Моќта на црквите во с. Стенче: Младите го ставаат прстенот од ковчежето на св. Екатерина за да си најдат сопатник, а св. Петка им помага да добијат потомство
Селото Стенче се наоѓа во Горнополошкиот регион во подножјето на планината Сува Гора и ја дели Полошката котлина на Долни и Горни Полог. Денес територијално припаѓа во општина Брвеница и сместено е на надморска височина од 600 м и е оддалечено 4 километри од Гостивар и 25 км од Тетово.
Според историските извори за прв пат се спомнува во Хиландерската Громотата на Цар Стефан Душан во 1346 година под името Шенче. Во тој период нашето село било дел од манастирскиот комплекс-метох Свети Пророк Илија со центар на Градиштето .
Освен со својата природна убавина ова село освојува и со петте цркви и археолошки пронајдоци.
-Во нашето село се наоѓаат едни од најубавите цркви во Пологот, црквата Свети Пророк Илија, црквата Св Атанасие Велики, црквата Света Петка црквата Св.Екатерина, како и Манастирскиот комплекс Мала Богородица од 5 век со 3 ранохристијански крштилници во месноста Градиште – вели Војо Михајловски, човекот кој се врати на своите корени и си постави мисија да ги обнови божјите храмови. Селаните велат дека неговиот придонес за селото е од огромно значење. Несебично се вложува во истражувањето, кое резултирало со една книга „Стенче, еден миг меѓу минатото и сегашноста“, а втората е во подготовка.
-Црквата Св.Великомаченица Екатерина во село Стенче се наоѓа во месноста Мали Камен - Чука и е нова. Во 2010 година во селото дојде еден наш иселеник од Америка и сакаше да гради црква на светителка во Стенче. Откако го најдовме местото, тој повеќе не се појави. Можеби Бог го прати за да се започне изградбата на овој храм. Откако ја одбравме локацијата со благослов на владиката Кирил црквата името го доби на великомаченица Света Екатерина, која како куќна слава ја слави половина од селото од фамилиите Аврамовци и Рупаковци, кои водат потекло од село Глумово и село Матка кај Скопје. Во 2011 година беше поставен крст на тоа место, а во 2013 година се осветија темелите на црквата открива Михајловски.
Според кажувањата на Илија Костоски од селото, на тоа место многу порано пред петнаесетина година, тој пасел овци и седејќи под некое дрво задремал и на сон му сејавил човек со брада, кој му кажал дека местото е ваковско и дека не треба тука да се сече шумата.
-Ова кажува дека ова место било од Бога предодредено да биде светилиште. Црквата е изградена во стар Македонски стил, денес таканаречен византиски и истата е осветена на 18 септември 2022 година. Таа е единствена со тоа име во нашата држава, а има само еден параклис пред Охрид кај црквата Св.Еразмо. Моштите на светицата денес се наоѓааат во најстариот православен манастир на светот Света Екатерина на Синај - Египет, кој непрекинато е во живот до денес. Изграден е од страна на цар Константин и царица Елена, а последната градба е од цар Јустинијан (Петруш) кој е роден во Таор крај Скопје. Според житието Света Великомаченица Екатерина родена е во третиот век по Христа во Александрија во Египет - престолнината на Александар Македонски. Потекнувала од царско семејство, затоа носи круна на главата, во рацете држи пердув, бидејќи знаела да чита и пишува. Била многу убава, мудра, имала бело и убаво лице. Таа е единствена светица која носи прстен на раката. На нејзините мошти на рацете се наоѓа прстенот, со кој Бог ја дарувал, бидејќи таа му се ветила дека ќе му биде верна и ќе ја слави верата негова додека е жива- појаснува Михајловски и додава дека кога Екатерина пораснала, родителите ја тераат да се омажи, но таа во моментот немала таква намера – раскажува Михајловски.
-Бидејќи била мудра, а да не ги одбие родителите, им поставила услов. Доколку тие најдат поубав и попаметен ерген од неа, таа ќе прифатела да се омажи. Родителите ѝ носат од сите краишта ергени, но помудар и поубав од неа немало. На Екатерина на сон ѝ се појавува Пресвета Богородица со Исус како го држи во рацете и и разговара со неа. Утредента Екатерина ѝ го раскажува сонот на мајка ѝ и таа ја советува да се покрсти и да влезе во христијанската вера. Откако се покрстила, повторно на сон ѝ се појавува Пресвета Богородица со Исус.Но, сега Исус разговара со Екатерина. Кога видела колку е Исус мудар и убав, му ветила дека ќе му биде верна и ќе ја слави неговата вера додека е жива. Бидејќи останала верна кон Христовата вера, тој ѝ го подарува веренички прстен. Според нејзините чуда со молитва кон неа таа помага при донесување на битни одлуки во животот, како и за сите оние кои сакаат да го пронајдат својот иден брачен другар. Во оваа црква на младите кои сакаат да го најдат својот животен патрнер, им се става на рацете прстенот на Св.Екатерина, кој се наога во ковчежето на иконата. До сега направена и првата венчавка и повеќе крштевки, од кои две девојчиња го добија името на светицата Екатерина – вели тој.
Манастирот Св.Екатерина на Синај е изграден на местото каде Бог му се јавува на Мојсеј и му вели да ги донесе Евреите на тоа место, за да се избават од долгото ропство што го имале под Египќаните. Но, Бог на Мојсеј му се јавува заштитен со оган ангели и архангели од зад еден грм кој бил капина. Капината од оганот не изгорела и таа повеќе од 2000 години постои до денес до самата црква на манастирот Св.Екатерина на Синај.
-Таа се вика Несогорлива капина. Кога во Стенче се градеше црквата Св.Екатерина, кога се поставуваше крстот на кубето до самата црква исто како на Синај никна капина. Капината со благослов на свештеникот ја обградивме и веќе трета година е во род. Сите оние кои сакаат да им биде вечен и несогорлив животот, исто како и на Синај, кинат по една капина и ја јадат или ако не се зрели или нема род капината, кинат по еднен лист од капината и го носат во паричникот, за да Бог ги чува и да им дарува вечен живот – открива Михајловски
Црквата Св.Петка е сместена североисточно над селото и во 1923 година -пред 100 години била изградена мала капела. Во 1993 година изградена е денешната црква, која е осветена во 1997 година од неговото Високоппреосвештенство митрополитот полошко- Кумановски г-дин Кирил. Црквата го слави празникот Источен Петок - Балаклија во чест на чудотворниот извор на Пресвета Богородица.
- Според чудата многу е посетена и помага кај младите брачни парови да имаат пород. Има примери каде после 10-15 години во брак, со молитва и верба кон Бога, Пресвета Богородица и Св.Петка, на младенците им се остварува желбата да добијат пород и да станат родители.Според преданијата, пред повеќе стотина години во селотво на една млада невеста која немала пород на сон ѝ се сонила Пресвета Богородица, и младата невеста ја однела на местото на денешниот храм и ѝ рекла на тоа место да се постави крст и да се слави празникот Источен петок – Балаклија, празникот на чудотворниот извор на Пресвета Богородица. Невестата утредента го раскажува сонот на селаните и заедно со попот и целото село, носејќи литие, доаѓаат на местото од сонот и го поставуваат мермерниот крст, кој и денес постои под престолната икона на Пресвета Богородица. После поставувањето на крстот, невестата забременила и имала голем пород – вели Михајловски и посочува дека од тогаш до денес се слави празникот на чудотворниот извор на Пресвета Богородица - Источен петок Балаклија. Мермерниот крст, кој бил поставен пред повеќе стотини години, денес се наоѓа во црквата под престолната икона на Пресвета Богородица.
-Сите што сакаат да имаат пород, доаѓаат во црквата, се помолуваат пред иконата на Пресвета Богородица и клекнуваат под иконата, поставувајќи ги рацете на мермерниот крст, да добијат енергија и благослов од Бога и Пресвета богородица, да им се отворат патиштата и да станат родители. Оваа постапка ја прават неколку пати во годината, а се ветуваат дека на денот на празникот Источен Петок - Балаклија ќе бидат кумови во црквата – заклучува Михајловски.
Војо Михајловски и селаните се среќни што и младите се враќаат на своите корени, а тие срдечно ги пречекуваат. Едни од нив се и потомците на покојниот Крсто Кироски од Стенче,како и на неговите браќа и сестра. Доаѓаат и луѓе кои не потекнуваат од селото, но се вљубени во убавините и гостопримливоста. Исто така уживаат и во вкусно приготвената храна.
Соња Алексоска Неделковска