Не треба да се чувствуваме виновни за она што го поседуваме во животот: Скопјанката Ребека Ле Мон која живее во Америка за Женски магазин
Македонка која парира на светскиот џет-сет, Ребека Наумоска, а сега Ле Мон - дама која живее на „висока нога“, од начинот на облекување, до луксузни патувања, дама која веднаш ни го привлече вниманието на Инстаграм и дама која навистина има многу што да раскаже.
Ребека има 28 години и родена е во Скопје, веќе две годни е во брак со сопругот Марк Ле Мон, заедно го имаат синчето Макси, кое се роди во септември минатата година и живеат во Сан Франциско, Америка.
Не ретко на нејзина адреса пристигаат коментари од типот „живеете на висока нога, додека некој нема што да јаде“, но Ребека вели дека и како мала живеела убаво и била третирана како принцеза и смета дека „не би требало да се чувствуваме криви за она што го поседуваме во животот“.
На нејзиниот Инстаграм ќе видите раскош, висока мода, од Луи Витон до Шанел, луксузни и егзотични патувања, но тоа што веројатно многумина не го знаат е дека Ребека отсекогаш помагала и помага финансиски на оние кои имаат помалку, а нејзин сон е да отвори болница за хендикепирани дечиња во Македонија.
-Кога имав 11 години моите се разведоа и на 12 години отидовме со мајка ми во Франкфурт, Германија. Таа запозна прекрасен човек таму и се омажи по втор пат.
Таму всушност Ребека сфатила дека животот не е розов, но убавата облека отсекогаш била нејзина пасија.
-Морам да признаам дека бев многу разгалена поради животот кој го имав во Скопје.
Во Германија, сопругот на мајка ми како да ми помогна да видам дека животот не е розов. Дека иако има да ми даде, можеби би било убаво да работам за да научам да ги ценам своите финансии и да научам да ги распределам на паметен начин.
Во Германија завршив основно, средно, Bachelor & Master. Името на мојот факултет е International School of Management. Се фокусирав на смер Маркетинг и Комуникација. Работев во American Express, BHF- Bank и помагав во салонот кај мајка ми во Франкфурт BeautyCode-Kosmetik.
Како тинејџерка и додека студирав, работев во пекара, кафуле, кинески ресторан, слаткарница и пицерија. Го правев ова за дополнителен џепарлак. Сакав да бидам секогаш убаво облечена и да купувам обувки (високи потпетици) во сите бои.
Ребека накратко ја раскажува и нејзината љубовна приказна со Марк, за која вели „многу детали испуштив зошто ќе треба да пишувам бесконечно“.
-На 26 години го запознав Марк, мојот сопруг. Се запознавме на Инстаграм. Звучи смешно, но вистина е. Случајно го заследив од на мајка ми профилот, односно од профилот за нејзиниот салон за убавина, кој јас го водев.
Марк секогаш постираше видеа од својот автомобил. Како вози и некое чоколадо на воланот. Не се гледаше автомобилот, ниту пак човекот што го вози, туку само крајот на воланот и како тој држи чоколадо.
Ми падна смешно кога видов, зошто и јас го правев истото. Си возев и се сликав со некое смути во раката или Starbucks кафе. За разлика од Марк, јас сакав да покажам што автомобил возам. Така да моите видеа и слики беа со автомобилот што ми го подарија моите, Audi A8.
Почнав да му ставам лајкови, не знаејќи кој е човекот. Тој ми ја пиша првата приватна порака во инбокс на Инстаграм и ме праша дали некогаш би сакала да дојдам во Сан Франциско. Јас му одговорив: „Како може да ме прашуваш такво нешто кога не ме ни познаваш”.
Од тој разговор продолживме само да пишуваме сѐ додека тој не дојде во Франкфурт да ме посети. Никогаш ништо конкретно не кажуваше за себе, беше таинствен. Најчесто зборувавме за неговата мајка која тогаш беше во болница. Жената сакајќи да се напие вода во текот на ноќта, се сопнала на килимот и паднала по скалите. Секогаш зборувавме за тоа. Го прашував секој ден како е мајка ти, дали е подобро... немав ни слика од Марк, ниту презиме. Не знаев со кого си пишувам. Да, ќе си помислите колку опасно, но срцето како да ми кажуваше колку добар човек е. По пораките, по звучните пораки, неговиот глас што се уште ми е мелем за душата.
Се сретнавме после скоро 8 месеци во Франкфурт. Тој рече имал роднини во Италија, па ќе застанел во Франкфурт да се видиме.
Секако се сретнавме на многу јавно место. Ми беше малку страв, но кога се видовме, разбрав дека немало потреба од тој страв. Му верував. Имаше нешто во него што ветуваше.
Марк има доста едноставен стил на облекување, не само брендирана облека, па затоа не бев во ниеден момент свесна за неговата финансиска состојба.
Секогаш велеше дека работи со градежништво, но ништо повеќе од тоа.
После таа средба во Франкфурт, ме покани во Лос Анџелес. Оваа покана беше само поради еден Симпозиум во Лас Вегас. Симпозиум со доктори, кои беа спремни да одговорат на многу прашања во врска со еден член во мојата фамилија.
Марк знаеше што ме “мачи”. Знаеше што ме прави тажна и сакаше да ми помогне.
Во секој хотел бевме сместени во различни соби. Покрај симпозиумот, Марк сакаше да ми ја покаже Невада и Калифорнија. Сѐ беше нормално. Немаше никаков луксуз. Не можев да знам за финансиите на Марк.
Патувањето беше прекрасно. Навистина посетивме многу музеи. Ми се допадна тоа што Марк има многу знаење. Што и да го прашав, ми се чинеше како да е енциклопедија.
Ме воодушеви и тоа што јадевме слични работи. На тоа патување имаше само бакнежи и многу прегратки. Марк е што би се рекло “old school” и ниеднаш не побара нешто повеќе од тоа.
После тоа патување, ме праша дали сакам да одам во Париз за Денот на благодарноста (Thanksgiving). Реков да. Во Париз, ме запроси (неочекувано).
Во Јануари 2019 се венчавме на плажа во Мелбурн, Флорида. Нашиот меден месец го поминавме во Пуерто Рико.
Животот во Америка не ѝ се променил многу, бидејќи отсекогаш патувала многу.
-Секогаш патував. Никогаш не бев дома. Дури како студент живеев една година во Малага, Шпанија. Париз е три часа од Франкфурт со ICE брзите возови, Амстердам исто. Милано со авион исто. Така да ритамот на Марк, кога дојдов тука ми беше нормален. Спакувај-отпакувај. Така ми помина животот од кога се преселив во Германија.
За оние кои велат дека „живее на висока нога, додека некој нема што да јаде“, Ребека има да им каже дека секој оди по својот пат во животот.
-Јас и како тинејџерка во Германија живеев навистина убаво, а како мало девојче во Македонија бев третирана како принцеза од страна на мојот татко.
Зборот ми е дека и тогаш, а и како мала живеев убаво и мислам дека не би требало да се чувствуваме криви за она во животот што го поседуваме. Јас уште од мала сакам да помагам на тие што имаат помалку од мене. Мојот дедо ми кажа една реченица од Библијата што до ден денес ја почитувам, а тоа е дека ако имаш две кошули, една дај му на пријателот.
Од 12 години донирам облека, играчки.. сѐ до ден денес. Помагам финансиски на луѓе што имаат помалку. Сакам да помогнам.
Секој што ме познава може да го потврди ова. Дека секогаш си го делам чоколадото со сите што имаат помалку. Нема никогаш да престанам да помагам - искрена е Ребека и додава дека нејзин сон е да отвори болница за хендикепирани дечиња во Македонија.
За себе вели дека има 28 години и животот е пред неа, и за работа и за кариера има време. Задоволна е со својот живот и колку има постигнато за нејзините години. „Господ само да ни дава здравје, а сѐ друго ќе со дојде. Сѐ во свое време“, вели Ребека која во 2019 година започна со подготовка на нејзин луксузен бренд облека, но поради пандемијата, а и нејзината бременост била приморена да застане со подготовките, но верува дека сѐ се случува поради некоја причина и моментално не работи на тоа.
- Сакам да го поминувам своето време со мојот син Макси. Знам дека нема никогаш да се повторат овие денови, месеци. Сигурна сум дека секоја мајка може да потврди колку брзо растат децата...
*И.Љ