Не зборувај ми зад грб!

Добивај вести на Viber

“Леле еј, да ти кажам за....”- се вообичаени муабети кои се во рангот на рекла-казала, најчесто без доказ, а и без осет. Зборувањето за другите е секогаш омилен спорт, особено на овие наши простори. Едно време се зборуваше само за јавните личности, ама оти сме мала земја и муабетите за нив брзо се исцрпуваат, па си зборуваме за кого стасаме. Така, ние сме веројатно една од ретките нации која најмногу знае што се случува во спалната соба на комшијата со кој не зборуваме, колешката со која сме размениле 2 реда муабет, пејачката која не ја ни слушаме, актерката која не ја гледаме. Ама важно е да се зборува и важно дека секогаш имаме некоја сочна тема која се однесува за некој отстрана. Зборувањето зад грб дури може да се стави во графата “спорт- оти така си го растегнуваме јазикот, потоа во графата “креативност”-оти секогаш се додава по една ситна, сочна и нова пикантерија, па во графата “издржливост”- оти приказната никогаш не е еден на еден, туку со тенденција да се шири.

Зборувањето зад грб е омилена дисциплина, која секако дека бара тренинг и посветеност. Башка, ич не е интересно да се кажуваат работите в лице, оти тука завршува приказната. Кога зборуваме за некого зад грб, секогаш сме во предност, особено што дури ни главниот лик не е свесен дека нешто му се случило, или, не е свесен до каде заминале работите кои се поврзани со него. Така, ако се појави колегата на работа снамќорен (а можеби човекот имал несоница), веднаш започнуваат претпоставките дека се искарал со жена му, па некој на тоа ќе надоврзе дека “абе ги видов јас пред 2-3 недели во Веро пазареа, нешто не ми беа ко шо треба”. Додека да мине денот, колегата веќе сме го искарале по дома, сме го развеле ( раскинале), сме му залепиле афера (со правничката од 6-ти, иако не се знаат) и уште како и секоја добра алапача, ќе завземеме страна. За тоа време не му ја мислиме многу дека партнерот ни е се’ повеќе молчелив, дека децата не сакаат да комуницираат со нас, дека односот со родителите ни е шуплив, дека ни се случуваат мал милион работи за кои ни светнува копчето аларм, ама пусто, полесно е да се занимаваме со туѓите животи, оти секако дека од нас не се очекува да интервенираме таму.

Зошто зборувањето зад грб некому е нешто што ни претставува духовна храна? Каде е границата преку која никој не смее да помине? Дали воопшто сме свесни дека постои таква граница и дека сме моќни да направиме штета која е непоправлива?

Секако дека зборувањето за другите е начин како да вниманието да си го насочиме кон другите, а не кон себе. Но, она што ме збунува е зошто избегнуваме да се бавиме со себе, односно, зошто енергијата која ја вложуваме во озборување не ја вложиме во правење нешто за себе. На пример, книга, музика, пишување, плетење, готвење, семеен ручек, викенд или што и да е, ама да има позитивно влијание врз квалитетот на вашиот живот. Да не излезам сега Св. Ана и да си кажам дека на младост ми се имаше десено да влезам во вител на едно озборување, кое ме чинеше многу јадење на совеста и неспани ноќи. Класика, партнер на моја другарка виден со друга (која, патем речено му била роднина), а ние направивме од тоа таков заплеткан филм со приказни налепени една врз друга, што луѓево раскинаа, а многу се сакаа. Отпосле се расчистија многу работи, двајцава се смирија, ама не беше исто па се разделија (сега некој ќе рече оти да било вистинска љубов ќе опстоела, ама не е така). Како да остави трага она што не беше оставено да се живее спонтано, туку беше загадено со нашата “грижа”. Да, во наводници оти да беше вистинска грижа, ќе го соочевме него, а немаше да се изнајадеме г*мна кои после ни стоеја во грло уште долго време. Нејсе, оттогаш решив дека нема никогаш да се плеткам во она што не е моја работа, ниту да помогнам во нечие вплеткување во туѓ живот, дури ниту со слушање приказни. На сиот срам од сама себе, а кој ме мачеше и ми правеше да почувствувам гадење од себе, не си дозволив веќе никогаш да бидам ниту индиректна причина за нечија тага/несреќа.

Но, има нешто што се вели карма, а е поврзано со кучка....односно, кармата е кучка и си го осетив тоа на свој грб. Да, верувам дека секоја енергија си повикува енергија, па треба човек да пази што емитира. Верувам дека секоја лоша мисла се враќа со лоша, а за дела па ич не правам муабет. Така, кармата си проработе и секако дека си го отплатив долгот кон Универзумот. Верувам дека секој од нас барем еднаш се нашол во ситуација кога изел гурабии за некого и дека секој се нашол во ситуација кога се изнаслушал се’ и сешто за себе. Интересно е дека дури и да има ронка вистина во некоја приказна која ќе ја слушнете за себе, таа станува незабележителна кога ќе се спореди со сочноста на приказната која оди до незамисливи граници. На моја пријателка и’ наместија развод, оти не се појавила со сопругот некаде, а пустиот беше испонастинат тогаш. На мој другар му наместија афера која го чинеше здравје, кариера и трошоци за брачно советувалиште. Дефинитивно е тоа дека не сме свесни оти си играме со оган кој многу брзо може да излезе од контрола. За себе имам слушнато различни приказни, кои одат од крајност до крајност. Првата, дека и двајцата со бившиот сопруг сме имале љубовници настрана и дека затоа сме дошле до развод (што најодговорно тврдам дека не е точно, оти да било така, веројатно немало да се фокусираме на тоа дека не ни оди, па ќе сме си останеле во брак каков што е “модерен”). Потоа сум слушнала муабет дека сум во врска со човек кој ми бил/е пријател и кого сум и го почитувам како исклучително интелигентен и некој од кого сум научила многу (среќа, не беше женет тогаш, па не направи тоа бамборење проблем). Па, имало муабет дека ми било платено од државава за поезијата и дека сум била закачена на државна ц*цка (никако да научат некои дека Берза не е државна фирма и дека моја книга не отишла во Министерство за култура, никогаш).

Да се зборува некому зад грб е чин на немање храброст да се каже во очи она што го мислите. Кога зборувате за некого кого не го познавате, тогаш тоа е простотилак, а ако го знаете, тогаш е злоба. Можете да направите проблем, а секако нема да си решите вашите проблеми. Наместо да го арчите времето за некого кој ниту ви е дома, ниту му плаќате сметки, ниту ве тангира на било кој начин, фокусирајте се на себе и на она што сакате да го постигнете во својот живот. Оти животот си врви секако, ама едно е дали ќе изврви квалитетно, а сосем друго е дали ќе изврви колку да се каже дека поминал. И едното и другото е наш избор. Затоа, одбирам да не слушам муабети за другите, одбирам да не учествувам во муабети за другите, одбирам да не ширам муабети за другите. Одбирам да сум тука за секој од вас кој ќе пише макар и ред, споделувајќи си ја маката, одбирам да се радувам на успесите кои ги имате, да сочувствувам со вашите маки и загуби. Одбирам да не слушам муабети ни за себе, оти во ниту еден таков муабет ме нема мене, а ја нема ниту вистината. Одбирам да живеам достоинствено и така да се однесувам и кон туѓите животи. Не знам колку ќе бидам тука, не знам ни дали ќе успеам да завршам се’ што сакам и имам на ум. Ама имам намера да пробам да биде така, а тоа значи дека времето кое ми е на располагање ќе го искористам умно.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да си гледаш чергата чупе
И под неа ѓубре да не збираш
Метла купи си
Од оние старите
Со долга дрвена дршка
И ако те бива ем ќе зачистиш
Ем ќе си се кикотиш на своја сметка
Оти и да леташ на неа можиш
Остај ги модерниве машини
Демек смукале прашина ко душа да смукаат
Та ги гледам по телевизиине
Како за пет минути се’ можело да светни
Ти метла да си земиш!
И по дома со неа да чистиш
И во себе некојпат
Околу себе ко ќе треба 
Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира
Ете така да си знајш
Чоек ко си чисти редовно в куќа и пред порта
Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете
Не биди љубопитна да ѕирниш кај комшиите
Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметиш
Ете зато во секој дом мора метла да има
Оти секој знај ум да дава секому
Та вака требало да се кажи
Та онака требало да се напрај
А да ги потпрашаш
Никој кај себе не си чисти ко шо треба
Ќе изнапикаат се’ и сешто под ќилими
Ќошојте полни лоши мисли
Во плакарите сеништа од минатото
Ама сите паметни кај другите како треба
Не туку ме гледај така и ум бери
Метлата в раце
Шо почесто, то поубо за тебе
Мрза да не бидиш
И да видиш како ќе засветиш
И ти 
А и куќата ќе си ја спастриш
Она шо мака на срцето ти прај
И на градите ми ти тежи
Со метла да го подбериш
И одма в канта да го фрлиш
И не туку се пули во туѓото ѓубре
Ниту таму работа имаш
Ниту да даваш твоето друг да го чисти
Засукај ракајте
Спастри косата и почни
Првото чистење е најтешко
И најдолго трае
Ама па ако си мудра
Секое следно полесно и пократко ќе е
И на душичето леко ќе ми ти стани
Туку вие младите неќите така
Вие сакате се’ ко мачката со опашката да прајте
Вклучи струјата и ајт
Набрзина се’ ќе се зачистело
А ништо на овој век шо е брзо не е арно
Зато и животот така ви минва
Брзај ваму
Да стасаш онаму
Ко муви без глај трчате
Да не се знаело како метла в раце се држи
Демек модерни а ваму несреќни
Чергите да си ги гледате
И нозете да ги пружите толку
Колку што чергите долги ви се
Ни појќе ни помалку
Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите
И душите да си ги заметите
Ако сакате со лезет и убост живот да врвите