„Најубавото зајдисонце е во Трпејца, а мирисот на моликите на Пелистер ми го дава потребниот спокој“-Фани Христова за македонските природни убавини

Добивај вести на Viber

„Во јогата велиме се е до балансот. Така јас се обидувам да балансирам со љубовта кон јогата и музиката“ - вели нашата позната пејачка и диџеј Фани Христова, која динамичниот живот со нарушен биоритам после посетата на Тајланд, го замени со еден поинаков начин на живот кој и го донесе јогата.

Но не како хоби, имено Фани дипломираше јога на универзитетот во Тајланд, а потоа и магистрираше.

Една е од оние личности со кои ви е доволно и само неколку минути да поразговарате и да го почувствувате оној мир кој таа ви го пренесува.

За неа природата е спокој, а Пелистер-Битола- дома, мирис на молики. Најубаво место за опуштање и е и Трпејца, каде е и најубавото заоѓање на сонцето.

Разговорот го водевме помеѓу нејзините часови по јога на отворено, на едно од многуте места низ Македонија, каде таа го пронаоѓа својот мир.

За периодот на изолација вели- „Ми фалат сесиите на долги  денови во музичко студио, ми фалат настапите и луѓето со кои разменуваме енергии на моите сетови“.

Фани: Изолација, карантин, полициски час, се зборовите кои овие изминати месеци не успорија сите нас. Искрено како некој што повеќе од половина година ја поминувал во патувања, работа, образување во други земји, некако почетокот сериозно ме погоди.

Но, со тек на време ја прифаќаш ситуацијата и се обидуваш да бидеш продуктивен колку што налагаат условите.

Искрено, се свртив повеќе кон себе, го користам времето максимално посветувајќи се на себе, мојата хармонија и мир.

Секојдневно го започнувам денот со вежбање, се трудам што повеќе да сум на отворено, во природа, часовите со моите ученици исто ги одржуваме на отворено и искрено тука има убавина, кога јога вежбате во природа-сите сензори и сетила се појачани. Накратко-правам се што ми ја задржува насмевката на лицето и мирот во срцето.

*Со оглед на тоа што си вљубеник во патувањата, кои македонски убавини и природа најчесто ги посетуваш?

- Поради тоа што сум лоцирана во Скопје, Водно стана неизбежен дел од неделните активности.

 Матка исто е едно од местата каде навистина знам да наполнам батерии и да се опуштам. За разлика од други, јас поради работата како диџеј и поради љубовта кон природата, имав шанса да посетам многу убавини низ Македонија. Факт е дека имаме преубави места и недопрена природа за која можеби малкумина знаеле, но годинава верувам сите успеваат што повеќе да прошетаат и истражуваат.

*Колку македонската природа е инспиративна за држење јога часови на отворено? Колку се македонците заинтересирани за истите?

- Секоја природа е инспиративна за јога часови, нема ништо поубаво, не ви треба музика која стимулира звук на вода, птици, едноставно отворете го јога матот на Матка, во парк, на планина. Било каде, магично е.

Многу од моите колеги исто како и јас, држат часови во природа и сите го делиме мислењето дека тоа е вистинското место за јога. Природа наутро, на зајдисонце.

Заинтересираност има, затоа што многумина периодов се соочија со поголема анксиозност, вознемиреност, страв. Па некако се повеќе вљубеници и практиканти нови имаме кои токму јогата ја одбраа како алатка за справување со целата ситуација.

Неибежен сегмент е дека секој кој практикувал јога, макар и само еден час, знае дека на крајот на тие 90 минути, мирот и насмевката се на место.

Фани од неодамна е и официјално професор во една од најреномираните интернационални школи.

- Со основачот на школото, Свами Сачидананд, веќе имавме одржано заеднички работилници во Македонија. Покрај се тој е мојот учител и Гуру, иако често знае да ме корегира и да го потенцира односот дека сме веќе една фамилија. Јас сум години наназад негов ученик и покрај тоа што кога го запознав веќе бев дел од екипата на универзитетот во Тајланд и бев интернационално сертифициран учител, а кога го запознав него имав потреба да се дообразувам и во неговата школа, затоа што бев фасцинирана од холистичкиот пристап кој го има во јогата.

Еден сосема поинаков левел каде анатомијата има прво место заедно со хомеопатија и психологија.

Откако завршив како сертифициран учител и во неговото школо, Свами ми предложи да продолжам како дел од екипата на Art D’vine.

Нема поубаво чувство и поголема награда од таа.

Ние навистина одлично функционираме заедно па еве и последнатa голема работилница со околу 100 посетители во Скопје помина одлично.

Имаме многу убави планови да ја доближиме таа јога и хомеопатија во Македонија во наредната година. Се надевам доколку се стабилизираат работите ќе имаме навистина да понудиме одлична програма и во Македонија, како и во другите европски земји, Индија и Азија.

Ние сме супер екипа на едуцирани учители кои се полни со елан да помогнат на што повеќе луѓе, мислам дека тоа е една од главните причини зошто сум дел од тој интернационален тим.

*Како полубитолчанка, што Пелистер значи за тебе?

- Значи Битола, дома, мирис на моликите, спокој.

Благодарние на моите родители, нераскинлива поврзаност имам со Битола и Пелистер. Како некој што често е надвор од земјата, место каде започнува рестартот, Пелистер. После секое патување прво што правам од аеродром е враќање во Битола, качување на Пелистер.Тогаш знаеш дека си дома.

*Езеро или планина?

- Двете.Затоа едно од омилените места и прибежиште за потполно опуштање, уживање веќе многу години наназад ми е Трпејца. Таа е помеѓу двете убавини, езерото и планината, го имате најубавото зајдисонце покрај охридското езеро и сте под преубавата Галичица и свежиот чист воздух.

*Кои места во Македонија би ги препорачала на твоите пријатели од другите држави да ги посетат, а кои на пријателите од Македонија?

- И за едните и за другите: доколку тргнувате од Скопје преку Тетово одете прво во Маврово, останете на чист и свеж воздух, продолжете во Охрид преку Галичица до Видиковец да ги наполните очите со убавина. Ако одите преку Велес, одете прво на Велешко езеро, потоа продолжете до Росоман и купете најубави праски, дињи, лубеници, возете накај Беливодица мермерното езеро во Прилепско,во Битола испијте кафе на Широк Сокак и качете се на Пелистер да ја помирисате моликата, на симнување одете во вила Дихово каде Тања ке ви го припреми најубавиот домашен ручек. Утрото продолжете кон убавата Преспа. Друг викенд одете во Берово, наполнете ги белите дробови со чист воздух, купете си најубав домашен мед и домашно сирење, не ги пропуштајте Вевчани, Бигорски, Дојран, Струга, Матка...Македонија има магични места.


*Би пробала ли некоја адреналинска авантура како параглајдинг, зип лајн, качување по карпи и слично?

-Се што наброи, без исклучок. Здравје пред се, но еве баш овој месец ми е планиран за Трпејца, скок од Галичица со параглајдер и друштвото од Битола за качување по карпи.

Музиката е дел од секојдневнието на Фани речиси две децении, а последните години најмногу е посветена на работата како диџеј.

Како што велат оние кои најмногу ја познаваат- личност секогаш подготвена да помогне на луѓето. Се сеќаваме на бројните учества како дел од хуманитарни акции, акцијата за борба против хепатитот во Битола на Хепар центарот, активностите за помош на деца со аутизам (таа го напиша текстот и за песната „Во мојот свет“, по музиката на браќата Тавитјан, која песна ја отпеаа Влатко Лозановски, Мики Јовановски-Џафер и Ребека) и многу други акции.

Тука се и соработките со бројни домашни и странски композитори, диџеи.

Сепак за својот мир и полето каде како што самата вели за Женски магазин, се чувствува “своја на своето” е јогата, а македонската природа- непресушен извор на убавина и мир како што нема на ни едно друго место во светот.

Неда Маретиќ