Мора да умреш еднаш, за да сфатиш што е живот

Добивај вести на Viber

Кога, Како и Каде сакаш да умреш?

Пред да ми го осудите прашањето размислете убаво што ве прашувам. Одговорете си самите на ова прашање и ќе ги решите сите недоумици за тоа што сакате од себе и за себе. Ќе дознаете зошто сте овде и која е вашата цел.

Ништо претерано не е добро, знам, а ете 33 год се учам да балансирам со личните желби. Сѐ уште ја побркувам разликата помеѓу потреба и задоволство, и границата за доста. Не научив да прекинам кога ми е најслатко, а така се тренира карактер, кога си кратиш од убавото. Па така во спој на емоции, знам да им избегам на тие кои се со мене излезени и пешки да изодам 5 км во 3 часот изутрина, зошто мене така ми дошло. И заборавам да предвидам дека оставам некој што ме сака и ме мисли без да го предупредам колку енергија чувам во себе и колку таа енергија знае да биде штетна по мене и по околина. Не за џабе сум Драма, често кажувам дека не е лесно некој мене да ме сака.

Д., извини љубов една, извини што заборавив дека ме сакаш.

Кога решив да делувам на себе и на своите одлуки, прво расчистив дека  јас немам сива зона, живеам во црно бел свет. Се што правам е во крајност, па така решив воопшто да не пијам, комплетно да исфрлам бел шеќер и бело брашно и почнав да се движам.  Почнав да вежбам дома на орбитрек по колку можам, продолжив во првата теретана што ја дознав, ама по мое, дека сум (тука следи погрден збор) што не следи правила и очекувања, одговарам само пред себе. Да се разбереме, ги купив најефтините патики, првите хеланки што ги најдов и обична блуза памучна, машка. Не ме болеше уво кој ме гледа, кој ме знае и кој што мисли. До ден денешен не ме интересираат стринки што немаат живот, преокупирана сум со мојот за да им дадам на другите на значај. Кога застанав прв пат на трака, едвај изодев десет минути, сега трчам до осум километри. Продолжив се поактивно и поактивно со вежбањето, променив неколку локации што заради услови, што заради селење, во моментов вежбам во Магнус, најблиску ми е и дечките се супер, знаат да те испотат квалитетно.

Мој совет е да си пронајдете сами начин, место, тренер или најсами на свет да започнете со било каква физичка активност, и тоа не заради тренд, туку заради потреба да духот. Кога ќе се окупирате со себе нема да имате време за другите и нема да ве боли уво што некој ви го мери целулитот, килажата, облеката и целиот ваш живот. Стигнав до два часа активен тренинг ама уште не сум задоволна, ми фали континуитет, ми фали дисциплина и карактер. Не се обврзав со време и постојано размислувам позитивно. И кога ќе згрешам со исхрана не се казнувам, напротив си простувам. Кога имам емотивни испади како горенаведените, не се каам за постапките. Толку ми бил капацитетот во тој момент, кога ќе знам подобро, ќе бидам подобра.

Во оној момент кога ќе решите да се чувате себе, и себе да се сакате, ќе имате капацитет да ги сакате сите околу вас и да се грижите за тие што го делат срцето на две за само еден миг поминат со вас. Фрустрациите се од внатре, сами си правиме. Од себе патиме, не од околината или условите. Буда вика не постои стрес, постои само ваша реакција на дадена ситуација. А во оној момент кога ќе престанете да го живеете минатото и да се повикувате на она што било, ќе започнете да живеете денес, без страв. И посреќни ќе сте.

Ви ветив рецепт предходниот пат, повелете безглутенски палачински, дека сум ненормална кога е благо во прашање. Ова остатоциве на мене имаат вкус на шеќер.

Јајце, брашно од хељда, овес или наут, јас знам и да измешам, малку млеко, малку вода, пржете ги на најмалку можна количина на зејтин, и толку е. Јас најдов заборавени крушки, ги подгреав со мед и ги потопив палачинките. На сликата е пристојната порција, попатно уште толку си припробувам, демек да видам дали се добро направени. Знам често да склопам и вегански со банана и лен, во принцип и се трудам делот на благото да се префрлам комплет на вегански. Прво затоа што ми одговара, а второ затоа што учам да балансирам.

Во моментов имам личен предизвик, се обидувам да ги распознавам нијансите на сиво во секојдневниот живот.  Дека не мора баш се да е црно и бело.

Јас сум Ивана Кнез, денес со горчлив испад на слатко искуство и огромна поука.

Се читаме следната недела.