„Се мотивирам кога гледам дека луѓе што немаат ни 10% од мојот талент постигнале успех“: Интервју со музичарот Влатко Иљачев
Влатко Иљачев е музичар, пејач, композитор и кантавтор кој во јавноста е познат како Валдера. Неодамна тој го промовираше неговиот прв албум, во кој има 13 песни, а прв пат пред македонската јавност овој музичар, родум од Богданци се појави во 2011 година на музичкото шоу „Македонски Идол“.
А во неговото прво интервју за Женски магазин ги открива своите дневни навики, кој е неговиот најдобар пријател, но и што е она кое го мотивира во животот.
„Денот ми почнува со Бошко, моето куче. Уште нерасонет, едвај гледам, Бошко си е наместен до креветот за утринско чешање. И буквално секое утро ми почнува така. После тоа евентуално ќе станам па следува кафе.... а понекогаш и не станувам... си легнувам пак, пошто едвај чекав кога бев дете да пораснам и да не мора да станувам за училиште, туку да си поспијам. Епа сега си го уживам сонот. Но откога ќе станам најчесто седнувам со кафе да проверам што сум сработил претходната ноќ. Зборам за мојата музика нормално. Кафето ме расонува. Но, убаво е чувството да си направиш кафе и седнеш да правиш музика. Онака господски се осеќам. Ко крал(се смее)“.
Тој откри и како го подготвува своето кафе.
„Кафе правам многу лесно, си купувам три во едно, го истурам во чаша, ставам зовриена вода и матам една минута. Иако сега на жешково, пошто почна пеколот - во лето си купувам три во едно ама за со ладна вода па си додавам мраз. Убавини“, искрен е Влатко и со голема љубов зборува за неговиот најдобар пријател Бошко.
„Јас без моето
куче неможам да живеам. Бошко ми е тука во сите пригоди, сите моменти, убави, тешки, тажни, досадни. Без Бошко животот би ми бил празен.
Бошко ме смее нон стоп, бидејќи цело време брка муви по станот - ако влезат.
Навечер ќе си седнам, работам на некоја моја песна или мој спот и тој е тука
до мене, го галам, си ужива, го носам на прошетка некогаш после полноќ
бидејќи многу е жешко во текот на денот. Бошко ми е најдобар пријател“.
А кога го прашавме за што е она кое го мотивира, Иљачев вели: „Се мотивирам кога гледам дека луѓе што немаат ни 10 проценти од мојот талент постигнале успех. „Штом овој успеал, можам и јас“ – си велам. Ме мотивира кога луѓе од музичката индустрија ми се прават ѕвезди, не креваат на телефон, сакаат да ти дадат до знаење дека си под нив, дека тие се повисоко од тебе. Тоа посебно го разгорува оганот во мене. Кога некои со своето однесување сакаат да ми кажат – ти не си доволно ѕвезда да правиш муабет со мене. А така ли? Океј, ајде да видиме. Всушност знаете што ме мотивира најмногу? Реченицата “Ќе ти се јавиме“. И после тоа нема да ти се јават. Најдобро функционирам кога сум изнервиран. Најголемите чекори во мојата кариера сум ги презел кога сум бил изнервиран. За се‘ сум нашол решение досега, така ќе биде и во иднина“.
Интересно кај него е и тоа што, како што вели не живее по план, живее во моментот.
„Тоа што моментот го бара од мене, го правам.
Единствен план во животот ми е дека ништо нема да оди по план. Затоа зае*и
планови.
Различно е секогаш, некогаш правам музика до сабајле, на пример додека го работев албумот кој што ќе може да го видите на сликите (USB и ЦД) секогаш останував до 6 наутро, а некогаш знам да изгледам филм и ќе си легнам. Не осеќам потреба да ја минувам со некој вечерта, да ме ставите во било која соба сам, ќе си поминам супер. Не ми треба некој да ме исполни, да бидам среќен. Среќен сум си и сам“.
А во време на годишни одмори прашавме и за тоа со што се релаксира Влатко и дали чита книги, или пак повеќе гледа филмови, па искрено одговори:
„Читав порано многу, претерано дури. Сега сум некако заситен. Од филмови нема никогаш да се заситам. Сакам да се занимавам и со таа индустрија. Веќе режирав и глумев во мој краток филм, и ги режирав досега сите спотови што сум ги направил. Би можел и тоа да го правам. Всушност ќе го правам, ама не овде во Македонија бидејќи немаме услови. Или режија, или глума, а најверојатно и двете“.
Со која убава мисла го започнувате денот... или го завршувате?
„Не верувам во позитива. Верувам во искреност кон себе. Некогаш не ми се станува, ми се лежи во кревет. И тоа е океј, си викам ако треба ќе лежам се додека не почувствувам импулс да направам нешто. Евентуално импулсот доаѓа, па ќе станам. Какво мислење насабајле уште тоа ми фали, човек неможе да се свести на која планета е уште да мислам. Директно во веце и се мијам со ладна вода. Не ми треба мислење во животов, од премногу мислење си патиме“.
Наталија Миланова