Најважна е вербата во Бог: Анета Молика за традициите и обичаите за Велигден
- Пред
пандемијата Велигден го прославуваме надвор од нашата држава, среќна сум што
овие две години имавме прилика да се собереме заедно целото семејство, бидејќи
тоа не беше можно, нашата професија не ни го дозволуваше тоа. Минатата година
за прв пат бевме со најблиските на празникот и годинава ќе бидеме дома, вели
пејачката Анета Мицевска, позната во јавноста како Анета Молика.
Оваа дама со прекрасен глас и стас откри и
дека нејзината ќерка Моника, ја замолувала мајка си да ја разбуди за заедно да ги
вапцаат јајцата.
Како го слават Велигден семејно, кои традиции и обичаи ги запазува таа како домаќинка и кој е нејзиниот омилен спомен од детството од овој голем христијански празник, сподели во интервју за Женски магазин.
*Дали ги запазувате традициите и обичаите на
големиот христијански празник Велигден. Дали станувате сабајле пред изгрејсонце
на Велики четврток да бојадисате јајца во црвена боја?
- Секогаш ги запазувам традициите. Какви Христијани би биле ако не ги запазиме. Со нетрпение го чекаме големиот празник Велигден и морам да признам дека сите чувствуваме некој душевен мир на овој ден, и да секоја година вапцувам јајца пред изгрејсонце исклучиво во црвена боја.
Никогаш не бојадисувам јајца во други бои, затоа што сепак црвеното јајце е симбол на овој празник.
*Дали ви помага ќерката во бојадисувањето и украсувањето на Велигденските јајца?
- Ми помага ќерка ми да, дури и ме замолува да ја разбудам на Велики четврток за да ги бојадисаме јајцата заедно.
*Како го празнувавте Велигден пред пандемијата, како го прославивте минатата година, а како ќе го прославите годинава?
- Пред пандемијата Велигден го прославуваме надвор од нашата држава, никогаш не сме биле дома, минатата година за прв пат бевме со најблиските на празникот, а и оваа година исто како и претходната ќе бидеме дома со најблиските.
*Како домаќинка дали подготвувате слатки нешта, салати, специјалитети за Велигден? Од што се состои вашата велигденска трпеза?
- Подготвувам сѐ што е потребно и сѐ што е симбол за овој празник. Задолжително на празничната трпеза има козињак, различни салати, колачи и печено јагне.
*Дали како семејство имате некоја посебна традиција која што ја почитувате години наназад?
- Години наназад сме немале прилика да го славиме дома овој празник, па како што не учеле од мали нозе како треба да се прославува овој христијански празник ние тоа го почитуваме и го практикуваме. Среќна сум што овие две години имавме прилика да се собереме заедно целото семејство, бидејќи тоа не беше можно, нашата професија не ни го дозволуваше тоа.
*Дали постојат обичаи кои ви ги пренела вашата мајка, родители и кои и ден денес ги почитувате? На што најмногу се радувавте како дете, а е поврзано со Велигден, а во што уживате сега?
- Секако дека постојат такви обичаи, како што кажав претходно, ги почитуваме и практикуваме, а тоа е вапцувањето јајца пред изгрејсонце, подготовка на разни јадења, а што е најважното вербата во Бога. Како дете секогаш се радував на новата облека која ни ја купуваа за Велигден, па едвај чекав да ја облечам и како секое дете да излезам и да се пофалам што ми купиле. А, сега уживам што празникот го прославувам дома, затоа што верувајте- семејството е нешто најдрагоцено, а празниците се поубави со него. Тоа го почувствував на своја кожа и затоа велам дека е така.
*Вашата честитка за нашите читатели по повод големиот христијански празник Велигден?
- Нека Христовото Вокресение ви донесе мир во вашите домови, бидете среќни и задоволни со тоа што ви го дал Бог. Христос Воскресе - Навистина Воскресе.
Фото: Инстаграм/Анета Мицевска
Наталија Миланова