„Напипав грутче на мојата дојка, неизвесноста ме натера да сфатам колку е важно веднаш да се реагира: Борбата започнува со навремен преглед
Ракот на дојка е едно од најчестите и најтешки заболувања со кои жените се соочуваат денес. Ова заболување не познава граници, возрасти или социјални класи – тоа може да ги погоди жените насекаде во светот. Во 2022 година, во светски рамки беа регистрирани над 2,3 милиони нови случаи, додека во Македонија годишно се откриваат помеѓу 700 и 800 нови случаи на рак на дојка. Овие бројки ја покажуваат сериозноста на проблемот и важноста на редовните прегледи и навремената дијагностика, кои можат да го спасат животот.
Додека светот го одбележува октомври како месец за подигнување на свеста за оваа болест, кампањите потсетуваат на важноста на раната дијагноза. Во нашата земја, секоја година голем број жени се соочуваат со оваа болест, а прегледите како што е мамографијата можат да направат клучна разлика за раното откривање и успешното лекување на туморот.
Лични приказни за борбата со неизвесноста
Во изјава за Фактор, некои од пациентките ја споделија својата приказна за Фактор, нагласувајќи дека самопрегледите се од исклучителна важност.
Марија, открила грутче и подолг период чекала преглед за мамографија.
„Во јуни напипав грутче на мојата дојка и веднаш се обратив кај матичната лекарка, но не можеше да ми обезбеди термин за мамографија. Не сакав да чекам предолго, па решив приватно да направам мамографија дури на почетокот на октомври. Сега чекам биопсија и постојано се прашувам дали можеби е предоцна. Оваа неизвесност е страшна, а времето што помина од кога ја открив грутката до денес ме натера да сфатам колку е важно веднаш да се реагира.“
Верица и уште неколку нејзини пријателки со месеци чекаат да добијат термин за овој исклучително важен дојагностички преглед иако уредно се регистрирале електронски.
„Јас и уште четири мои блиски пријателки кои веќе сме над 50 години се регистриравме електронски за мамографија преку системот, и добивме автоматска потврда на мејл дека барањето е прифатено. Но, од тогаш поминаа месеци, а се уште немам добиено СМС со конкретен термин за преглед.
Снежана, која веќе направила мастектомија, посочува дека процесот на лекување не е едноставен и може да трае подолго, но дека сето тоа полесно се надминува со поддршка од најблиските, но и совети од стручни лица, психолози.
„Откако ми открија тумор на дојката и по извршената биопсија, решив да ја направам мастектомијата. Операцијата беше успешна, но сега сум на дополнителна терапија на Клиниката за онкологија. Процесот на лекување е долг и понекогаш тешко се издржува, но се борам секој ден, надевајќи се на целосно оздравување. Мојата порака до сите жени е да не се плашат од прегледите и да не одложуваат – порано откривање значи поголеми шанси за успешен исход.“