Наместо во свадбено патување, сите средства ги пренасочивме во создавање на нов македонски бренд: Интервју со архитектите Бојана и Иван Мирковски

Тие се синоним за хармонија во бракот и успех во работата - Бојана и Иван се сопружници, но и архитектско дуо кое стои зад успешниот македонски бренд „Смарт Ливинг“ кој понатаму ќе прерасне во групација со компаниите „Каре“ и архитектонското студио „Суперблок“ под својата капа.

Денес со гордост можат да кажат дека примаат нарачки од Токио, Торонто, па дури и од скандинавските земји, а покрај нивната истрајност и упорност во работата, тие се најголема поддршка за младите архитекти.

* Веќе подолго време сте присутни на македонскиот пазар во доменот на дизајнот и архитектурата, oд кога конкретно работите и како се развива патот на Вашата кариера?

- Мојата кариера започнува уште пред скоро дваесетина години во Рим, кога почнувам архитектонска пракса во студиото „IAN+“ додека ги изучувам мастер студиите за светлото во архитектурата при Универзитетот „La Sapienza“. Потоа се враќам во Скопје и заедно со мојот сопруг и партнер Иван Мирковски ја создаваме фирмата „Смарт Ливинг“, архитектонско студио и концепт продавница за мебел и светло. Првaта локација на „Смарт Ливинг“ се наоѓаше во мал простор на булеварот „Илинденска“, каде ги работевме тековните проекти и услужувавме клиенти. Се сеќавам дека бевме пресреќни кога некој ќе влезеше во продавницата и ќе го препознаеше потенцијалот кој го носевме во себе. Целата суштина на нашата креативност ја насочувавме во „Смарт Ливинг“, тукушто дипломирани архитекти самостојно да финансираат сопствен бизнис беше многу тешко. Наместо во свадбено патување, сите средства ги пренасочивме во создавање на нов македонски бренд: Смарт Ливинг, кој понатаму ќе прерасне во групација со компаниите Каре и архитектонското студио Суперблок под својата капа.

* Ајде да почнеме со ред... Што е „СУПЕРБЛОК“ студио и на какви сè проекти е ставен фокусот?

- „СУПЕРБЛОК“ е архитектонско студио кое постоеше уште од самите почетоци, но како интегрален дел од компанијата „Смарт Ливинг“. Оваа година, по 12 години хибридна работа, физички го одвоивме од „Смарт Ливинг“ и го брендиравме како самостојно правно лице. Како што се развиваше и растеше „Смарт Ливинг“, се создаде терен да се одвојат во два правни ентитети: архитектонското студио и продавницата за мебел и светло. Со тоа се оформи студиото во кое сега работат осум архитекти. Професионалниот фокус на студиото се проекти за индивидуалнои станбено домување како и корпоративни ентериери, хотели, ресторани, кафе барови и други специфични дејности кои се стремат кон светските трендови. Во моментов работиме станбени објекти, коорпоративни ентериери, хотели, ентериери, кадешто сме вклучени во целиот процес, од проект до комплетна реализација со целосно опремување на просторот. Македонија е предизвик за странски инвестиции и со тоа се отвора пазарот за изработка на ентериери на интернационални компании компании кај нас. Она што им е важно на овие клиенти е да имаат партнер со кој брзо и функционално ќе ги изведат просториите во кои ќе ги сместат своите вработени.

* Од каде идејата за да го донесете светски познатиот бренд „Каре“ во нашата земја? Раскажете ни нешто повеќе и за оваа успешна приказна.

- „Каре“ е германски бренд од Минхен специјализиран за мебел, светло и додадоци за ентериери, кој годинава прослави 40 години постоење. Во својата палета производи има повеќе од 4000 различни артикли и со тоа нашата продавница е полигон за ентериерните планери и за ентузијастите со префинет вкус. Каре со својот слоган !„Радоста на живеењето” моментално брои повеќе од 200 продавници ширум светот и е присутен во повеќе од 50 земји. Тоа што нас нè освои да го претставуваме овој бренд на нашиот пазар е автентичноста и необичноста на своите линии и секако затоа што станува збор за бренд кој нема ограничен избор на само еден стил, туку нуди различни насоки, од чисти скандинавски линии, до еклектични и декадентни парчиња кои изнудуваат насмевка на сечие лице.

Моментот кога „Каре Германија“ реши да влезе на нашиот пазар, нè контактираше нас. Изразија желба „Смарт Ливинг“ да биде нивнот партнер, како архитекти, но и добри познавачи на бизнисот со мебел, светло и додатоци. Уште на првиот состанок во Минхен се појави взаемна хемија и така започна приказната.

* Покрај „Каре“, тука е „Смарт Ливинг“, за кој годинава ја добивте наградата најдобра е-продавница на годината за дом, мебел и градина. Што е она по што се води „Смарт Ливинг“?

- На почеток мислевме дека ваквите настани се одвиваат наместено и настанот организиран од „Е-Commerce“ ќе биде уште едно клише (што се покажа дека е сосем спротивното). Кога нè прочитаа да излеземе на сцена за да ни ја врачат наградата, навистина бевме во шок и сите предрасуди за настанот во моментот исчезнаа. Признанието за трудот ни е од особена важност, затоа што со ситуацијата на пандемија многу работи се сменија, а со тоа моравме и ние да се адаптираме и да го смениме фокусот и дискурсот во работата. Во период кога сè беше неизвесно, вниманието го насочивме на нашата онлајн продавница во која се интегрирани двете фирми за мебел, „Смарт Ливинг“ и „Каре“. Почнавме да примаме нарачки од Токио, Торонто, па дури и од скандинавските земји. Главната шега во фирма ни беше дека Македонци им продаваат скандинавски дизајн на Скандинавци.

* По професија сте архитекти, колку и како придонесувате со тоа да се подобри позицијата на архитектите кај нас?

- Да, и двајцата сме архитекти, со тоа што Иван е и професор по урбан дизајн и е во постојана комуникација со младите архитекти. Ние секојдневно сме во контакт со наши колеги, во тек сме со проблемите со кои се соочуваат архитектите денес. Знаеме колку малку е вреднуван трудот на архитектот и колку е тешко да опстои една фирма работејќи само со проектирање. Скоро и невозможно. Затоа ќе забележите дека кај нас архитектите (воедно и ние), создаваат хибриден модел од две или три дејности, на пример проектирање и изведба или проектирање и продажба на мебел, проектирање и организација на настани...итн. Познавајќи ја ситуацијата во која се наоѓаат архитектите, одлучивме да бидеме поддршка од архитекти за архитекти. Просторот на „Каре“ и на „Смарт Ливинг“ може да се користат како „co-working space“ во ахитектонската струка, нудејќи им можност на своите клиенти кај нас да ги одржуваат состаноците или да работат на тековните проекти во еден поинаков инспиративен амбиент. Архитектите користејќи го нашиот простор можат да ги користат сите предности на нашите салони, од кафе до директна интеракција со мебелот и светлото кои би биле дел од нивните проекти. Истотака овозможуваме пристап до нашата датабаза на 3Д модели од мебелот и светлото кои ги нудиме за поедноставно интегрирање во проектните задачи.

* Што е следно? Какви настани, проекти или новитети можеме да очекуваме од ваша страна?

- Следно е уметноста. Се насочивме кон поддршка на младите потенцијали од Академијата за ликовни уметности – отескот за графика. Преку нашето здружение „Форум Скопје“ и нашите поддржувачи доделуваме стипендии и награди на студентите по графика. Организиравме донација на комплетен галериски простор во Академијата, комплекс „Сули Ан“. Следи инаугурација на галеријата во „Галерија Драгутин Аврамовски-Гуте“ на чија што фондација ние сме главни поддржувачи.

Во скоро време планираме изложба и официјално отворање на архитектонското студио „СУПЕРБЛОК“, ревија на „Кокев“ во соработка со „Каре“ за промоција на новата колекција во хотел „Мериот“, продолжуваме со „unplugged“ свирките во „Смарт Ливинг“ и „Каре“, работна посета на саемот за дизајн во Милано, итн. Како и да е, нè чека година со многу креативно празнење кое беше насобрано изминатиов период.


*Љ.Иванова & Д.К.Илиоска

*Фото: В.Тануровски