„Мишко го одгледав, му дадов шанса да си оди, не сака, се враќа повторно кај мене“: Ленче од Гевгелија за необичниот гостин кој ја поминал зимата во нејзиниот дом
Ленче Алексовска од Гевгелија е жената која периодов е популарна на социјалните мрежи откако сподели фотографии во друштво на необичен гостин. Всушност станува збор за штркот Мишко. Тоа е штркот на кој му помогнала и кој очигледно ја засакал, па останал кај неа.
„Мишко го одгледав, му дадов шанса да си оди, не сака, се враќа повторно кај мене“, стои во описот на фотографиите, објавени на јавната социјална група „Миленичиња“.
Видеа од Мишко кога бил многу мал, Ленче ги споделила на социјалните мрежи.
„Мишко успешно ја помина зимата, добро нахранет благодарение на едни добри луѓе кои од нивната месара редовно го снабдуваа со храна, тој претчувствува дека следниот месец ќе дојдат штрковите, ама дали ќе сака и тој да замине“, стои во опис на видеото објавено минатиот месец.
„Лено, да ги пратиш сликиве со твојава животна приказна со Мишко на National Geographic. Задолжително. Колку љубов грее, колку топлина тлее меѓу вас двајца. Ве обожавам“, „Твој си е, чувај го и гледај го како и до сега тој ве одбрал вас, вие сте му се сега, имате необичен уникатен миленик, бидете среќни, а Мишко се гледа дека ужива. Браво“, „Ова е најинтересното селфи. Мишко убав, се приврзат за вас, осетил убав живот“, „Ако бил мал кога сте го спасиле, сега вас ве доживува како мајка и како семејство“, се дел од коментарите за фотографиите и приказната на Ленче со Мишко.
Инаку штркот е птица која често се населува на територијата на нашата земја. Штрковите имаат големи гнезда, најчесто на уличните бандери или покрај место каде што ќе имаат лесно достапна храна како жаби, бубачки.
Фото: Фејсбук профил Ленче Алексовска/ Фејсбук група „Миленици“