На 15 години се остварив како мајка: Елена од Ресен за животните предизвици како малолетна мајка
Како да се справи со сите
предрасуди, лоши коментари, и животни предизвици едно девојче од 15 години кое
ќе дознае дека е бремена? Како да соопшти дома на родителите? Како и дали ќе се промени односот кон неа од нејзините соученици?
За Женски магазин тинејџерка мајката, Елена Наумовска од Ресен, која се остварила како мајка на
15 години ги откри сите детали за
бременоста, предрасудите, неизвесноста и предизиците со кои се соочува.
За веста дека е бремена на само 15 години, таа вели дека ја прифатила сосема нормално, знаела дека животот ќе ѝ се промени, а тоа, смета дека било кон подобро.
Секој со својата планина, велат постарите, но колку сме подготвени да се носиме со она кое најмалку сме го очекувале, она за кое сме свесни дека ќе ни го промени животот од корен. Млада мајка Елена е силна и горда на својата одлука, па денес има 18 години и три девојчиња.
НИКОЈ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ОСУДУВАН ЗА СВОИТЕ ОДЛУКИ
* Живеете во Ресен. Како општеството, околината (сепак Ресен е мал град) реагираше на информацијата дека си бремена?
- Лично мене никој не ми се обратил со лош коментар, обично се коментари од типот „Како успеваш и училиште и мајчинство", „Браво за храброста", „Млада мама, што убаво" и слично, но многу е јасно дека не секој мисли така.
Елена, сподели дека очекувано со дел од соучениците изгубила контакт, а оние најблиските се радувале за неа, па и ден денес се нејзина поддршка.
- Со поголем дел од соучениците не сум во контакт бидејќи тие имаат свои обврски јас свои, но оние со кои сум поблиска беа среќни исто како мене, за сите три бремености се радуваа на мојата среќа. Наставниците воглавно се со коментари како и сите останати како што наведов претходно.
* А, како реагираа твоите родители?
- Родителите секогаш го сакаат најдоброто за своите деца, знам по себе. На почеток не им беше во ред тоа, но секако дека сакаа само јас да бидам среќна така што ја поддржаа мојата одлука и сега се супер баба и дедо.
ЕЛЕНА НИКОГАШ НЕ ПОМИСЛИЛА ДА АБОРТИРА, НЕЈЗИНАТА ОДЛУКА БИЛА ЈАСНА
* Дали помисли да абортираш?
- НЕ! Мојата одлука да станам мајка беше јасна.
Младата мајка вели дека сопругот го запознала на социјалните мрежи, тој е постар од неа неколку годиии.
- Нашата врска започна со првата средба и веднаш
знаев дека со него сакам да основам семејство. Тој е повозрасен од мене 6 години и исто
толку време сме заедно, вели Елена.
* Заврши ли средно образование? Ќе го продолжиш ли образованието?
- Ми остана уште една година од средното образование и во тек сум да го завршам. Секако дека би сакала да го продолжам и имам таква намера.
* Со што сѐ се соочи како многу млада мајка, со какви проблеми и предизвици?
- Дефинитивно еден од најголемите предизвици беше образованието, а воглавно тоа беше и единствен предизвик кој за среќа успешно го преминувам.
Младата Елена сега има 18 години и три деца. Првата ќерка Лина ја добила кога имала само 15 години, година подоцна ја добила Калина, а Бисера ја добила кога била полнолетна.
* Што те советуваше твојот матичен гинеколог за бременоста?
- Како и сите други бремени жени, мирување, без стрес, витамини и позитивни мисли.
* Да се биде многу млада мајка сигурно е вистински предизвик, како се снаоѓаш со домашните обврски, со трите девојчиња, со сопругот? Како постигнуваш сѐ?
- Не е нешто поразлично како и кај жените со 30+ години, волјата е најважна. Најголема помош имам од сопругот. Правам баланс помеѓу домашните обврски и децата, едните да имаат посветено време на нив, а другите да се направени на време и како што треба.
МЛАДАТА МАЈКА Е СВЕСНА ДЕКА ЛУЃЕТО Ѝ ЗБОРУВАТ ПОЗАДИ ГРБ
* Дали луѓето коментираaт когa ќе те видат на улица?
- Ретко, но да, и воглавно се коментари кои се позади мојот грб и за кои мислат дека не ги слушам. Но воопшто не ме интересираат, бидејќи како велат затоа и се позади мојот грб.
* Кога ќе пораснат твоите девојчиња, ако некоја од нив остане бремена како тинејџерка, што ќе биде твојот совет како мајка која го поминала сето тоа?
- Доколку е таткото на нејзиното дете нормален и пристоен човек за неа, во секоја смисла би ја поддржала. Далеку од тоа да сметам дека тоа е нормално и да советувам секое девојче да раѓа во тинејџ години, но околината ни наметнува да мислиме дека тоа не е океј, во некој посовремени држави тоа е појава која не се осудува и би сакала тоа да биде и кај нас. Никој не треба да биде осудуван за своите одлуки. А, мојот најголем совет би ѝ бил да не се грижи што ќе каже народот, бидејќи народот не го живее нејзиниот живот.
* Каде се гледаш во иднина?
-Во иднина се гледам како среќна жена, мајка, сопруга.
Фото: Приватна архива
Наталија Миланова