НАДЕ ТАЛЕВСКА ВЕЧЕРВА СО ГЛАВНА УЛОГА ВО „РИГОЛЕТО“: Пеев и кога бев бремена со трите синови
Максим, Михаил и Матео овој пат ќе ги чува тато Ненад, мојата љубов и најголема поддршка! Тој ме има гледано два пати во оваа улога, па ќе остане со нашите најмили, а нашите родители да дојдат и да се релаксираат на една од најубавите опери
Поп и оперската пејачка Наде Талевска-Спасовска вечерва ќе ја пее главната женска улога во операта „Риголето“ во МОБ. Наде ќе ја игра Џилда, ќерката на Риголето. Ова е прва главна улога за Наде по две години, која е мајка на три сина. Најстариот син Максим има четири ипол години, средниот Михаил две ипол, а најмал е Матео, кој наскоро ќе наполни една година.
Наде со сопругот Ненад по операта „Лучиа ди Ламермур“
Наде ни раскажа дека по раѓањето на сите три деца, брзо се враќала на оперската сцена.
„Пред настап секогаш имам трема, тоа е вообичаено кај мене и веќе се навикнав на тоа. Среќа па позитивна ми е, сè уште ми се нема случено некој лапсус на сцена (пу пу пу, да не се подречам, хахаха). Со настапи не паузирав многу нели, и бремена пеев, и брзо после породувањата се враќав на сцена. Но, поголема улога, како оваа, Џилда ќерката на Риголето, односно главна женска улога во операта, не сум пеела две години. Пред две години со истата настапив, брзо по доаѓањето на Михаил, (средното синче) на овој свет. А инаку, со оваа улога дебитирав и во исто време полагав магистерски испит во 2011 година“, ни раскажа Наде. Поради поддршката што и ја дава нејзиниот сопруг, Ненад, вели дека лесно се организираат за чувањето на децата, за среќа.
„Овој пат ќе ги чува тато Ненад, мојата љубов и најголема поддршка! Зависно од настанот, понекогаш ги чуваат бабите и дедовците, некоја од тетките и слично. Но, бидејќи Ненад ме има гледано два пати во оваа улога, реши овој пат да остане со нашите најмили, а нашите родители да дојдат и да се релаксираат на една од најубавите опери“, додаде Наде. Во претходно интервју за Женски магазин, таа изјави дека се повлекува од фестивалската поп-сцена.
Наде во операта „Хофманови приказни“
„Многу сум разочарана од валканите игри што се играат на поп- сцената, па затоа решив да се повлечам. Таа сцена не ме заслужува! Оние кои го сакаат моето пеење и ја почитуваат мојата работа, ќе имаат можност да ме гледаат и да ме слушаат на сцената на МОБ. Мислам дека не ја добив истата почит која јас ја оддадов кон таа сцена, во секој поглед“, ни изјави Наде минатата година.
Милица Џаровска