Не заборавајте да кажете те сакам, благодарам и извини: Преполн славенички концерт на ДНК во Скопје
Воопшто не е
лесно да се опстане 20 години на македонската естрада, особено за оние музичари
кои почнувале на почетокот од овој век, како дуото ДНК на пример.
Панчо и Андреј почнале ентузијастички, како деца, од нула, а 20 години потоа добија славенички концерт и полна сала. Сосема заслужено, си го остварија сонот и ги направија луѓето во публиката среќни.
Концертот во Арената „Борис Трајковски“ сношти беше убав времеполов низ нивните хитови, со многу гости. Тамара Тодевска ја испеа „Фрази љубовни“, а публиката со овации ја пречека. Убаво беше повторно на сцената да се види Магдалена Ена-Цветкоска со песната „Од утро до мрак“, убавата тетовчанка која сега повеќе е посветена на работата како автор. И нејзиниот брат, еден од најуспешните наши продуценти, Лазар Цветкоски излезе на сцената непланирано, на наговарање на Панчо, кој повтори дека тој е трет член на ДНК, како автор на повеќето хитови.
Несекојдневно доживување беше да се слушне Наум Петрески како пее поп песна- „Стојам сам“ на ДНК, ама и Панчо и Андреј се покажаа во неговата „Оди ѕвездо“. Наум докажа дека е мајстор за секаков тип на музика. Гостуваше и талентираната Мина Блажев, потоа Таско, Мартин Буцо Битбокс Атанасовски, Јанг Дади...
Забавата немаше да биде комплетна без оркестарот „Агушеви“ и големиот хит на ДНК, „Ако утре ме нема“, кулминацијата на концертот.
-Ова е химна на животот. Не заборавајте дека во животот се најважни само три нешта, и не заборавајте да ги кажувате: Те сакам, благодарам и извини“, порача Панчо. Неколку пати, тој се симна долу во публиката, за фотографии и дружење од поблиску. Додека се свиреше оваа песна, на бим одеа слики од оние кои веќе не се меѓу нас. Меѓу нив, и Марко Божиновски, прерано починатиот ракометар. Токму за Фондацијата која го носи неговото име, а поддржува млади успешни спортисти ќе оди дел од продажбата на билетите. Се испеа и еден хит од Тоше Проески, „Громови на душа“, во негова чест.
Секој во публиката која беше од различни генерации, а доминираа помладите има свое време- свој хит на ДНК. Сепак, „Навлечен на тебе“, „Пази се од мене“, „Авион“ , без оглед што се постари песни, звучат како да се вчера снимени, според реакциите на публиката, тие се хитови и сега.
ДНК и нивниот бенд, придружните вокали Ана и Сара имаат уште многу да понудат и да дадат. Публиката е тука да ги бодри, како што вели и песната: Што сака нека биде, биди до мене.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски
ГАЛЕРИЈА: