Не ми беше лесно да живеам на Балканот и да бидам жена која го држи рекордот во пукање на мажите: Дивна Пешиќ Грозданов за стрелаштвото, сликарството и животот во САД

Добивај вести на Viber

Таа е македонска сликарка, родум од Кавадарци, која со семејството повеќе од 10 години живее во Вудланд Парк, Њу Џерси. Професионален спортист која се занимава со стрелаштво, но и најдобар стрелец на сите времиња со малокалибарска и воздушна пушка во Македонија со 37 државни рекорди во женска и машка конкуренција. 

За најдобар стрелец во Македонија во категорија на сениорки беше прогласена во 2008 година, додека во 2009 стана актуелен државен првак во две дисциплини со малокалибарска пушка. 

Беше балкански шампион и двапати учествуваше на Олимписките игри, Сиднеј, Австралија (2000) и Атина, Грција (2004) и има постигнато врвни резултати на европските и светските натпреварувања.

Со сликарство, техника масло на платно, започнала да се занимава на 13-годишна возраст и има реализирано повеќе изложби во земјава и во странство.

Омажена е со Блаже Грозданов со кој имаат два сина, Стефан и Виктор.

Големи успеси, покрај стрелаштвото, Дивна ниже и во сликарството.  Препознатлива е по стилот Дивнизам кој плени со емоции, силни духовни вредности и љубов кон добрината и човечноста.

Со Дивна зборуваме за стрелаштвото, сликарството и животот во Америка.


ЖМ: Почитувана Дивна, од неодамна се закитивте со уште една светска награда по уметност. Што за вас значи оваа награда, на која сигурно сте горди бидејќи освоивте прво место во категоријата експресионизам?

- Најновата интернационална награда е прво место во светот на World Art Awards 2024, со делото „Еволуција”, масло на платно, 40х30 инчи, во категорија апстрактен експресионизам. Покрај оваа освоив уште три други награди на истиот светски натпревар во конкуренција на илјадници уметници од 61 држава од светот. Многу се гордеам што 20 најдобри светски галерии го наградија мојот труд со прво место во светот. 

ЖМ: Ајде да ја запознаеме публиката подобро, Која е Дивна Пешиќ Грозданов?

- Јас сум родена 1979 во Кавадарци, имам дипломирано на Филолошки факултет а магистрирано на Економски факултет.

Мојата спортска стрелачка кариера ја започнав на 6 години благодарение на мојот татко Благој Пешиќ кој е најдобар тренер со пушка на сите времиња во Македонија. Имам постигнато 37 државни рекорди со воздушна и малокалибарка пушка во машка и женска конкуренција, двапати сум била Балкански шампион, два пати сум учествувала на Олимписките игри, 15-то место на Светски куп, како и многу први места на интернационални турнири. 

Во мојата 32 годишна уметничка кариера имам реализирано 50-тина самостојни и групни изложби низ светот и имам освоено многу интернационални награди (www.divnapesic.com).

Прогласена сум за најдобар апстрактен експресионист во светот од страна на American Art Awards ( www.americanartawards.com) оценето од 25 најдобри галерии и музеи во САД.
Од интернационалните награди би ги издвоила и прво место на Top Art Awards2022, победник на Art Curator Choice Award 2023/4, добитник на Career Art Awards 2023 во Санремо, Италија, наградата Luxembourg Art Prize 2022  од еден од најпрестижните музеи во Европа Pinacotheque Museum, добитник на international Prize Donatello 2023 во Фиренца, Италија, прогласена сум за Амбасадор на уметноста за 2024…
Покрај овие престижни интернационални признанија сепак најдраги ми се наградите од публиката, реакциите и восхитот на мојата публика. 


ЖМ: Од кога се занимавате со сликарство, какви се техники користите, раскажете ни за вашата уметност?

- Оваа година за првпат се претставив на светскиот саем за уметност Art Expo New York во Менхетен, каде што бев преплавена од позитивни критики и честитки од илјадници посетители за мојата оригиналност во уметничкото изразување. Многумина од повозрасните уметници и ликовни критичари ме споредуваа со генијалецот Салвадор Дали со таа разлика што во моите дела чувствувале повеќе емоции, што за мене секако беше голем комплимент ако се знае дека јас почнав да сликам масло на платно на 13 години токму поради Дали, инспирирана од неговите дела.

Во моментот е поставена мојата самостојна изложба во најголемиот културно уметнички центар во Passaic County во Њу Џерси, САД, а изложбата ќе трае до 3-ти Август. Темата на изложбата е “ Да ја заштитиме нашата планета од нас самите”, и во неа се опфатени 39 уметнички дела масло на платно кои носат пораки кои би ги инспирирале луѓето да го разбудат доброто во себе, да ги исчистат лошите мисли, злото, алчноста, лицемерието, зависта, како би му дале шанса за живот на овој свет.

Јас сум самоук сликар кој има изградено сопствена техника на ликовно изразување користејќи само прсти и шпакла, а мојата инспирација доаѓа од животот околу и во мене. Мојот препознатлив стил Дивнизам плени со емоции, силни духовни вредности и љубов кон добрината и човечноста.


ЖМ: Вие сте сопруга и мајка. Колку е гордо вашето семејство на вас, вашите награди, колку имате поддршка?

- Најголемата поддршка ја имам од семејството кои се многу горди на моите успеси и кои се моја најголема мотивација во животот. Во  Америка најмногу ми фали моето пошироко семејство и блиските пријатели.

ЖМ: Имате ли омилено дело од вашата колекција, или награда на која сте особено горда?

- Многу е тешко да се одлучам кои дела ми се најдраги затоа што сите јас ги создавам и на некој начин се дел од мене. Сепак би ги издвоила оние со кои ме поврзува некоја лична емоција на радост, среќа, болка, тага, немир… 

ЖМ: Каде живеете моментално? Раскажете ни за вашиот живот во Америка, колку време сте таму и сл.

- Скоро 11 години живеам во Вудланд Парк, Њу Џерси, САД , со сопругот Блаже кој исто е од Кавадарци и децата Стефан (10) и Виктор (8). Моето прилагодување на животот во Америка не беше многу лесен со оглед на тоа што кога се преселив веќе го очекувавме нашето прво дете, па после две години дојде и второто дете, а со сопругот бевме сами во Америка и одлучивме јас да ги растам и воспитувам дома. Така што првата промена беше таа што ако јас претходно работев и по 20 часа на ден како акаунт менаџер во една компанија, пр менаџер во друга компанија, па паралелно сликав и пукав, одеднаш станав домаќинка. Но, секој период од животот ви носи промени и приоритети така што откако се родија децата тие беа нашиот приоритет, па така мојата работна кариера стагнираше за да можам целосно да се посветам на развојот на децата додека мојот сопруг градеше негова работна кариера. Се во интерес и за љубов на семејството.


ЖМ: Вие сте поранешна шампионка во стрелање, што се случи со овој спорт, дали можеби во Америка, не се пронајдовте и во стрелаштвото?

- Стрелаштвото некако ми е болна точка во изминатите речиси 8 години затоа што нашето семејство доживеа невидена неправда која ни дојде токму од овој спорт и искрено иако имав неколку можности да бидам тренер и инструктор во најголемото стрелиште во Њу Џерси кое е на 5 минути од мене… сепак срцето ми се стега од преживеаната голгота и ме одвраќа назад. Понекогаш чувствувам како грижа на совест зошто никогаш не излегов јавно прво да се заблагодарам за ослободителната пресуда од Апелација во која јасно стоеше дека првенствено нема дело, дека фаќањето за рамо не е полов напад, дека сите докази од вештачењата, од сведоците на тој тренинг и материјалниот доказ во кој стои испуканиот резултат од тој тренинг се на страна на обвинетиот, наспроти исказот на детето дека не пукало на тој тренинг.Чувствувам грижа и зошто после една година не го покажав јавно срамот на судиите во изменет состав на истиот тој суд , со идентичната пресуда од Велешкиот суд, кои контрадикторно на првата ослободителна пресуда овојпат го осудија татко ми за најлошото дело само врз основа на збор на дете, дете кое во првите две изјави кажува дека допукало на тој тренинг, па во следните две изјави кажува дека воопшто не пукало, па во петтата изјава дека не се сеќава дали пукало или не. Како и да е судот му доверил целосна доверба на сите 5 изјави. Каде ќе ви оди душата? Слепата правда го ослепи татко ми (75), најдобриот тренер со пушка кој Македонија го имала и кој целиот живот се борел за развојот на спортот, ни го зема здравјето, ни го уништи мирот и радоста во семејството. Но, нашата совест е чиста и вистината еден ден ќе излезе! До тогаш ќе приметите мои дела како што се “Господ ќе ви суди” ( ова дело освои второ место на светски интернационал натпревар), „Чекајќи слобода”, „Борба помеѓу доброто и злото“, „Злоупотреба на моќта“… а посакувам повторно да влезам во стрелиште без да помислам на овој хорор кој без заслуга го преживуваме.


ЖМ: Знаеме колку се „рамноправни“ жените со мажите во Македонија со мажите. Кажете ни како е во Америка, да направиме некоја споредба?

- Искрено никогаш не сум анализирала какви се правата на жените во однос на оние на мажите затоа што според мене сите сме пред се луѓе со одредени карактерни црти, вредни, мрзливи, работливи, способни, неспособни, образовани, необразовани, чесни, нечесни, лојални, нелојални, добри, лоши… сепак природата сама одредила кој ќе го роди и дои бебето, кој ќе биде понежен и милозлив, а кој физички посилен и заштитник на семејството. Ако се сетам наназад не ми беше многу лесно да живеам на Балканот, да изгледам кревко, да бидам жена која го држи рекордот во пукање на мажите.


ЖМ: Што им фали, така да речеме на македонските жени за разлика од американските, се борат ли доволно за своите права?

На македонските жени не им фали ништо, убави, паметни, самоуверени, работливи, образовани, домаќинки, стожери на семејството. Можеби им фали на оние кои не се пронајдоа во епитетите погоре…

ЖМ: А што е со убавината, колку Американските жени се грижат за себе и имаат време, колку се посветува време на дружења, пријателства?

Американките тешко е да се дефинираат затоа што се од крајност до крајност, од оние кои изгледаат како 25 години на 60 години, до оние кои имаат и по 100 килограми повеќе… Јас вежбам редовно 5 дена во неделата по два часа во теретана, а до децата и сопругот рекреативно за викенд играме кошарка, фудбал, тенис… Готвам три пати на ден, секој ден. Се обидувам да купувам квалитетни производи затоа што сум голем гурман и така ги навикнав сите дома. Важно имам добиено Мишелин ѕвезда од моите. 


ЖМ: А, како го негувате бракот со вашиот сопруг, колку строги родители сте, што најчесто правите во слободното време заедно?

- Јас и Блаже ги растеме децата со многу љубов и хармонија и се обидуваме да му ги вградиме истите човечки вредности кои нас ни ги вградиле нашите родители: љубов, слога, добрина, морал, достоинство, чесност, лојалност, упорност, цел во животот. И секогаш  зборуваме кавадаречки дијалект и им ја пренесуваме љубовта кон Македонија.


Ирена Ставрова