за спас на музичката продукција на кој учествуваа 100 музичари и пејачи без никаков надомест. Но, тоа може да се направи еднаш самостојно. Кога би постоела Музичката продукција во МРТ со сите свои сегменти целосната музичка култура во земјата ќе се врати на колосекот по кој правилно треба да се движи.

Х.С.