Не верувам во диети за брзо слабеење, и не ја обвинувајте генетиката: Емилија Манџуковска една од најфит дамите кај нас

Добивај вести на Viber

Не барајте изговори, не ја обвинувајте генетиката, туку ако не си задоволен и нешто сакаш да промениш, си поставуваш цел и работиш на негово остварување. Едноставно е.

Ова е пораката која една од најфит мајките кај нас им ја испрати на сите почнетнички во фитнесот.

Емилија Манџуковска. Успешна жена пртприемач, сопруга и мајка на две дечиња, и згодна дама на која многумина ѝ завидуваат. 

Згодна е, а бомбастичното тело, неретко го гледаме на социјалните мрежи, каде гордо ги покажува затегнатите мускули. 

Денес, со неа зборуваме на тема фитнес, диети, исхрана во лето. Читајте корисни совети.


ЖМ: Вие сте лиценциран фитнес инструктор –една од најфит дамите на нашата сцена. Кажете ни како ја постигнавте вашата моментална линија на телото?

-Со вежбање почнав непосредно после втората бременост, но во домашни услови и не толку редовно и посветено. Тоа траеше околу година ипол, потоа веќе почнав во теретана, а истовремено ја сменив исхраната, и резултатите многу брзо почнаа сами да доаѓаат.

ЖМ: Колку вежбањето е дел од вашето секојдневие, колку време одвојувате на тренинзи дневно?

-Како што веќе кажав, кога вежбав дома почнав чисто за да имам некаква активност, воедно да одржувам линија и да ги намалам накачените килограми во бременост. Но како што повеќе почнав да навлегувам во тоа, сакав сѐ повеќе да научам, и да направам уште подобар резултат, а останатото е историја (се смее). Се шегувам, но навистина почетокот е најтежок, додека сфатиме дека всушност дисциплината и константноста се клучни за резултати. Инаку вежбам 4,5 дена во неделата и тренингот ми трае најчесто час, час и половина.


ЖМ: Како според тебе најлесно и најбрзо може да се ослабе?

- Можеби ќе звучам клише, ова веќе сигурно сте го слушнале, но за слабеење сепак е најбитен калорискиот внес. Џабе и да се храните со најздрави намирници, нема да ослабете доколку количината на храна е поголема од што треба. 

ЖМ: Што мислите за диетите за брзо слабеење ?

Не верувам во диети за брзо слабеење, бидејќи според мене нудат само краткотрајно решение, а попатно го слабеат имунитетот, крвта итн.


ЖМ: Која исхрана вие ја препорачувате како најдобра за наутро? Што е најдобро да се направи прво наутро? Како и со што вие го почнувате денот ?

За мене секогаш број 1 ќе биде балансот, без разлика дали се занимавате со фитнес или било каква друга активност. Треба да се внесува разновидна храна богата со витамини, минерали, растителни влакна, протеини,здрави масти.

Мојот појадок најчесто се состои од овес во било каква варијанта, со млеко, јогурт, овошје, бадеми или пак јајца, со едно интегрално лепче или урда. Не е калорично, а сепак ги содржи сите потребни намирници.


ЖМ: Колку е важен тајмингот на исхрана во слабеењето, колку количината на храна, колку начинот на приготвување?

- Според мене количината и начинот на подготвување се многу побитни отколку тајмингот. Зборувам за оние правила да не јадеш ништо после 18 часот и слично. Точно дека не треба да се јаде сешто, но тоа важи и за пред 18ч (се смее) .

ЖМ: Со оглед на тоа дека овој период имаме најголем избор на сезонско овошје, што препорачувате вие најмногу и зошто токму тоа?

- Кога станува збор за сезонско овошје, јас како огромен љубител на сите можни овошја секогаш ќе се залагам за нивно консумирање (се смее). Но кога станува збор за калории или ниво на шеќер, лубеницата и дињата периодов се одличен избор.


ЖМ: Кои намирници според вас како експерт во професијата треба да се на менито на секој човек секојдневно?

- Не би можела да издвојам конкретни намирници бидејќи секој организам е различен, на пример би препорачала млечни производи како супер извор на протеин, но ако е некој како мене нетолерантен на лактоза, тогаш мора да се бара друга алтернатива. Затоа првично, најбитно да е исхраната богата со витамини, протеини, растителни влакна. Јаглехидратите и здравите масти се исто така битни, но за нив треба повеќе да се обрне внимание колку, и преку која храна се внесуваат.


ЖМ: Вие сте и жена претприемач-кој е вашиот рецепт за успех?

- Јас сметам дека не постои универзален рецепт за успех, едноставно за да успееш во нешто треба да си целосно посветен, и да уживаш во тоа што го работиш. Со добра организација сѐ е можно. Не велам дека е лесно, има денови кога буквално немам  мотивација ниту за вежбање ниту за било какви активности, но во тој случај дисциплината е клучен фактор. Време за себе никогаш доволно, но со две деца и да не сакаш ќе научиш да си добра во мултитаскинг и да успееш се да вклопиш во распоредот. (се смее).


ЖМ: Кој е советот што најчесто им го давате на почетничките во фитнес светот кај нас?

-Најчесто сите почетници во фитнесот сакаат инстант резултати без да мораат да се откажат од многу задоволства. Ретко кој е трпелив и истраен до посакуваната цел, па затоа многу често се откажуваат уште пред да имаат можност да си ги видат резултатите. Мојот совет е да не бараат изговори, да не ја обвинуваат генетиката и слично, туку ако не си задоволен и сакаш нешто да промениш, си поставуваш цел и работиш на нејзино остварување, simple as that!


Ирена Ставрова