Нашите торти се 100% уникатни и 100% безбедни: „ММ слатка маса“ за новата роденденска корона реалност

Добивај вести на Viber

Оваа 2020-та година ни донесе поинаков начин на живеење, а со самото тоа поинакво славење на родендените (кои се неизбежни секоја година). Без веселби и само во кругот на семејството. Но како родителите да му објаснат на детето дека оваа година нема да има торта која се смислува цела година, слатка маса и многу другарчиња... Не, на крајот барем првите две мора да ги има. За тоа тука се „ММ слатка маса“ кои работат и во време на пандемија и се трудат да ги оттргнат мислите на децата од тмурното секојдневие барем на нивниот роденден.

* Од каде идејата за ваков бизнис?

- Денес многу често слушаме дека малите бизниси потекнуваат од некоја идеја која сосем случајно поминала низ умот на сопственикот, но за нашиот бизнис се клучни два многу спонтани моменти. Едниот момент е поврзан со првиот роденден на нашата ќерка, кога решивме целата декорација да биде изработена од нас. Сакавме да биде уникатно и направивме одлична декорација, заедно со маса на склопување, која имаше кровче и тркала. Темата беше „ice cream truck“. По завршување на роденденот добивме безброј прашања за декорациите и кога на сите им дадовме одговор дека се е наше, разговорот завршуваше со „Ќе ми ја позајмите масата и ќе декорирате нешто минијатурно, ќе си платиме". Кога ова мислење ќе дојде од повеќе лица, различни профили на луѓе, човек вреди да се размисли. После два месеци од роденденот со сопругот решивме дека ќе се обидеме и почнавме од идејата да ја изнајмуваме нашата маса. Оттука и името „ММ слатка маса". 

Вториот момент е поврзан со помош околу изработка на хартиена торта за син на моја колешка. Сликата од таа торта не донесе денес во ситуација да имаме уникатни торти од хартија, за кои голем дел од луѓето мислат дека се за јадење. 

* Од каде црпите инспирација, дали сте во можност да ги исполните сите желби на дечињата?

- Инспирација има насекаде околу нас, но најважни ни се очекувањата на клиентите. Зависно од нивните очекувања го прилагодуваме финалниот изглед на слатката маса и декорациите. Некои очекуваат многу, некои сакаат малку, а ние сакаме среќни и задоволни клиенти. Поминуваме многу време на интернет, но важно е декорацијата да биде соодветна и на просторот. Затоа секогаш одиме на лице место за да го доживееме и измериме просторот во кој треба да се вклопиме. Се трудиме да предизвикаме радост и среќа кај нашите славеници и затоа нашиот персонализиран пристап без повторување на декорациите, дава одлични резултати.

Во досегашното наше постоење од една година, не сме имале ситуација во која не сме го реализирале она што било како замисла од клиентите. Имаме толку многу голем избор на теми и материјали за изработка, што ни остава голем простор да бидеме креативни. Најголем предизвик ни се нови теми кои претходно не сме ги работеле. Новината дава слобода да направиш нешто посебно, бидејќи ја нема "рамката" од она што веќе било изрзботено.

* Како работите во време на панедемија на коронавирус, колку почувствувавте потешкотии во бизнисот?

- Многу тешко. Во март месец кога почна да се шири пандемијата ни ги откажаа сите договорени нарачки, а април и мај воопшто и не се реализираа роденденски прослави. Тие беа три најтешки месеци, но полека почнуваме да се враќаме во нормала и скромно да ги одбележуваме родендените во кругот на најблиските. Сепак, далеку сме од темпото кое беше пред короната, затоа и ние како дејност директно засегната од пандемијата, решивме да се прилагодиме на новото нормално и да направиме малку поинакви производи, достапни за сите.

* Што е најактуелно во моментов во вашата понуда?

- Моментално најактуелни се нашите торти кои се рачно изработени од различни видови на хартија. Костурот на тортите се прави од различните видови на хартија, додека фигурите се изработуваат рачно од стиропор. Тие имаат ист изглед како и традиционалните торти за јадење, но имаат сосема друга намена. Потребата за прослава на родендени со хартиени торти ја наметнаа градинките, бидејќи немаат услови за соодветно складирање на тортите за јадење. Нашите торти се одлични и кога сакате некого да изненадите со уникатен подарок кој ќе го ставите во внатрешноста на тортата. Сите наши торти лесно се отвараат и внатре можете да ги наполните со најразлични производи како: чоколатца, лижавчиња, крембанани и сл. По завршеток на прославата оваа торта станува дел од катчето на вашето дете кое си ја користи за најразлични потреби. 

* Споменавте дека се прилагодувате на новата ситуација, што мислевте со тоа?

- Ги разгледувавме сите можности и решивме да почнеме со изработка и на мали подарок тортички во форма на ликови од цртаните филмови, омилени предмети на возрасните лица и сл. Се поактуелни се подароците „во плик", а самиот плик е доста неактуелен. Затоа ние нудиме еден нов пристап кон овие форми на подарок и малку поинакво доживување. Но, нема да застанеме тука, туку ќе продолжиме и понатаму со реализација на нови идеи. Во следниот период ќе ги вклучиме и возрасните во приказната во хартиени торти. Нашите торти се 100% уникатни и 100% безбедни. 


*Во следните денови, следете Женски Магазин и очекувајте „giveaway“ со 6 подарок тортички за роденденот на Вашето најмило

Даница Караташова