Наташа Малинкова: Секој од нас барем еднаш бил скршен и повреден
Пејачката Наташа Малинкова го претстави видеозаписот за темата „Ако грев е што те сакам“ потпишан од „Веста Продукција“. Комплетен автор на рефренот е нејзиниот долгогодишен соработник и пријател Столе Аврамов, а станува збор за љубовна приказна во која, како што вели познатата пејачка, многумина ќе се пронајдат.
- Во оваа модерна балада ги дадов сите мои емоции. И токму поради тоа мислам дека ќе си го пронајде патот до публиката. Секој од нас барем еднаш во животот бил скршен и повреден. Е, токму тие ќе уживаат во оваа песна – ни изјави Малинкова.
Минатата година Наташа сними повеќе композиции кои се планирани за албум, но до издавањето на цедето фановите ќе ги израдува со уште неколку синглови.
- Поради постојаните настапи по дискотеките, сфатив дека публиката бара поенергичен и помодерен звук. Токму тоа го имам и на новиот материјал – открива таа.
И покрај плановите за посериозен пробив на домашната поп-сцена, вели дека ќе продолжи да ја гради кариерата од родното Кавадарци.
- Не чувствувам хендикеп што не сум во Скопје затоа што и вака одлично можам да функционирам. Покрај семејството, во Кавадарци ме врзува и семејниот бизнис и таму сум секојдневно ангажирана. Настапувам за викендите – вели пејачката.
Ѓ.С.