МОЈА НАЈГОЛЕМА СРЕЌА Е ШТО ПОСТОЈАНО СОЗДАВАМ НОВИ РАБОТИ: ИНТЕРВЈУ СО ЏИЈАН ЕМИН
Џијан Емин ја започнал музичката кариера со ансамблот Проект ЖЛУСТ и ДНО, паралелно соработувал со рок-групата „Архангел“, Бодан Арсовски, Кирил Џајковски, Тони Китановски и бил дел од многу други музички групи и проекти со светски познати музичари добитници на Оскар, Греми како што се А.Р.Рахман, Малколм Бурн, Френк Лондон, Боб Стјуарт. Вработен како прв хорнист на Македонската филхармонија и во поново време често ангажиран како диригент, истовремено тој работи и како композитор, аранжер и оркестратор. Поважни негови музички настапи се: концертите „Скопје за Боуви“ и „Пинк Флојд“ во рамките на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“; музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ (заедно со Дерик Меј и со Македонската филхармонија); настапот со Белградскиот симфониски оркестар и со Хуан Аткинс; концертот „Париз, те сакам“; мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“ и последниот настап во Градски парк оваа година со Феми Кути и Македонската филхармонија. Продолжение на успешната приказна на Џијан Емин и Огнен Узуновски Оги од продукциската куќа „Излет Мјузик“, која започна во 2014 година со спектакуларен концерт на пионерот на техно сцената Derrick May и која ја преселија во Гент (Белгија), Париз, Ница и Мец (Франција), Детроит (САД) и Мелбурн (Австралија), продолжи и ова лето, а овој пат на сцената со Juan Atkins.
* Вие сте мултиталентиран музичар, свирите на повеќе инструменти, а Вашите музички почетоци се врзани за повеќе еминенти состави од нашата земја и странство. Дали може да се навратиме на тие времиња, раскажете ни го мотивот и она што беше пресудно да влезете во музичката индустрија?
- Со музика се занимавам цел живот. Претпоставувам животот бил добар кон мене, можеби и јас кон него и така некако работите се случуваа по некој природен пат, без многу долгорочни планови и некакви посебни желби. Секако се чувствувам почестен на вниманието кое го добивам во поново време и сум многу среќен што имав прилика да работам со прекрасни луѓе и врвни музичари во текот на моето созревање од кои научив многу за музиката и за животот воопшто. Терминот музичка индустрија звучи малку грубо во мојата глава бидејќи сметам дека се занимаваме со уметност или барем се трудиме (се смее). Тоа секако не значи дека музиката која ја правам е само за одредена публика, напротив многу сум среќен што имав прилика во изминатиов период да работам на големи хибридни проекти кои спојуваат симфониски оркестар со електронска, џез, афробит и поп-рок музика. На овие настани продефилира публика од најразличен профил и од најразлични возрасти. Во овој контекст ме радува фактот што на некој начин помагаме и во едукација на публиката. Како последен пример ќе го земам концертот со Феми Кути во Градскиот парк Скопје, каде имаше публика која уживаше на концертот, а голем дел од нив никогаш не слушнала за овој извонреден музичар од Африка, Нигерија, кој воедно има и една номинација за Греми награда.
* Вашата кариера како диригент на Македонската филхармонија ја одбележаа музички настапи како „Скопје за Боуви“ и „Пинк Флојд“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ заедно со Дерик Меј, концертот со Феми Кути, како и мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“. Какво беше Вашето искуство врзано за овие настани кои беа новитет за македонската публика, па по нивното одржување долго време се зборуваше за музичкото доживување што го предизвикаа?
-Секој настан има своја посебна тежина најмногу поради тоа што сите овие проекти се различни од жанровски аспект. Се работи за различна музика; популарна во случајот со Дејвид Боуви или Пинк Флојд, електронска во случајот со Дерик Меј и Хуан Аткинс, афробит со Феми Кути, џез со ЗЏМ, …а многу често сум и сам композитор на музиката што се изведува како што беше случајот со „Neuland Sensorium“ или на мојот авторски електро-акустичен концерт кој се случи оваа година во април во соработка со ЗЏМ и Македонската филхармонија каде што публиката имаше прилика да слушне нова музика со уште покомплексна естетика и мешање на разни жанрови и стилови. За мене како музичар е најголема среќа што постојано работам различни и нови работи. Тоа ме мотивира и на некој начин ме обврзува секој нареден проект да биде уште подобар од претходниот. Не можам да кажам дали успевам во тоа, но се трудам од срце.
* Ова лето, бевме сведоци на уште еден музички спектакл - Хуан Аткинс и Македонска филхармонија во Античкиот театар во Охрид, во соработка со Излет Мјузик Продакшн и Огнен Узуновски Оги. Како започна приказната со Излет Мјузик и пријателството со Огнен, кое создаде нов бран на љубители на електронската музика и вроди со уште поголема љубов кон интересниот спој на електронски и класични звуци?
-Оги е човек кој долги години се грижи за промовирање на светската електронска музичка сцена во Македонија и е голем поборник за достојното урбано живеење и задржување на здравиот дух кај луѓето. Станавме големи пријатели уште на првата средба и нашата заедничка енергија е во постојан пораст. Тој ме воведе во светот на електронската музика на вистински начин, посочувајќи ги вистинските вредности. За дружбата да стане уште посилна, основавме продуцентска куќа Излет Мјузик и започнавме со реализација на сега веќе очигледно неверојатни проекти кои имавме прилика да ги претставиме низ цел свет и кои наидоа на многу позитивна критика во светски рамки. Јас имав прилика да диригирам со сериозни светски оркестри и бевме дел од високи професионални продукции. Од пред некое време проектот со Дерик Меј е под закрила на една сериозна агенција за класична музика „Харисон Парот“ од Лондон, која има специјализиран оддел за ваков тип хибридни проекти. Добро е чувството да се биде дел во друштвото со великаните на музиката како што се Квинси Џоунс, Стјуарт Копланд, Карл Крег, Трој Милер…и покрај најсериозните композитори на современа музика и диригенти како Кшиштоф Пендерецки, Џон Адамс, Владимир Ашкенази….и многу други светски познати солисти и диригенти. Сакав да кажам да не беше пријателството со Оги овие работи немаше да се случат (се смее).
* Од каде идејата за годинешниов концерт во Антички Театар, Охрид? Како се одвиваше селекцијата на музиката, пробите со Филхармонија, целиот сет-ап и какви се емоциите врзани за овој спектакл?
- По концертот со Дерик Меј пред 4 години, со Оги направиме листа на желби со кои музички уметници би било добро да направиме заеднички проекти. Хуан Аткинс беше меѓу првите на таа листа најмногу поради фактот што тој го носи епитетот ОРИГИНАТОР и има огромно значење во поставувањето на темелите на се она што денес се вика електронска музика. Покрај тоа, музиката која ја има направено е повеќе од фантастична и инспиративна која отвара многу врати и идеи каде можам да го користам богатиот избор на звуци и бои со кои располага еден симфониски оркестар. Пробите течеа во најдобар ред, Хуан беше многу среќен.. јас бев најсреќен (се смее).
* Дали се исполнија Вашите очекувања за овој настан? Кој Ви е најгордиот спомен од 2-ри август?
- Овој концерт беше посебен бидејќи се случува во Македонија, во Охрид, каде имаме наша публика која знае да биде многу строга во критиката. За настанот да биде уште покомплексен јас си ја натоварив улогата и на тон мајстор на концертот со желба за постигнување вистински баланс на оркестарските делници и елетрониката. Се чувствував активен и корисен на самиот настап. Најгорд сум на оркестарските музичари кои отсвириа фантастично и успеаа да го подигнат професионалното ниво. Предизвикот беше голем бидејќи имавме тонска проба пред самиот настап, а тоа е многу ризично за ваков техничко продукциски проект. Многу ми е драго што се излезе добро.
* На кои други изминати проекти во поново време сте особено горди?
- Драги ми се сите концерти каде изведувам своја музика, убави настапите со ЗЏМ биг бендот, прекрасното искуство со Феми Кути.. Секако настапите со Хуан, Дерик.. Не можам да издвојам еден или неколку. Сите ми се драги.
* Париз, Детроит, Мелбурн, Белград, Охрид, па Грузија... Какви настани Ве очекуваат во наредниот период?
- На 23ти август имаме концерт со Хуан во Грузија на еден огромен фестивал на електронска музика ECHOWAVES со сериозен избор на светски актуелни електронски музичари, каде ќе настапиме заедно со националниот симфониски оркестар на Грузија. Потоа на 13 септември заедно со Македонската филхармонија патуваме во Белград каде ќе имаме концерт со Феми Кути кој ќе биде исто како во Скопје под отворено небо и очекувам голем одзив од публиката. Би сакал во наредниот период да се посветам на студиска работа со цел снимените материјали од изминатиов период да бидат документирани на носач на звук. Ќе следат нови соработки со врвни имиња од светската музичка сцена со надеж дека ќе постигнеме уште поквалитетна продукција на сите нивоа.