Институциите доцнат, а одлуките во 5 до 12 се штетни за сите: Познатите за онлајн наставата
Повеќето од родителите на основците и на
средношколците не се задоволни од организацијата на онлајн наставата која се
одвиваше од март до крајот на учебната година во јуни, а од друга страна пак од
безбедносни причини и заштита од вирусот Ковид-19 не би ги пуштиле децата на
училиште од септември.
На Фејсбук во моментов е актуелна групата ПОДДРШКА ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА ВО УЧЕБНАТА 2020/2021, која брои повеќе од 12 илјади членови, и има околу од 400 објави просечно во денот, а од неодамна е поставена и петиција за да продолжи онлајн наставата од септември. Има и родители кои сметаат дека скратена настава со добра организација може да се одржува во училишние дворови за почеток.
Три мајки на основци, пејачката и претседател на здружението „Дајте ни крилја“ Ребека Јанковска- Ристески, музичкиот новинар Бранка Костиќ - Марковиќ која и самата беше позитивна на вирусот и актерката и пејачка Ели Клинчаревска- Младеновска ги споделија своите мислења за тоа како треба да се одвива наставата следниот месец.
„Онлајн и во училиште. Зависно од местото(градот,село,населба), бројноста на заразени во тоа место, општина. Секаде да биде според условите. Оние деца кои немаат компјутер,таблет и интернет, а живеат во ризични подрачја(општини) да одат во училиште или да им се обезбеди таблет,интернет. Голем дел од наставниците се без идеа за жал. Требаше летово да се работи во природа со мали групи на деца(со оние од прво до петто одделение). Наставниот материјал може да се предава и на отворено,а она што е за пишување дома,онлајн. Има начин,но треба и желба,љубов, посветеност...Но за жал јас не сум стручна. Треба анализи и предлози да создаваат експерти,педагози,информатичари,психолози...Начинот на кој што учеа онлајн изминатиот период беше лош“, вели Ребека.
„Јас сум за онлајн настава зашто во овој момент, на само две седмици пред почетокот на училишната година, никој од надлежните не излезе со конкретни информации за (не)подготвената стратегија за новата училишна година, а условите со пандемијата се такви какви што се, односно епидемиолошката состојба во земјава е една од најлошите во светот“, смета Бранка Костиќ- Марковиќ. „Тој страв од дилетантизмот со кој се соочуваме е голем и најдобра потврда за него е Фејсбук групата за поддршка на онлајн наставата за учебната 2020/21 година. Таа веќе брои повеќе од 12 000 членови, а петицијата која што ја покрена истата е потпишана од над 3 000 луѓе. Членовите – мајки, наставници, лекари подготви и достави барање до надлежните институции, каде јасно се објаснува причината за нашето екипирање, нашите стравови од непоготвеноста на државата за нормален (во услови на криза) почеток на училишната година и нашите предлози за продолжувањето на образованието на нашите деца соодветно алармантната состојба со Коронавирусот“, е мислењето на Бранка.
Ребека и нејзиниот
сопруг, доктор Милан Ристески размислуваат близнаците Макариј и Доротеј кои ќе
тргнат во второ одделение да ја повторуваат годината, од септемвреи повторно да
го учат материјалот од прво одделение.
„ Искрено, немам идеја што и како е најдобро за децата. Дома со Мики дури разговаравме и за повторно учење на истата година догодина т.н.повторување на година. Зошто да не!? Сакам моите деца да имаат комуникација со наставничката и да го совладаат материјалот како што треба. Децата до петто одделение имаат две наставнички,а и тие само тоа одделение. Мислам дека ќе мора секојдневно да комуницираат со нив. Не се доволно само испринтани листови и пишани одговори. Секое дете мора да добие барем по 15минутикомуникација, барем по телефон. Додека дозволуваат временските услови нека се гледаат во мали групи некаде надвор. Има начини како што кажав,треба желба и љубов. Како можат лекарите да се борат секој ден за своите пациенти? Така треба да се борат и наставниците за своите ученици. Доволно се одмараа. Време е да се фатат за работа. И уште нешто. Што е со децата со попреченост? Има кадар во училиштата кој не е директно поврзан со наставата. Што прават тие? Ако земаат плата нека се фатат за работа. Можат да помагаат во домовите на семејствата каде што има деца,лица со попреченост, хронично болни,многудетни семејства.. Маска,дезинфекција и да зготват, да зачистат,да купат нешто и слично. За оние кои немаат таблет нека им позајмат другарчињата или пак да се направи акција (подари таблет). Интернет да спонзорираат интернет компаниите. Сите треба да се вложиме и да помогнеме,за да успееме. Простете ако некој се најде навреден,немам намера никого да навредам. Ова се мои идеи и се трудев да помогнам и поттикнам. ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ МОРА ДА ИМААТ АСИСТЕНТ ДОМА. ПОСЕБНО АКО ВО СЕМЕЈСТВОТО ИМА 2 ИЛИ ПОВЕЌЕ ДЕЦА!!!“, вели Ребека која со своето здружение интензивно им помага на лицата со ретки болести. Најстариот син на Ребека и на Милан, Маркијан, во ноември ќе наполни 14 години и боледува од ретката болест туберозна склероза.
Ели Клинчаревска- Младеновска вели дека долго време размислува на оваа тема и таа го дели мислењето на Бранка Костиќ- Марковиќ дека не треба да се отворат училиштата затоа што сме соочени со огромен проблем.
„Во многу училишта не може да се спроведе основниот протокол кој налага дистанца од 2 метра и апсолутна хигиена. Но, ова го прифаќам исклучиво како привремено решение и мислам дека во изминативе 4 месеци имаше доволно време да се реновираат училиштата и да се направи добра стратегија за физичко присуство на учениците во училиштата. Онлајн наставата е краткорочно решение и прашањето е до кога и како ќе функционира. Не сум задоволна од тоа како се спроведе и сметам дека имаше големи пропусти. Голем број наставници не се ни појавија ниту на Зум ниту на Едмодо. Имаше и такви кои никогаш немале никаква обука и не се снаоѓаа најдобро и ги грешеа учениците.Доколку и годинава се продолжи со онлајн настава, потребна е добра онлајн платформа и обучени наставници за истата. На учениците им е потребно предавање и објаснување на материјалот. Тие треба да имаат секојдневни часови и проверки на знаењето на Зум. За сите семејства кои не можат да му овозможат на детето да следи онлајн настава треба Министерството за образование и Министерството за труд и социјална работа да обезбедат донации за решавање и на овој проблем. Пропусти има многу и се надевам дека за брзо време ќе се решат затоа што социјализацијата на децата е еден од клучните фактори на нивното созревање и формирање. Затоа велам дека ова треба да е ПРИВРЕМЕНО решение а надлежните да работат на создавање на услови за настава според сите протоколи и да се направат реформи на целиот образовен систем во кој подеднакво ќе бидат вклучени и децата со попреченост“, вели актерката која е сопруга на музичарот Петар Младеновски-Пеце од бендот „Суперхикс“. Нивната ќерка Маша сега ќе тргне во второ одделение, а синот Никола во седмо.
„Иако сите сме сложни дека физичкото присуство во наставата е незаменливо, во случај на ваква криза е беспредметно да се говори за социјализација,интерактивност итрадиционално предавање на знаењата, зашто нема поголем приоритет од здравјето. Од друга страна, дигиталната технологија е веќе одамна дел од нашите животи и од каде толкав отпор кон неа кога таа е и мора да биде составен дел од нашето нормално секојдневие, а дефинитивно е најдобриот сојузник во надминување на оваа голема криза на човештвото. А друго е прашањето дали требаше ли да ни се случи пандемија, па дури тогаш да ги отвориме сите болни прашања на нашиот образовен и здравствен систем. За овие работи се размислува кога нема криза и се води сметка сите деца да имаат еднакви услови за учење, а не сега во криза, кога има поважни и ургентни работи за решавање. Сега е единствено важно здравјето на децата, а со тоа и здравјето на сите нас“, вели Бранка Костиќ - Марковиќ.
За неа, оваа неизвесност во која не држат со денови за моделот и датумот на отпочнување на школската година е дополнителен аларм за оправдано стравување.
„Кога ќе се распишат тендери за обезбедување на маски и средства за дезинфекција, кога ќе се обучи наставниот кадар за однесување во услови на криза, кога ќе ни дадат јасни инструкции на нас родителите и конечно и најважно, кој ќе ја превземе одговорноста ако нешто појде како што не треба? Кога ние родителите ќе можеме да го регулираме нашето работење со нашите работодавачи и институции? Тоа се прашања за чие решавање треба време и за кои не е дозволиво одлучување во 5 до 12“, децидна е Бранка.
Што се однесува до нејзиното лично искуство на родител на второодделенец во месеците од март наваму, откако сите нè снајде оваа здравствена криза, вели дека таа и нејзиниот сопруг Младен Марковиќ, композитор и Универзитетски професор во Белгард, имале голема среќа што синот Марко има навистина добри наставнички, кои многу брзо реагирале и се снашле во новонастанатата ситуација.
„Имаа чувство како да ја адаптираат наставата на сите предизвици за кои реално сите бевме неподготвени и таа да почне непречено и во континуитет да функционира. Тоа беше посредна онлајн настава, преку размена на задачи и одговори на платформата „Гугл класрум“, што ми се чини за најсоодветна за првите пет одделенија и за периодот што претстои. Добивавме и исполнувавме задачи на дневна база, добивавме интересни мултимедијални содржини за дообјаснување на материјалот и сето тоа, со наша техничка и педагошко-родителска асистенција се извршуваше на радост и задоволство на децата. Јас имам едно дете, па верувам дека на родителите со две и повеќе деца, а и на оние кои мораа физички да одат на работа им беше посложено, но сепак ваквиот начин го сметам за многу продуктивен за децата. И да бидеме на чисто, ваквата настава, колку и да е несовршена е далеку побезбедна од присуството во училница во време кога имаме троцифрени бројки на заболени. А за социјализацијата? Па за каква социјализација можеме да говориме кога наставничките ќе мораат постојано да инсистираат на социјална дистанца меѓу учениците и кога часот наместо во пренесување на знаења ќе мора да се употреби во делење на опомени спроведување на пропишани протоколи. Оттука, јас сум недвосмислено за онлајн настава за сите, сѐ до нормализирање на епидемиолошката состојба (до едноцифрени бројки на заболени) и до целосно исполнување на безбедносни услови за враќање на учениците во училишните клупи“, зборува музичката новинарка за своето искуство.
Ребека за крај нагласува дека образованието и предходно имаше многу недостатоци.
„Програмата беше несоодветно распоредена и несоодветно приспособена на возраста на децата. И наставниците беа незадоволни, но ништо не превземаа.Не видов некаква иницијатива ,барање од страна на наставниците за подобрување,промена на програмата. А да не ви раскажувам како учат и дали воопшто се работи со децата со попреченост. Училиштата голем дел од проблемите со децата ги ставаат под тепих. Се молчи за сè “, вели Ребека.
Додека ја очекуваме конечната одлука на Владата дали децата ќе продолжат да учат од дома и на кој начин, актуелна е изјавата на министерот за здравство Венко Филипче. Тој смета дека децата треба да одат на училиште ако родителите сесоглани, а ако не се, да се направи онлајн модел.
Милица Џаровска