Не оди во длабокото, ќе те изедат ајкули
Откако паметам за себе, бивам предупредувана. Пази кај трчаш, ќе паднеш, пази што јадеш, ќе ти се слоши, не го гали кучето, ќе те касне, не оди во длабокото ќе те изедат ајкули. За жал, систематизација на воспитување на моја генерација бар, беше предупредување дека ќе ти се случи најлошото со акцент на Плаши се да живееш, сигурно ќе паднеш, нема да студираш надвор, ќе пропаднеш.
И со таа систематизација на стравот, поголемиот дел од моја генерација, научи да плива во плиткото, во сигурни води. Па така, страв ни е да играме во диско, зошто кујзнае што ќе кажат другите, страв ни е да претераме јавно, па затоа создаваме зависности што си ги влечеме цел свој живот. Страв ни е да сакаме, бидејќи ќе останеме повредени, страв ни е да живееме, дека не дај Боже може ќе умреме. До ден денешен, а имам 33 години, Баба ми знае да ми каже немој, дека ќе. Генетски мислам одамна е, веројатно Турците си изиграле улога и не научиле на покорност. Знам многу случаи во многу семејства каде секојдневна реченица е, не му кажувај на татко ти, или не и кажувај на мајка ти. Дека светов ќе се скрши на две ако се соочиме со реалноста. Од тие стравови развиваме несоодветен однос кон себе пред се, а потоа истиот го манифестираме кон околината. Се прејадуваме, се препиваме, се предрогираме, стануваме зависни од финансии, од луѓе, од се она што ни дава измислена подршка во нашиот свет. И го сметаме за одишка од проблемите. Па така, наместо да се соочиме и да ги решиме, најчесто ги јадеме.
Доста паметнувам, ви ветив повеќе рецепти и потенцијален тригер за да започнете со физичка активност. Бев во Штип пред извесен период, и нормално кога некој оди во Штип јаде пастрмајлија, не гледам зошто не би го направил тоа. Нормално е да изедеш колку ти се јаде, ама јас не, морав да ја изедам цела, дека нели нема да се вратам никогаш во Штип и нема пак да ја пробам. Од страв да не ја пропуштам, си пиев сода цел остаток од денот и го барав желудникот по ходници, и следниот ден дупло извежбав во теретана. Ама пастрмајлијата не ме здебели, ниту пак вежбањето ме ослабе. Од умот си патиме, од навиките и од стравовите. Дека можев и да ја земам цела, па половината дома да ја изедам, ама не, во моментот морав се. Тоа моето црно и бело, од крајност во крајност. И поголемиот дел си патиме од таа екстрема, само секој од нас ја манифестира на различно поле, некој претерува со јадење и пиење, некој со љубомора и завист, некој бидува само притиснат од сопствени фрустрации кои ќе експлодираат во најнесакан момент.
Кога ќе сфатиме дека таа екстрема е добра само кога знаеш да ја контролираш, кога знаеш да ја живееш, е тогаш почнува животот. Па така, си почнав да си барам рецепти на интернет, едно нешто паметно од седостапноста на информацииве, и да си создавам начини како да ги задоволам своите сетила за живот, а да останам на контролирано ниво. Да се разбереме, уште претерувам, и понекогаш и повеќе од потребно и препорачано. Ама не се каам. Дека учам да ги контролирам сите страсти, без да си скратам од најубавото. Почнав зависноста да ја префрлам во теретана, на вежбање, имам амбиција да го совладам сопственото тело, да го доведам во состојба во која до сега во мојов живот не сум го видела. Да се победам себе си, без да си скратам од задоволството. Ама да исппливам до длабоките води со врзани очи и ризик дека големата бела ќе ме проголта одеднаш. Ќе вреди, заради чувството на абсолутна слобода, и бескраен мир.
Еве ви за денес супер ручек, со ич калории. Модар патлиџан похован во јајце и брашно од хељда, нареден на плех на хартија за печење, пропрскан со маслинов зејтин, сол и бибер. Занес потрес, па уште во комбинација со регуларен патлиџан и босилок, и безмасна урда, крај нема. Ама што би рекол еден мој пријател, Живеј, не се устручавајте, понекогаш тие вкусови чуда значат.
Јас сум Ивана Кнез, добредојдовте во мојот свет на вкусови, мириси, љубови и страсти.
Се читаме следната недела.