Наташа Чингаровска Караева: Откако почнав да цртам мандали, станав поотворена личност и се чувствувам поспокојно
Наташа Чингаровска Караева (51) по професија и занимање е градежен инженер статичар. Се занимава и со цртање мандали, еден од најстарите, универзални симболи кои му се познати на човекот. Импулот за креирање се случил во пандемиски услови, кога животот присилно подзабави со своето темпо, како желба за креативно исполнување на вишокот време кое се појави во карантинското живеење. Вели дека во секоја нејзина мандала е вграден дел од неа, специфичен и карактеристичен за менталната состојба во која била кога ја изработувала. Таа е сопруга и мајка на два прекрасни сина - Павел и Андреј Караеви. Работи во семејна градежна фирма која постои од 1992 година.
ЖМ: Што претставува мандала и од каде потекнува?
- Мандала е еден од најстарите, универзални симболи кои му се познати на човекот. Мандала на Санскрит значи круг, а може да се најде насекаде, од палеолитски гравури до средновековни алхемии и тибетански будизам. На најосновно ниво, мандалите симболизираат - целина, хармонија, единство и совршенство. Со мандалите се означуваат: психолошка рамнотежа (Јунговска психологија), космичкиот ред (таоизам), религиските уверувања (Христијанство) и минливост на животот (Навајо индијанци). Во Тибет на пример, мандалите се создадени како помагало при медитирање за будистичките свештеници. Без оглед на нивното толкување, мандалите низ историјата секогаш и секаде преставувале нешто свето и мистично. Цртањето на мандалата е длабока медитативна пракса. Создавањето на своја мандала е убав начин за влез во друга состојба на свеста. Набљудување на мандала предизвикува чувство на пријатност, смиреност, целовитост и креативност. Значењето на мандалата варира од култура до култура. Евидентно е дека светиот круг е видлив во природата, во сакралната уметност и во духовните ритуали од почетокот на човештвото. Круговите се секогаш симбол на единство и апелираат на нашето подлабоко разбирање на вистината, радоста, бесконечноста.
ЖМ: Уметничката дарба за нивно создавање често е сфатена како многу посебен талент. Кога тој се роди кај вас и зошто одбравте да се занимавате со оваа атипична уметност за овие простори?
- Вака формулираното прашање го доживувам како комплимент и благодарам.
Некаков базичен талент за цртање носам во себе уште од дете, но освен на задолжителните часови по ликовно образование, на кои уживав, не сум создала простор тој талент да го култивирам, унапредам и да му дадам простор да се реализира. Напротив, бил сосема заборавен и занемарен. Импулсот за креирање и создавање се случи во пандемиски услови, кога животот присилно подзабави со своето темпо, како желба за креативно исполнување на вишокот време кое се појави во карантинското живеење. Тогаш си пронајдов и една сочувана папка со мои цртежи изработени на возраст од околу 11-12 години. Интересна беше реакцијата на мојот сопруг Владо Караев, со кого сме заедно 29 години, кога му ги покажав моите цртежи. Беше зачуден зошто воопшто не го познава тој дел од мене. Од денешна дистанца, среќна сум што го почувствував импулсот за креативно изразување и што му дадов време и простор да се реализира и профини. Зошто мандали? Мојот „математички“ ум е привлечен од симетрија, хармонија, ритмичност - карактеристика на мандалите. Отсекогаш сум се восхитувала на креации во кои се вградени овие карактеристики. Токму тоа ме понесе да се впуштам во тој, за мене непознат простор, да истражувам, да испробувам, и по извесно време да дојдам до фаза да можам и да создавам мои мандали.
ЖМ: Сите мандали се различни но јасно препознатливи по доминантниот кружен принцип. Каде е посебноста на вашите дела?
- Да, мандалите се препознатлива креација и доминантно се кружни, но може од круг да се трансформираат во правоаголник и обратно. А во врска со посебноста на моите мандали, би кажала само дека во секоја една е вграден дел од мене, специфичен и карактеристичен за менталната состојба во која сум била кога сум ја изработувала конкретната мандала. Понекогаш знам да се изненадам сама од себе од тоа што излегло од мене и естетиката која сум ја создала. Специфично е и тоа што не можам повторно да реплицирам мандала која сум ја создала, не оди, неприродно ми е, бидејќи сегашниот момент, сегашната инспирација и сегашната ментална состојба е поразлична од таа кога сум изработувала некоја конкретна мандала.
ЖМ: Како изгледаат подготовките и колку време ви е потребно за создавање на една мандала?
- Подготовките и времетраењето за изработка на мандала зависи од материјалите со кои ќе ја работам мандалата, како и нејзините димензии. Мандала може да се изработи во молив на хартија, пенкало или фломастер на хартија, се изработуваат и од камчиња, цвеќиња, од песок во боја... Тука ќе го опишам процесот на изработка на мандала во техника - акрил на платно. Најпрво ја подготвувам позадината на мандалата, т.е го бојам платното во одбраната боја. Потоа со молив, шестар и линеар ја исцртувам позадинската геометрија која се состои од кругови и правци, која е неопходна за да се задржи симетријата на мандалата. Потоа со слободна рака ги исцртувам формите кои ми се потребни. За оваа фаза постојат и шаблони, но јас не ги користам. Следува боењето на дел од формите, фаза која ја дефинира геометријата на мандалата, а потоа внатрешниот простор го исполнувам со различни орнаменти. Користам различни алатки како - четки за боење, алатки за точкање, алатки за изработка на волуменски орнаменти, точки и линии. Откако ќе одлучам дека е доволно „украсувањето„ на мандалата, следува нанесување на завршен слој, кој ги фиксира боите и врамување.
ЖМ: Ве смени ли како личност создавањето на овие уметнички дела?
- Секако, да. Чувството по завршено дело, чија естетика мене ќе ми се допадне е уникатно. Финален уметнички и естетски продукт, создаден од моите раце и мојот ум за мене има непроценливо значење. Како интроверт, излегувањето во јавност преку моите дела, беше процес сам за себе. Процес низ кој што спонтано и природно си ги рушев личните граници и ограничувања и излегував од комфорната зона. Откако почнав да изработувам мандали се чувствувам поспокојно. А дали и како тоа се рефлектира во мојата интеракција со луѓето околу мене, не можам да тврдам... можете да ги прашате нив :)
ЖМ: Кога цртате го користите ли тоа време за преиспитување?
- Оооо, да. Повторно ќе напоменам дека секоја мандала е приказна сама за себе, затоа што е изработувана во еден и единствен неповторлив момент, во кој мојот ум бил во некаква, и секогаш различна состојба, со поинаква инспирација и желба за креација. За себе знам дека можам да цртам, и цртам само кога сум доволно мирна и спокојна. Изработка на мандала, особено тој тип на мандали кои јас ги изработувам, бара мирна рака и мирен ум. Е сега, каде и како ќе ме прошета умот додека цртам е секогаш различно. Но знам дека кај мене „шумот“ од непрекинати хаотични мисли се стишува и ми овозможува да се насочам на една конкретна тема, да ја разглобам, да се преиспитувам и да растам.
ЖМ: Каде ја наоѓате инспирацијата? Дали мотивите за мандалите најчесто се во природата?
- Природата отсекогаш е непресушен извор на инспирација. Природата спонтано тежнее кон самоорганизација во хармонија и ред. Различно е доживувањето кога ја гледаме природата без посебно внимание и љубопитност, или ја перцепираме, доживуваме и ѝ се восхитуваме на нејзината совршеност како таква, или одиме уште подлабоко во разбирање на совршените матрици кои се повторуваат и можат да бидат инспирација за уметничко творење. Уште античките цивилизации забележале дека во природата постојат совршени геометриски форми кои се повторуваат, кои подоцна биле „преведени“ и на математички јазик. Постои и античка наука „Сакрална геометрија“ која ги истражува и објаснува овие матрици во природата, нивните математички формули и нивната структура и која смета дека токму тие матрици се доказ дека природната енергија се самоорганизира во својата креација и совршенство.
ЖМ: Постои ли интерес за мандалите и каде најчесто луѓето треба да ги чуваат? Од искуство, освен изработката дали и погледот во нив има психички ефект?
- Секое битие на свој уникатен начин ги доживува мандалите. Мандалата може да се доживее само како естетска креација. Други пак ги доживуваат многу подуховно, како сакрален предмет со кој се поврзуваат и ја доживуваат како средство, алатка, која им помага во нивното духовно патување и растење. Ги опишав двата екстрема, а секако постои и спектар помеѓу нив, кој е нијанса со различен интензитет и од едното и од другото. Во зависност од тоа што мандалата ќе разбуди кај набљудувачот, го одредува и местото на мандалата. Ако е само естетскиот аспект, треба да се вклопи со боја и форма во ентериерот во кој ќе престојува. Доколку постои духовен аспект и посебна енергетска поврзаност и значење за набљудувачот, тогаш мандалата треба да се постави во одреден простор кој би бил наменет за индивидуалното духовно патување на набљудувачот, како простор за молитва, медитација, вежбање јога... За себе знам дека дел од мандалите кои ги имам изработено, за мене претставуваат само естетска креација. Има и такви (помалкубројни) кои ми провоцираат некаков чуден и многу пријатен спокој, кои ги гледам и доживувам на поинаков начин. Веројатно тоа е таа дополнителна вредност која во себе можат да ја носат мандалите и да ја „дадат“ на набљудувачот.
Иако кај мене примарниот импулс е создавање на естетска креација, можам да потврдам постоење на дополнителна духовна вредност и можност за поврзување на некоја мандала со некое битие. Од досегашното искуство од посетителите на ателјето во кое се изложени моите мандали, можам да потврдам дека понекогаш се случува посебно „поврзување“ на одредено битие, со одредена мандала и кога сведочам на таков момент, чувството е прекрасно. Посакувам секое битие да си ја пронајде својата мандала, без разлика дали ќе ја изработи само или некој друг за него, и да го доживее спокојот кој мандалата го носи во себе и го дава во просторот во кој престојува.
Соња Алексоска Неделковска