Мојата сопруга ја сакам сè повеќе секој ден: Ексклузивно новогодишно интервју со Ламбе Алабаковски
Веќе пет години е во Америка и е не музички активен, барем не пред публика, а јавноста никогаш не загубила интерес за него. Ламбе Алабаковски, уште нè грее со своите песни, „Врати ми го срцето“,„Море од солзи“, а ниту еден Божиќ на радио станиците не поминува без неговата „Да не те љубев“. Ламбе, откако со сопругата Магдалена и со синот Михаил се пресели во САД, се посвети на приватен бизнис, и вели дека музиката не му фали, затоа што е дел од него. Во Америка, Алабаковски заминаа како трочлено семејство, и пред осум месеци станаа четиричлено, приказната ја заокружи нивниот втор син Димитриј. Ламбе во ексклузивното интервју за Женски магазин зборува за животот во Америка, за љубовта кон сопругата Магдалена и сето она што му недостасува од дома.
* Откако со Магдалена и со Михаил кој беше роден кога заминавте во САД, луѓето а малку знаат за тебе, каде точно живеете, што работите?
-Најпрвин би сакал да ја поздравам мојата публика, пријатели и сите останати! Многумина ме прашуваат за музиката и мојата кариера, ќе кажам само дека сето тоа е ставено во мирување но не е сосема напуштено, ние сме фамилјарно и сега опкружени со песна! Веќе петта година сме со мојата сопруга Магдалена во САД, тука живееме. Да поправам некои дезинформации дека не живееме во Флорида, ние сме во Детроит. Мои добри пријатели живеат во Флорида па ние често сме таму како и на топлите краишта од овој континент и претпоставувам дека сте помислиле живееме таму по објавените фотографии. Работам како транспорт оператор со своја мала фирма, а сопругата е прво добра и грижлива мајка а во слободно време се занимава со нејзината професија како медицински кодер на софтвер. Многу ми помогнаа нејзините на самиот почеток тука да се навикнам на промените.
Можам слободно да кажам едно дека можеби сум овде физички присутен но срцето и душата ми се во Македонија!
* Какви се луѓето таму, има ли некои сличности со нашиот менталитет, имате ли блиски пријатели ?
-Тука луѓето навистина немаат време и многу работат. Можеби сега со пандемијата повеќето работат од дома па фала му на Бога ете им можност да се со ближните почесто, инаку не е така! Стекнав нови познанства и пријатели и многу научив од престојот тука. Во оваа земја живеат буквално луѓе од целиот свет па има што да се види и да се научи, различностите се ценат и се почитуваат. Многу е поразлично од кај нас и од Балканот, но би сакал и така различно да остане бидејќи тоа е и убавината во различниот менталитет и во културите.
* Колку направија Михаил и Димитриј, какви деца се,што најмногу сакате да правите заедно?
- Михаил направи 6 години а Димитриј има 8 месеци. Михаил сака разни игри поврзани со адреналин, по природа и е доста активно дете, музикален е, но срамежлив засега, посетуваше неколку Христијански градинки и кампови (бидејќи тука во скоро сите цркви има школо од најмала возраст, некои и до осмо одделение.)Димитриј е многу радосно бебе, исто така овие денови сè помалку се спие и одмaра особено сега кога има први запчиња.
* Успевате ли Магдалена и ти да најдете време за вас двајца, се согласуваш ли дека љубовта во бракот треба особено да се негува? Можеш да кажеш дека ја сакаш како првиот ден?
- Мојата сопруга ја сакам сè повеќе секој ден а верувам и таа мене. Бракот е нешто што се гради и се негува со многу трпение и љубов. Препреки секогаш има но треба да се поминат и да се надминат заедно. Сега ние живееме суштински за нашите деца буквално , ретко излегуваме но сме исполнети со тоа што сме опкружени со нив и со некои пријатели а најчесто тоа се ручек или вечера во некој ресторан или домашна атмосфера, а годинава се почесто дома се случуваат такви средби. Често знаеме да запееме и да засвириме исто така.
* Ти недостасува ли музиката?
-Музиката е во мене таа не може да ми фали, но естрадата и сцената публиката се незаменливи и ми фалат, но не дека жалам или слично. Едноставно, сè во свое време и природно се случило па така сега поголем приоритет ми е семејството. За сето друго има време имам желба и љубов и здравје Боже ќе направиме и нови проекти песни па можеби и концерти, би сакал да ја видам публиката која е сигурно порасната и позрела како мене.
* Ти си горд преспанец, по потекло од Љубојно, што најмнгу ти недостасува од дома?
- Нас тука кои сме „потазе” дојдени а и на многумина подолго време што живеаат тука, ни недостига во секој здив родната земја , најмногу во секојдневието ми фали мојата најблиска фамилија, но ете јас верувам дека сѐ е со причина па и ова. Тоа нѐ прави посилни, посвесни и по одговорни како луѓе што е и добро искуство во животот!
* Каде ќе ја поминете Новогодишната ноќ и што ќе им посакаш на најблиските за Нова година и за Божиќ?
- За Новогодишните и Божиќни празници ќе сме во домашна атмосфера и пред камерите на телефоните ќе контактираме со своите таму. На мојот народ македонски им посакувам силна верба во доброто , музика радост и пред се здравје и добра мисла! Па догодина и да се видиме и гушниме како нормални луѓе.
Милица Џаровска