Нема потажна состојба од бремена жена која ќе го изгуби плодот: Вики Чадиковска се враќа на ТВ со инспиративна „Приказна“

Добивај вести на Viber

Вики Чадиковска за многумина е сèуште Вики- Уно, според радиото во кое нејзиниот глас беше еден од заштитните знаци. Подоцна, нејзината насмевка нè расонуваше во А1 телевизија, во Утринската програма. Сега е дел од „Метрополис“ и директор на маркетинг во Државна видеолотарија. Иако Тв проект нема водено околу 10 години, гледачите добро ја паметат. Вики, заедно со својот тим ќе биде дел од новиот ТВ проект „Приказна“ , кој стартува денес на МТВ 1, веднаш по „Преспав“. Искрена е кога вели дека и нејзините лични приказни се инспирација за „Приказна“, а дел од нив споделува и во ова интервју. Вики е горда мајка на Деница и на Дарин, сопруга на новинарот Младен Чадиковски, за кој вели дека ѝ е најголема поддршка. Таа е првиот уредник на „Женски магазин“, и овој пат ни е предизвик да биде од другата страна, во улога на соговорник. 

*Зошто токму „Приказна, како го избра името на ТВ проектот?

-Затоа што сите ние имаме приказни. Јас, ти, некој друг … сите. Некои приказни се емотивни, некои се инспиративни, некои се тажни, некои се среќни. Но, без разлика какви се, сите тие имаат поука, носат знаење кое може да ни помогне на сите нас, да изградиме подобро општество за сите. Приказните ќе бидат наш новинарски предизвик. Ќе се обидеме да направиме приказ на одредена тема преку лични приказни, кои ќе ги раскажуваме, истражуваме, анализираме и претставуваме, со цел заедно да ја откриеме поуката која ја носат. Време е да ги вратиме вистинските вредности и довербата како придобивки за заедничко опстојување во општеството како заедница на различности. Многу сме подвоени, неопходна ни е општествена симбиоза и сплотеност. Ни треба да си бидеме поддршка едни на други во овие тешки времиња. 


*Колку време помина откако не си водела ТВ емисија, чувствуваш ли позитивна трема, возбуда?

-Телевизиски проект немам од затворањето на А1, точно десет години. Секако дека сум возбудена, имам трема, но имам и многу љубов и посветеност кон новинарската професија која е исправена пред бројни предизвици, па затоа сакам да дадам свој придонес во враќањето на довербата во медиумите и новинарството. Ова е магазин работен по сите професионални новинарски стандарди, на кој работиме внимателно и посветено. Има истражување, анализа, анкета, секој податок е проверуван од повеќе извори со цел да стане информација која носи знаење, секој приказна детално е истражена … Имаме став, интервјуа, ризница со културни вредности, колумни. Ќе се обидеме да бидеме ѕвончето за промени на сите нас.

*Дали твоја лична приказна те инспирираше да ја создадеш?

-И моите приказни имаат дел. Но, повеќе приказните на луѓето кои не се доволно гласни за да предизвикаат промена како решение. Не смееме да дозволиме заедницата да биде заглавена во безизлезност, сите да чувствуваат горчина и незадоволство. Секако, ние немаме волшебно стапче, но имаме визија за да ги пренесеме личните приказни да бидат слушнати, разбрани и сфатени како можност, шанса и решение. Во дел од една емисија ќе биде претставен и дел од мојата приказна, како и на многу жени, битката за мајчинството.


*Ако си во улога на гостин, а друг е водител на Приказна, која твоја лична приказна би заслужила да добие најмногу внимание?

-Емотивната состојба на бремена жена, која ќе го изгуби плодот. Нема потажна состојба. Еднакво како што нема порадоснo сознание дека во вас, растете, обликувате и создавате нов живот. Тие се најчувствителните мигови. Имав прилика и да се радувам, но и да тагувам со овие приказни. И да, сега научив и сакам да ги споделувам, затоа што секое искуство може да биде знаење, кое може да и помогне на друга мајка.

*Кој е гостин во првата емисија, како ги бирате гостите и со кој тим ќе соработуваш?

Продукцијата на емисијата е доверена на искусна екипа, тимот на Револушн. Како дел од тимот ќе се појават многу личности. Веќе знаете дека со нас е Ване Марковски, потоа Бранка Чочковска, со нас се и две прекрасни девојки со медиумско искуство, двете Билјани, едната Максимовска, другата Настевска Калановска. Но, тимот и дополнително ќе се шири, не би откривала сè, оставам некои убави изненадувања и за публиката.

Во принцип, „Приказна“ не е емисија од тип на шоу програма, туку магазин кој ќе информира и едуцира. Во студио ја имаме професор Аспазија Софијанова, а покрај неа како гости ни се појавуваат и професор Александра Грозданова-претседател на комисијата за имунизација, директорката на инфективната клиника доктор Милена Стефановиќ, медицинската сестра Валентина Даркова, новинарката Маја Б. Талевска од Австралија, Светлана Динковски од Британија.


*Позната си како личност која секогаш искрено го кажува своето мислење на социјалните мрежи и во медиумите. Која е твојата кратка оценка за Тв содржините што се нудат денес кај нас, ти одвлекува ли нешто внимание?

-И во ова исклучително тешко време за медиумите, имаме професионални новинарски содржини кои заслужуваат пофалба и поддршка. Добра емисија има Кате Тодевска- „Најдобар работник“, „Преспав“ е одличен ТВ продукт, „Дајте музика“ и „Пет плус“, „Отворено“, „360 Степени“, „Патот до успехот“, утринската програма на Сител е одлична. Има добри телевизиски продукти.

*Колку мислењето на сопругот Младен ти е важно, како изгледа живот на двајца новинари дома, и околу што најчесто професионално не сте се согласиле?

-Кај нас дома, секогаш се почитува ставот на другиот. Мислењето на сопругот ми е најважно. Тој ми е силна поддршка, буквално во сè. Неговите совети ми се драгоцено богатство. Знаете како, уште како дете, благодарение на татко ми, сфатив дека она што го подготвуваш како продукт, ти го доживуваш на еден начин, а тој кој го гледа или слуша, го доживува на друг начин. Во таа насока, мислењето на Младен, на моите деца Дарин и Деница, многу ми е важно. Од сопругот и Деница, ми значи мислењето професионално, затоа што добивам совети кои критички ќе ми помогнат да извлечам максимум во иднина. Од син ми добивам други совети. Тој знае да забележи податоци, но и многу ми важен неговиот став како млада публика која има други навики. Критиката и мислењето на другите, кога се моја публика многу ми значи. Од нив извлекувам поука која ја применувам во иднина.

*Како ти поминува еден обичен ден во времето на пандемијата, дали ова „ненормално“ нè научи да бидеме „понормални“, дали нè смени на подобро?

-Пандемијата не промени сите. Нè научи важните работи да ги цениме повеќе. Сега сите викаме, прво здравје, па сè друго. Обичниот ден сега, не ми е многу поразличен од претходно. Во текот на овој период, намалив малку со моето динамично темпо и можев да уживам повеќе во малите нешта кои ме радуваат и ме полнат со енергија.

Милица Џаровска