Модата под будното око на Женски магазин: Кои македонски дизајнери ги облекоа познатите балкански и светски ѕвезди во последните пет години?
Пет години будно ја следиме модата и сведочиме за стилските случувања на познатите, и оние помалку познати, а вредни за нашето внимание.
Од секојдневната, „улична“ мода, до најголемите и светски модни случувања - Женски магазин отвори еден сосема нов прозорец за поглед кон модата каде заедно со вас, нашите читатели, ги проследуваме сите трендови, модни погодоци, но и утки на нашите, балканските и светски познатите ѕвезди.
Во модниот фокус, овојпат на пиедестал ќе ги искачеме оние најзаслужните за модата - тоа се секако дизајнерите, нашите, македонски дизајнери кои имаат долгогодишни успешни кариери, но за овие последни пет години, колку што постои Женски магазин, достигнаа нови модни врвови.
Во морето дизајнери, ги бираме оние чии креации успеаја да бидат забележани од окото на балканската и светска јавност.
Денес, вниманието нескромно го насочуваме кон македонските дизајнери кои облекоа познати балкански и светски ѕвезди во последните пет години.
Од светски познатите Џенифер Лопез, Ева Лонгорија, Бијонсе, Ријана, до балканските музички имиња Северина, Јелена Карлеуша - следниве македонските дизајнери се истакнаа во светот на модата, привлекувајќи го вниманието на овие звучни имиња кои посакаа да бидат облечени во нивни креации.
*Тони Матичевски - дизајнер со македонско потекло кој во Австралија со семејството се преселил во седумдесетите години и е дел од стилските избори на многу светски познати дами.
Во 2018 година, светски познатата актерка Пенелопе Круз, блесна на доделувањето на традиционалните награди „Бамби“ во Берлин, во креација на Тони Матичевски.
Станува збор за таканаречениот фламенко фустан, дизајн на Матичевски, кој е модел на црн фустан со едно рамо кој освен со светкавиот крој се истакнува по асиметричниот долен дел.
Во истата крација на Матичевски, во 2019 година, заблеска и актерката Ева Лонгорија, појавувајќи се на премиера во Мајами.
Меѓу светските ѕвезди кои носеле креации на Матичевски е и Џенифер Лопез. Таа на настанот „Жените во Холивуд“ се појави во црно асиметрично здолниште, розов сатенски топ преку кој имаше стилизирана машна во крем боја. Медиумите веднаш се запрашаа кој стои зад вакво необично издание. Креацијата на Џеј Ло е токму на македонскиот дизајнер Матичевски.
„Да, моето македонско потекло има влијание, и во создавањето на било која колекција се инспирирам од етно-традицијата во Македонија и нејзината околина. За жал, сега не сум многу упатен во модната сцена во Македонија и во поранешна Југославија. Општ впечаток на луѓето од светскиот моден бизнис е дека Балканот е поднебје на многу креативни луѓе чиј талент не е доволно разбран и искористен “, изјави дизајнерот во интервју за престижниот „Ел“.
И Бијонсе носеше фустан од нашиот дизајнер Матичевски.
Подоцна, неговите модели ги носеа и Ким Кардашијан, Хеиди Клум, Кристен Стјуард, и многу други ѕвезди.
*Евгенија Зафировска - млада македонска дизајнерка, која години наназад живее и работи во Словенија под брендот „EZ“ со посебен акцент на одржлива и етичка мода.
Токму нејзина креација беше одбрана за една рекламна кампања чие заштитно лице во 2020 година беше балканската музичка ѕвезда Северина.
*Златко Јовановски - македонскиот дизајнер познат како JZJ имаше голема чест да облече две од најголемите балкански музички имиња - Цеца и Јелена Карлеуша.
Како што изјави за Женски магазин дизајнерот Јовановски, за него била особена чест што балканската ѕвезда Цеца Ражнатовиќ одбрала да носи токму негова креација, и да ја претстави на концерт пред огромната публика која ја гледа, а тогаш пејачката буквално блескаше во извајаниот комбинезон од Џеј Зи Џеј, кој го истакна најдоброто од неа.
Нешто подоцна, во 2022 година, дизајнерот се пофали дека соработка остварил и со единствената - Јелена Карлеуша. Тогаш со уште поголем ентузијазам, македонскиот дизајнер се пофали и дека Карлеуша одбрала да носи негова креација.
Но соработката меѓу нив двајца не застана овде, Џеј Зи Џеј (JZJ) по втор пат ја облече Јелена Карлеуша - овојпат за нејзиниот 44. роденден, годинава, кога таа роденденската креација му ја довери нему.
*Ивана Кнез - добропозната модна дизајнерка која ги руши модните предрасуди во смелоста, дизајнот, естетиката на овие простори веќе долго време.
Од оваа наша истакната дизајнерка, првата дама на Хрватска, во две прилики одбра да носи накит кој е нејзина креација.
Првата хрватска дама носеше уникатно парче накит, ѓердан кој го потпишува токму нашата Ивана Кнез, а списанието „Глориа“ на вистински начин го опиша, како моден погодок и совршено надополнување на целосниот стајлинг на Сања Мусиќ Милановиќ.
За неколку месеци, првата дама на Хрватска, по втор пат одлучи да носи накит од нашата македонска дизајнерка, Ивана Кнез, овојпат за насловната страница на магазинот „Глориа“.
За оваа прилика, првата дама на Хрватска го носи масивниот бисерен ѓердан - парче кое е во фокусот на оваа модна приказна.
Во оваа модно патување со Женски магазин, вреди да го споменеме и македонскиот дизајнер Марјан Пејоски чијашто креација остана цврсто запишана во историјата на светската мода - станува збор за фустанот лебед на Бjорк од Оскарите во 2001 година, со потпис од македонскиот дизајнер Марјан Пејоски, кој стана иконски - па и 20 години подоцна, тој сè уште се памети како највпечатливото нешто таа ноќ на Оскарите.
Од тогаш, дизајните на Пејоски ги носеле ѕвезди со светска слава меѓу кои Рита Ора, Сијара, Кање Вест, Мајли Сајрус, Деми Ловато, Ријана, Бијонсе и други.
Нашиот дизајнер Никола Ефтимов исто така може да се пофали со значајни соработки на глобално ниво, меѓу кои и со генијалниот уметник R.O Flinn.
Дизајни на македонските дизајнери Лидија Георгиева, Росица Мршиќ, Јована Филиповиќ и други, исто така биле промовирани во едиторијали за светски и престижни модни магазини, и ќе останат запаметени како промотори на македонскиот моден дизајн во светската модна индустрија.
*Р.Ж.М