Науката во забрзување: Што е новооткриено неделава за коронавирусот?

Коронавирусот му даде невидено забрзување на научниот развој. Лондонски „Гардијан“ пренесува некои од најзначајните сознанија поврзани со новиот вирус, до кои е дојдено оваа недела.

*На повидок е тест за антитела
Евтин и достапен тест за антитела, кој ќе открие дали некој претходно имал ковид-19 се гледа како пресуден за менаџирање на следната фаза од пандемијата. Скринингот на популацијата може да го оцени севкупното ниво на имунитет и да дозволи луѓето постапно да се враќаат на своите работни места.
Различни тимови во светот веќе користат лабораториски тестирања на антитела, но предизвик е овие истражувања да се засилат, особено зашто тестовите треба да бидат правени неколку недели по инфекцијата. 

Паралелно, компаниите работат на опрема за домашно тестирање, нешто како тест за бременост.  Оваа недела, владата на Велика Британија предупреди дека ќе е тешко таквите тестови да се доволно веродостојни, иако набавиле 3,5 милиони такви парчиња со намера прво да им ги достават на здравствените работници, а потоа и на јавноста преку аптеките или со електронската продажба на Амазон.

Неименуван прототип од оваа опрема веќе е одобрен на Оксфорд неделава и чека тестирање.

-Само едно нешто е полошо од немање тест, а тоа е лош тест – велат здравствените експерти.

Во Шпанија, владата беше принудена да повлече 9000 кинески тестови за коронавирус, откако е предупредено дека нивото на нивната веродостојност е само 30 %.

*Ковид-19 може да влијае на чувството за мирис и вкус
Анегдотските извештаи кои циркулираа периодов дека ковид-19 може да предизвика губење на чувството за мирис и вкус, деновиве добија кредибилитет кога Британското здружение на оториноларинголози сугерираше дека тн. ансомиа може да е корисен симптом за скрининг на вирусот. Сознанието е засновано на извештаите од Јужна Кореја, Кина и Италија и на зголемениот број вакви поплаки на клиниките во Британија. Неделава и Светската здравствена организација објави дека е можно да постои врска меѓу вирусот и состојбата на ансомиа.

Добрата вест е дека дури коронавирусот и да ги убива нашите мирисни сетила, тие се надополнуваат со нови. 

-Колегите во Италија известија за охрабрувачки бројки на опоравувања, при што на многу пациенти чувството за мирис им се вратило за 14 дена – вели британското здружение.

*Вирусот е многу стабилен
Коронавирусите, генерално, не се наклонети да се менуваат брзо и неделава научниците обезбедија понатамошна гаранција за тоа. Тим на универзитетот Џон Хопкинс анализираше 1000 прмероци и, според „Вашингтон пост“, откри само 4 од 10 генетски разлики помеѓу примероците кои циркулираат во САД и оригиналниот вирус изолиран од пациентите во Вухан. Италијанските анализи, направени неделава, дојдоа до слични заклучоци. Ова сугерира дека ако се пронајде ефективна вакцина, таа ќе биде функционална подолго време. Како и да е, се уште е отворено прашањето колку е стабилен одговорот на човековиот имунитет на ковид-19 и дали луѓето кои се заразени еднаш би биле заштитени против нова инфекција подолго време.

*Излезна стратегија
Надежите дека животот ќе се врати во нормала за некое време згаснаа неделава откако се покажа дека мерките за изолација треба да потраат со месеци за да го дадат очекуваниот ефект. Статија објавена во угледното медицинско списание „Лансет“ смета дека ако контролата во Вухан се релаксираше во почетокот на амрт, кога бројот на случаите почна драматично да се намалува, градот ќе се соочеше со нова епидемија веќе во јуни. Одлуката на Кина да го продолжи периодот на изолација до почетокот на април ја намали можноста за јавувањето на нови инфекции до крајот на годината барем за 24 %.

*Мажите се поподложни на ковид-19
Се зголемуваат доказите дека новиот вирус е пофатален за мажите отколку за жените. Ова е првпат забележано во Кина, каде процентот на смртност изнесуваше 2,8 кај мажи, а 1,7 кај жени. Оваа шема се повтори и во земјите каде потоа се јавуваше епидемијата. Неделава, Шпанија објави дека починале двапати повеќе мажи отколку жени од последици на новиот вирус. Разликата од почетокот се припушуваше на поголемиот број пушачи помеѓу мажите отколку меѓу жените, што е случај во Кина. Откако истиот сооднос на смртност се повтори и во земји каде што бројот на мажи и жени пушачи е идентичен, научниците почнаа да разгледуваат други можности како таа дека женскиот имунолошки систем подобро се справува со вирусот од машкиот. Во кинеските лабораториии веќе се трага по одговор на оваа непознаница.