На приемот кај данската кралица имав чувство дека сум кај неа дома на семејна прослава: Изабела Новотни
Актерката Изабела Новотни, актерка во Театарот за деца и младинци, неодамна го сними краткометражниот филм „Обичната Ели“. Успеала да го даде својот максимум, на задоволство од целиот тим и со нетрпение ја очекува реакцијата на публиката на самата премиера.
Како сопруга на дипломат живеела во Белград, Рим и Копенхаген. Двапати била на прием кај данската кралица Маргрет, која е на чело на најстарата монархија во светот.
* Неодамна заврши снимањето на „Обичната Ели“, дебитантски краткометражен игран филм по сценарио и режија на Лавинија Софрониевска, во кој ја толкувате главната улога. Колку време чекавте да ви се случи еден ваков ангажман и како го доживеавте?
– Во оваа состојба кога пандемијата ги успори или блокира скоро сите сегменти од нашиот живот, ниту театарот или филмот не останаа имуни. Во такви услови, веста дека тимот од филмот ме одбрале на кастингот за главната улога, навистина ме израдува. Лавинија и продукцијата направија се за да се создадат услови за нормално снимање, почитувајќи ги сите мерки. А снимањето со нив беше вистинско задоволство. Лавинија е млада, но работи како исклучиво искусен професионалец, исто како и целиот тим. Атмосферата, желбата да се создаде нешто ново и свежо, беше мотив да работиме со голем елан, па така, со добри подготовки, го снимивме материјалот за четири дена. Сакам да потсетам дека краткометражниот филм често е поголем предизвик и потешка задача, отколку долгометражниот. Во многу лимитиран простор, авторот и режисерот треба да ја пренесат целата идеја, а актерот да ја даде целата емоција и енергија, ликот да биде моќен и убедлив. Мислам дека успеав да го дадам својот максимум, задоволен е и целиот тим, а на самата премиера ќе видиме како ќе реагира и публиката.
* Филмот ја следи битката на Ели, со стравот и светот околу неа. Колку ви е блиска? Што ја плаши неа, а што вас?
- Тоа што од првото читање ме израдува, е што филмот прави мал исчекор од вообичаените тематики и опфаќа длабоко емотивно и психолошко следење на ликот, заробен во една рамка, барајќи простор да се избори за нешто подобро, за нешто подалеку од простото секојдневие. Не би рекла дека се плаши од останатиот свет, напротив своите работни задачи ги извршува беспрекорно 25 години на истото работно место. И односот на околината не е негативен, ниту пак фрустрирачки за неа. Единствено со што не може да се справи е со самата себе. И упорно работи на тоа. Колку успеала ќе оставиме да види публиката. Ете нека биде тоа мало изненадување за неа. И да, точно е дека ова улога ми „легна“, не само што се совпадна со мојот долгогодишен стаж во театарот, туку и со сите мои лични стравови и преиспитување за најобичните животни прашања. Исто како и кај Ели, на дел од нив успевам да одговорам, на дел се уште трагам. Разликата е единствено што во потрагата не сум сама, тука е моето семејство.
ГО ДАДОВ МАКСИМУМОТ ВО ПРОМОЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА
* Како жена на дипломат живеевте во Србија, Италија и Данска. Каде се чувствувавте најубаво? Бидејќи сте актерка, помогнавте ли за промоција на македонскиот филм во тие земји?
- Промоцијата на македонската култура во светот е најубавиот и најефикасниот начин нашите вредности да ги претставиме, не само до странскиот дипломатски кор туку и пошироко, до сите љубители на добриот филм, претстава, изложба, концерт. И токму затоа, оваа благородна задача ја сметав како моја обврска, за да го дадам својот максимум. Морам да потсетам дека овие активности влегуваат во описот на работа на партнерите на дипломатите. Од сите тие настани, морам да го издвојам можеби првиот солистички концерт на Симон Трпчевски во Рим, прекрасната изложба на македонски носии и накит на Музејот на Македонија во Рим, претпремиерата за новинарите и критичарите на филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски. Потоа, гламурозните премиери на МНТ во Народниот театар во Белград, редовно одржување на Деновите на македонскиот филм, прославата на 8 Септември во холот на истиот театар, што дотогаш не било практика, враќањето по 25 години на Македонските филмски денови во Копенхаген, со седум наши современи филмови и многу други.
* Кралските семејства постојано ги полнат весниците со наслови поврзани со нивната хуманитарна акција, гардероба, скандали. Вие и вашиот сопруг ја имавте таа привилегија да присуствувате на прием кај данската кралица. Откријте ни дел од протоколот и атмосферата?
-Како што немаме никакво искуство со кралски семејства, освен во бајките кои ги снимав порано, двата новогодишни приема кај кралицата на кои присуствувавме беа вистинско доживување, од било кој аспект. Тешко би можела да ја доловам таа атмосфера во неколку збора, но еве да се обидам. Поканите се праќаат пет месеци порано и веднаш го очекуваат одговорот за присуство. Доволно време кралскиот протокол да направи евиденција за присутните, а ние да се погрижиме за гардеробата. Да се пофалам дека на два приема носев наши креации, кои изгледаа светски и блескаа со својата екстравагантност. Во кралската палата е забрането фотографирање, па дел од фотографиите ги направиме на крајот на приемот. Тоа крило од палатата кое вообичаено е отворено за јавноста, овој пат, со сите званици и убави тоалети, насекаде изгледаше кралски, волшебно, како што прилега на најстарата монархија во Европа. Во огромната сала на витезите стоиме во вид на потковица, а на галеријата фанфарите го означуваат влегувањето на кралицата. Последните години, заради болки во нозете, таа се почесто седи, додека по азбучен ред на земјите еден по еден се поздравуваме со поклонување, кое го вежбав уште на академија. Подоцна во трите одаи продолжува и приемот за званиците. Не пречекаа таканаречените дворски дами, а кралскиот протокол, кој незабележително во рацете држи список и фотографии од амбасадорите, ги повикува кај кралицата на неколкуминутен разговор, вообичаено оние на кои им се ближи крајот на мандатот. Но, истата функција ја имаат и принцот Фредерик и принцезата Мери. На момент станав свесна дека се поздравувавме и разговараме со идниот крал и кралица на Данска. Можеби некој ќе рече дека во целата таа официјалност на обраќање, говор, влегување со најава и поздравување се изгледа многу официјално. Но, штом во одаите влезе кралицата со нејзиното прекрасно семејство, почувствував како да сум кај неа дома, на мала семејна прослава. Тоа е умешноста на големите владетели, да бидат блиску до народот, но и пријатни и добронамерни со странците. Како што рече таа во својот говор: „Данска отсекогаш била место кое е населувано од странци. Наше е да им посакаме добредојде и да продолжиме заедно да ја развиваме ова земја“. За мене ова ќе остане во убави сеќавања, со чувство на задоволство барем на кратко да бидеш дел од таа долга традиција.
ВНУКОТ ДАВИД Е МОЈАТА ДУШЕВНА ХРАНА
* Каков впечаток ви остави кралицата?
– Ако ги прашате младите Данци што мислат за неа, со еден збор ќе ја опишат во оној познат англиски жаргон „кул“. И мене ми остави таков впечаток. Таа е мила, непосредна, насмеана, неформална колку што и дозволува протоколот, несомнено најпопуларниот монарх во Европа. Данците, но и другите ширум светот ја ценат кралицата Маргрет за скромноста и блискоста со поданиците. Наполни 80 години и веќе е со кревко здравје, но „не се дава“ и засега нема намера да се откаже од престолот во корист на 52 годишниот постар син Фредерик. Се уште е страстен пушач и не го крие тоа. Толку е неформална, што на времето, пред 30 години, кога немаше поголеми безбедносни ризици, луѓето нормално ја среќавале по шеталиштето во близина на кралскиот двор, како го шета кучето и пуши цигара. Познато е дека во младоста со нејзиниот индивидуален дух ги следела своите страсти во уметноста, литературата, балетот и филозофијата. Кралицата, која и сама има префинет вкус за уметност и цртање, понекогаш знае и сама да ги креира своите фустани. Покрај мајчиниот јазик, таа зборува и уште пет други јазици. Новогодишната порака ја чита во директен пренос, од својата работна соба. Плени со својата скромност, но и со своето знаење стекнато на најпрестижните европски универзитети.
* Неодамна станавте баба, вашата ќерка ви подари внук. Како се сноѓате во новата животна улога?
- Еве на крајот на ова интервју да го споделам ова ново доживување со вас, таа бескрајна радост и нова семејна гордост. Давид нема ниту два месеца, а е наша маскота, веќе му измисливме и неколку прекари. И можам да кажам дека одлично се снаоѓам. Не сум ни свесна како поминале овие години откога ја држев во рака мојата ќерка Елена. Многу емоции во еден семеен мини простор. Со нетрпение чекам да бидам повикана на „смена“ и со радост да помогнам. Ете, сега тој е мојата душевна храна и ѕвезда водилка. Мислам дека тоа што сум го слушала за љубовта кон внуците, било вистина. Тој е сега нашиот капетан на бродот и пловиме по неговиот правец. Мојот сопруг скоро објави на ФБ една преубава приказна која нему му ја посвети, за еден убав аманет и благослов за новиот член на семејството. А ние романтичните „будали“ кои се уште веруваме во приказни, можеме само да му посакаме да има среќно и безгрижно детство.
Соња Алексоска Неделковска