Наташа Поповиќ, директорка на „Охридско лето“: Постои некаква хемија меѓу мене и фестивалот

Добивај вести на Viber

Втората година од директорувањето на пијанистката Наташа Поповиќ со фестивалот „Охридско лето“ беше планирано - јубилејна и непланирано – пандемиска.

Овие две крајности, првата која бараше екстра организациски напор во чест на шестте децении на фестивалот и втората која наложи серија рестрикции во бројноста и на публиката и на учесниците, го моделираа овогодишното издание на „Охридско лето“- малку поинаку. А директорката Поповиќ мораше да ги изменаџира тие крајности и да ги избалансира организациските амбиции и пандемиските ограничувања. 

Не и' е првпат да се справува со спротивности. Кога била мала – заспивала на столчињата во црквата „Света Софија“, зашто нејзината мајка, професор по флејта, сакала да го дослуша концертот до крај. Кога решила да се врати во Македонија, откако ги завршила студиите и магистратурата во САД, исто така се соочила со многу за и против.

Сега кругот се затвори – заспаното девојче на коцертот во „Света Софија“, подоцна магистерка по пијано, веќе втора година е директорка на најголемата музичко-сценска манифестација кај нас.  

*Како сте? Како изгледа денот на директорката на „Охридско лето“ насред одржувањето на Фестивалот?

- Ви благодарам за прашањето! Никој не ме прашува за тоа. Се чувствувам одлично иако е период кога за фестивалот се работи под полна пареа. Секој ден ми е исполнет од почеток до крај. Знаете како е, се работи за најголемата и најреномирана културно-сценска манифестација во поширокиот регион и за да ги задржиме таквите епитети мора да се работи деноноќно. Денот започнува рано наутро со зацртани и планирани активности, но за волја на вистината, секогаш излегуваат и непланирани работи – и со уметниците и со публиката. Се трудиме да бидат задоволни сите.

*Годинешниов фестивал се одржува во вонредни околности. Имаше ли двоумења околу тоа дали да се одржи и што беше пресудно да се донесе конечната одлука?

- Тимот на „Охридско лето“ почна да се подготвува за годинешното јубилејно издание уште во септември минатата година, по завршувањето на претходниот фестивал. Сакавме јубилејот да  биде заокружен со програма за која ќе се бара билет повеќе, при тоа, не знаејќи дека ќе ни се случи здравствена криза од пандемиски размери која на сите ќе ни ги наруши плановите. Конечната одлука беше донесена во преговори со Министерството за култура - да се одржи јубилејното издание, секако, под многу строги протоколи.

*Дали е Охрид тест за можноста музичко-сценските изведби да продолжат – без ризик по јавното здравје?

-Апсолутно. Најпрвин е ограничен бројот на публиката. Жал ми е што на многумина им се скратува можноста да присуствуваат на изведбите, но така наложува протоколот. Потоа се внимава на растојанието, задолжително е носењето заштитни маски. Уште на самиот влез на секој настан се мери телесната температура и се врши дезинфекција на рацете на сите – на публиката, на организаторите, на уметниците. Не е загрозено ничие здравје.

*Операта, балетот и театарот практично имаат свој пандемиски рестарт на „Охридско лето“. Што покажаа досегашните искуства?

- Фестивалот годинава е мека на уметниците кои изминатите месеци, откако е прогласена пандемијата, се оневозможени да работат. Сите овие месеци уметниците сонуваат театарски и балетски претстави, сонуваат концерти и многу ми е драго што им овозможивме по толкава пауза да се вратат на сцената. Сите кои настапуваат годинава велат дека се пресреќни што по подолга пауза имаа шанса да го почувствуваат флуидот со публиката зашто тој е, нели, најважниот поттик за нив.

*Дали е фестивалската програма годинава – она што може, а не она што се сака?

- Без разлика на пандемијата, не се почувствува разлика и наспроти сите протоколи и пречки, не изостана квалитетот на програмата. И оваа година понудата е квалитетна, дури и на повисоко ниво од минатите години, а со тоа ја остваруваме и нашата цел - секое издание да биде уште подобро. Вирусот не го спречи квалитетот во програмата и доаѓањето на уметниците однадвор. Но, го осуети Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА (Европската  асоцијација на фестивали), чиј домаќин годинава, кога славиме јубилеј, требаше да биде Охрид.

*Во редовни околности (без патувачки и други рестрикции), кого ќе посакавте да донесете на јубилејното 60-то фестивалско издание?

-Тоа што сакавме да го донесеме, го донесовме. Успеавме во плановите, ама признавам - беше малку потешко.

*Како ја преживеавте аферата „Жељко Јоксимовиќ“?

-Па, не беше лесно да се преживее таа таканеречена „афера“ ако воопшто е афера. Сепак, стануваше збор за предлог-програма и тој концерт наречен „Два света“ на Жељко Јоксимовиќ со симфониски оркестар од Белград требаше да биде изведен во т.н. оф-програма. Не гледав проблем зошто не би можел да биде во оф-програмата, кога и во изминатите изданија во неа имало изведувачи кои не се од светот на класиката. Непријатни беа изјавите дека доаѓаат учесници однадвор, а не им се дава можност на домашните уметници. Со селекторите на фестивалската програма, најпрвин ги ставивме нашите македонски уметници, а потоа и уметниците од странство.

*Јавноста е очигледно чувствителна на програмата на „Охридско лето“ и во општата естрадизација го гледа фестивалот како бастион на класичните вредности. Може ли фестивалот да ги исполни тие очекувања и да остане посетен?

- Јавноста и публиката се најважните критичари на тоа што се пласира. Се предводиме од девизата „квалитетни уметници - задоволна публика“. Доказ за тоа се овациите за време на концертите и публиката што по концертите си заминува среќна и задоволна. Од друга страна, за годинашната програма добиваме и пофалби од многу уметници од целиот свет кои не настапија, но слушнаа кои нивни колеги концертираат на фестивалскиот подиум. Се разбира, „Охридско лето“ останува бастион на класичните вредности.

*Во овие две години раководење со Фестивалот – која ви е е највозбудливата средба? Која е највеселата фестивалска анегдота? Кој беше најнезгоден гостин?

- Секојдневно има разни предизвици. На пример, Ванеса Меј, голема уметница која го отвори минатогодишното издание на фестивалот. Звучно име, многу побарувања за посебна исхрана, посебни протоколи, но сето тоа заврши со врвен концерт кој на Антички театар, не можам да поверувам, собра триилјадна публика.  Но, тоа беше пред пандемијата.

*Нешто сосема лично – дали директорската позиција на Фестивалот затвора еден ваш личен круг?

-Откако паметам за себе, паметам и за „Охридско лето“. Бидејќи мојата мајка е музичар-флејтист, одев на концертите не знаејќи дека ќе влезам во тој свет, но благодарение на Бога, сум имала талент и тргнав по патот на класичната музика, заспивајќи на столовите во црквата „Света Софија“ и слушајќи врвни уметници. Многу ми е драго што денес раководам со фестивалот. Веројатно постои некаква хемија меѓу мене и „Охридско лето“ уште од дете. А, музиката? Музиката е мојата алфа и омега. И вторпат да се родам, повторно би била музичар. Среќна сум што живеам во светот на музиката, таа е мојата храна.

* А, како размислувате за САД?

-Последните две години од средното музичко образование, факултетот и магистерските студии ги завршив во САД. По завршувањето останав уште една година и имав доста концерти и настапи, но огромна ми беше желбата да се вратам дома. Америка е мојот втор дом и секогаш ќе биде. Таму пораснав, се образував и се изградив како личност, но сепак, дома си е дома.

Јасна Франговска