Млада почина од рак на дојка, борбата за превенција на Марија Бунда продолжува преку нејзиниот инстаграм профил: „Нејзиното искуство ќе мотивира други жени да се грижат за своето здравје“
Повеќе од една година откако не успеа да се избори против ракот на дојка. Младата докторка Марија Бунда Калпак, која до последен здив се бореше со оваа болест, беше инспирација за многу девојки кои храбро се борат со рак на дојка.
Марија беше личност која многумина ја паметат не само по нејзината стручност, туку и по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух, кој носеше ведрина, мотивација и инспирација да се пребродат дури и најтешките животни предизвици. И покрај голготата низ која поминуваше, секогаш умееше да најде време да се сврти кон другите - да помогне, да поддржи, да едуцира, да сподели искуства. Отворено зборуваше за својата борба со надеж дека нејзиното искуство ќе мотивира други жени да се грижат за своето здравје.
„Ако мојата приказна ги поттикне жените на било која возраст да прават редовни прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта“, изјави Марија во едно интервју.
Марија неуморно ја истакнуваше важноста на превенцијата, почнувајќи од самопрегледи на дојките, па сè до специјализирани прегледи како ехо на дојки и мамографија. Преку своите едукативни објави, споделуваше корисни информации за болеста и даваше поддршка на сите кои минуваат низ истиот предизвик. Нејзината храброст и отвореност инспирираше многу жени повеќе да се грижат за своето здравје и да преземат мерки за рано откривање на болеста.
Затоа, во нејзина чест за да се продолжи иницијативата што ја започна Марија и на таков начин и понатаму да продолжи да се пренесува нејзината мисија за подигнување на свесноста за ракот на дојка.
Инстаграм профилот @m_checkyourboobs ќе биде платформата каде ќе се споделуваат сите активности и настани поврзани со оваа иницијатива, како и едукативна содржина за превенција na рак на дојка. Марија беше креатор на овој интересен истовремено мотивирачки слоган кој и понатаму повикува на акција.
Па така во пресрет на месец октомври – месецот посветен на борба против рак на дојка ќе биде организирана и донаторска акција. Оваа акција ќе биде активна од почеток на месец октомври и ќе трае сѐ до 3 ноември - роденденот на Марија, ден кој ќе потсетува на нејзината насмевка и ведар лик, и истовремено ќе повикува да сме активни, свесни и дејствуваме во розовиот месец октомври.
Во донаторската акција ќе може да се придонесе и учествува на повеќе начини: преку платформата ecrowd.mk каде е активна кампања за донации https://ecrowd.mk/projects/ca3cc8f4-db3b-4d44-8705-506b03d180ed, преку директни донации на трансакциската сметка од здружението кое го формиравме 210-077963230154, НЛБ банка како и со повици на телефонските броеви на Телеком 143 143 и А1 143 442.
„Со собраните средства од спроведената акција за почеток имаме две цели и тоа: првата е да се набават ваучери за перики, протези и други помагала кои им се неопходни на пациентките со оваа дијагноза, коиќе бидат донирани на Клиниката за онкологија и радиотерапија, а втората цел е со собраните средства да се обезбедат бесплатни прегледи за eхо на дојки и мамографија во дел од приватните клиники“, велат од иницијативата.
„Целта ми е да ја издигнам свеста за навремено откривање, па така секој еден преглед што ќе го поттикнам е голема среќа за мене” - Марија
„Нејзината цел отсега е и наша цел! Оваа иницијатива не завршува тука, ќе остане активна во тек на целата година, а секој октомври ќе одржуваме традиционална донаторска акција, со надеж дека ќе се поттикне што поголема свесност за превенција на оваа болест. Отворени сме за сите предлози, идеи и придонеси од секој кој сака да се приклучи кон иницијативата и здружението кое го формиравме во чест на нашата Марија. Можете да нѐ контактирате на breastcancermk@gmail.com“, велат од иницијативата.
Бев до пеколот и назад: Марија (28) има рак на дојка, раскажува за нејзината борба и ја подига свеста за редовен самопреглед