Мора да имаш карактер меѓу амебите околу нас: Интервју со Весна Петрушевска

Добивај вести на Viber

Живееме во мала и опасно загорчена средина. Најважните работи ги ставаме под килим. Кај нас е срамота да одиш на психијатар, лошо е ако зборуваш за планирана бременост, а ако останеш немажена после 30 -тата година те обележуваат како “баба”. Говорот на омраза ни е секојдневие – вели актерката Весна Петрушевска

Како актерка публиката инстинктивно ја поистоветива со комични театарски и телевизски ликови. Како жена таа постојано ја бранува јавноста со своите  неконвенционални животни одлуки, кршејќи ги балканските стереотипи за тоа што е „нормално“ и исправно.   Бунтовна од раните тинејџерски години, Весна се` уште го носи  тој борбен и неконвеционален дух кој и` го дефинираше животниот пат. Со неа разговараме за тоа што ја покренуива наутро, со кој актер има најубава хемија на сцената,  за предизвиците на родителството...

*Со каква мисла се будиш наутро?

- Добро е, здрава и жива сум, децата се добри.Во овие луди времиња кога буквално преживуваме ден за ден - тоа ми е првичната мисла. Сакам да ја живеам слободата на моето постоење.

*Колку ти а важна облеката и што преферираш- удобност или беспрекорен изглед?

-Важно ми е да бидам  своја во тоа што го носам.Никогаш не сум потклекнувала на трендови. Околностите во кои ја носам лежерната гардероба е идентичен како кога носам вечерна тоалета. Важно еда бидам - јас.



*Како тинејџерка те помнам по некаков панк рок стајлинг, додека сега  преферираш  урбнана елеганција. Имаш ли некое парче од тој период кое се` уште ти е драго?

- Се сеќавам кога бевме со сестра ми Маја првиот пат во Лондон како тинејџерки, си купив хулахопки во риги , црно бели и едни чевли какви што носеше поп ѕвездата Ким Вајлд.На тоа се сеќавам оти ми асоцираше на  некаква бунтовност.

*Која е твојата најдрага улога која едновремено ти беше и најтешка?

-Марта од „Кој се плаши од Вирџинија Вулф” од Едвард Олби.Марта беше ликот кој ме спаси во тој не баш едноставен период од мојот живот. Ми покажа една друга страна на живеењето и ми укажа на  суровоста во начинот на кој опстануваме во нашите односи со околината. Марта ме освести и ми даде друга димензија.

*На прва топка луѓето инстинктивно те поврзуваат со комедија и комични улоги. Зошто е тоа така?

-За мене тоа е најважниот жанр во актерската игра и воедно најтешкиот.Не може секој да биде комичар.Ќе расплачете секој, но многу тешкоќе насмеете некого. Комичниот лик игра со себеси и отвара нови хоризонти.Но тоа е и стапица. Изградив не само  впечатливи ликови, туку и себеси се подигнав на ниво кое има идентитет.Можеби звучи навидум чудно, но да изградиш идентитет е многу тешко.Актерот мора да има карактер.Во мноштвото амеби околу нас.

*Која е твојата улога од соништата, независно дали е филмска или театрска, која би сакала да ја одиграш и зошто?

-Никогаш не сум размислувала на таа тема.Тоа ограничува во сонувањето... ако престанеш да сонуваш немаш улоги.Сакам да ми се случат улогите.


*Со кој партнер на сцена си имала најубава хемија на сцената?

-Имам два силни партнери на сцена: Игор Џамбазов и Тони Михајловски. Не би ги менувала за ништо на овој свет. Пораснавме заедно. Ние сме повеќе од партнери на сцена, фамилија сме. Веројатно ова е љубов за цел живот. Неверојатно е колку тие ме познаваат и колку јас го сакам процесот кога работам со нив.

*Твојот животен пат е мошне турбилентен. Што те радува сега?

-Цел живот сум немирно дете.Не застанувам.Вртам, работам, доследна сум посветена и  максимално професионална.Последниве неколку години во мојата актерска школа работам со деца од 5-17 годишна возраст.Сонувам заедно со нив. Кога работам со нив, сфаќам дека никогаш не престанав да бидам дете.Оној момент кога ќе престанете да бидете дете, умирате.

*Твоите деца се веќе тинејџери- со кои предизвици како мајка се соочуваш сега?

-Толку многу ни е затруено општеството, образованието, што секојдневно се борам да им укажам  и да ги потсетам дека е важно да бидат добри и чесни луѓе.Во ова време на насилство на сите нивоа, тоа е најтешката мисија.Не сум идеален родител, учам по пат и јас.


е се плашеше да проговориш за насилството врз девојчињата и кога првичниот рефлекс на една мајка  е - тоа да се сокрие. Зошто е важно јавно и гласно да се зборува за овој проблем?

- Затоа што живееме во мала и опасно загорчена средина.Затоа што имаме навика да ги ставаме најважните работи под килим.Зашто кај нас жртвата е виновна и е стигматизирана.И знаеш што?Цел живот говорам отворено на табу теми.Секогаш ќе има некој кој осудува... Ние немаме ментална култура.Кај нас е срамота да одиш на психијатар, кај нас е лошо ако зборуваш за планирана бременост, ако останеш немажена после 30 -тата година те обележуваат како “баба”.Говорот на омраза ни е секојдневие.

*Како се опушта Весна во попладнињата, вечерите и за викенд? Што е она што ти ги полни батериите?

-Читам, гледам серии, филмови.Мирно живеам. Си градам свој метод на актерска игра кој го пренесувам на малите глумци.

* Потекнуваш од хармонично семејство, имаш убава релација со твојата сестра која живее во Англија. Колку матичното семејство за тебе е важно како некаква отскочна даска и закрила?

-Најважно!Може и да не се согласувате во одредени моменти но тие се единствениот штит од светот.Се обидувам колку што е можно повеќе да имам разбирање и да има само љубов меѓу нас.Тие ми се, едни се и ги сакам.


• Кои се трите работи кои се најважни за тебе за да се чувствуваш среќна и исполнета?

-Љубов и здравје.Кога говорам за љубов мислам на топлината што ја имам  во себе и ја споделувам.

* Што би има посакала на блиските и подалечните во Новата 2020 година? Што ни е најпотребно како колектив?

-Здравје и ум.Ни треба хуманизација на општеството.Ние помагаме на болните преку смс пораки, а фондот за здравство изигрува бог. Зборуваме за напредок во општеството, а се задушуваме во ѓубре и смрад.Зборуваме за стабилна држава каде извршителите се гавази.Не зборуваме за насилството меѓу децата...Мислам дека сме хипнотизирани и поразени.Секој од нас треба да работи на себе за да биде способен да работи и за татаковината.

Мимоза Петревска Георгиева