Ненаметлива, емотивна приказна во која се преплетуваат мелодиите на виолината и кларинетот: Андријана Јаневска за „Трепет“
„Почитувани, со задоволство Ви ја претставувам композицијата "Трепет" во соработка со врвниот македонски кларинетист Благојче Трајковски. Му благодарам што ме покани да учествувам во неговиот проект како виолинист! Се надевам дека ќе ви се допаднат композицијата и спотот“-вака на социјалните мрежи Андријана Јаневска го промовираше видео записот за Трепет.
Иако сме навикнати да ја гледаме во улога на пејачка, Јаневска во видео записот плени со својата чисто инструментална изведба. Таа е имено докажан виолинист, доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, вработена во Македонската опера и балет, како прва виолина. Моментално ги завршува докторските студии на Институтот за фолклор во Скопје.Освен тоа од неодамна го отвори нејзиното приватно музичко училиште.
Трепет, за која композиција музиката ја напиша кларинетистот Благојче Трајковски, е дело во духот на класичната музика, а со примеси од македонската староградска музичка традиција.
Композицијата ја аранжираше композиторот и диригент Димитар Христов. Аудиопродукцијата е производ на Дејан Момироски, а дел од композицијата се снимаше во Софија, во студиото на Алекс Нушев.
За музиката вели дека е онаа сила која обединува. Покрај многубројните соработки со уметници од сите континенти, оваа композиција е продолжување на обединувањето на луѓето преку музиката.
*Како се роди идејата за соработка на овој албум со Трајковски?
A.Ј.-Идејата беше на Благојче и на негова покана се согласив да гостувам. Кога ми се јави, ми рече дека сака да ме претстави во едно поинакво светло, односно да гостувам како солист на виолина. Сметам дека Благојче е еден од најкомплетните музичари во Македонија, врвен кларинетист и најважно, прекрасен човек со кој лесно можете да се разберете за се'. За жал, минатата година беше многу лоша за сите, буквално неколку пати ги презакажувавме снимањата заради короната и целиот процес многу се развлече. Сепак, на крај се' излезе како што планиравме.
*Какво е чувството сега после промоцијата?
A.Ј.-Многу сум среќна што композицијата и' се допадна на публиката, а тоа се гледа по многубројните позитивни коментари и прегледи на видеото. Станува збор за ненаметлива, емотивна приказна во која се преплетуваат мелодиите на виолината и кларинетот. Со оглед на тоа што ова дело не е комерцијална песна, навистина пријатно сум изненадена од коментарите. Се гледа дека на публиката ѝ недостасувало нешто поинакво. Сега продолжуваме со нови проекти и нови предизвици.
*Пред неколку месеци промовиравте песна на англиски во соработка со германски композитор. За што се работи?
A.Ј.-Во изминативе пет-шест години постојано соработувам со странски автори од целиот свет, но во Македонија го промовирам само она кое навистина ми се допаѓа и ми лежи. Една од тие песни е Longings на германскиот автор Tonio Fruehauf. Планирам до крајот на годината сите песни да ги спакувам во нов албум наменет за странскиот пазар, бидејќи сите песни се на англиски јазик. Исто така, учествував во два светски проекти како претставник на Македонија: The Earth Orchestra - прва виолина во светскиот оркестар во Лондон и проектот One Human, каде ја претставував Македонија во постигнување на светски рекорд за Гинис, при што во една песна учествуваа најголем број изведувачи на светот.
Единствен услов за нејзиното учество било да пишува дека ја претставува Република Македонија. Организаторите се сложиле без никаков проблем и така започнала нивната соработка. Песната ONE HUMAN е дело на американскиот композитор Graham Czach и учествувале 123 музичари од 110 земји во светот.
*Покрај тоа компониравте филмска композиција. Каков предизвик беше тоа за Вас?
A.Ј.-Така е, годинава се натпреварував за најоригинална композиција за краткометражен SF филм на Берлинскиот Филмски фестивал. Влегов помеѓу десетте финалисти што за мене е огромен успех. Сакав на некој начин да направам сублимат помеѓу македонскиот фолклор како метафора за нешто исконско и класичната подлога со симфониски звук кој на композицијата и даде друга тежина и оркестарски шмек.
*Колку периодот на „lock down“ и пандемијата влијаеше врз работата на Андријана?
A.Ј.-Цел период го поминав некако мачно. Секој човек сака слобода, а недостатокот на слобода многу тешко го поднесов. Немањето претстави во опера, онлајн часови по виолина и пеење, онлајн часови со моите деца дома, носење маски, секојдневно слушање вести колку новозаразени и починати има, случки од нашата најблиска околина со роднини и пријатели кои тешко го прележаа вирусот... Навистина, многу исцрпувачки период. Со душа го чекав летото да соберам сила од сонцето и убавото време, да шетам во парк со децата, да одиме во Охрид.
*Кои се наредните планови?
A.Ј.- На естраден план, продолжува соработката со странските автори. Тукушто ја завршив најновата песна "Water lilies" чии автори се Dom La Ferlita и Philip Eagles од Австралија. И таа песна планирам да се најде на новиот албум. На приватен план, како што кажав, гледам секој ден што повеќе да се релаксирам и на некој начин да ги оттргнам мислите од минатава година и да размислувам позитивно. На работен план, од септември почнуваме со нови сили и нови групи во моето музичко училиште каде се изучува виолина, пијано и пеење. Летниов период најмногу ќе го искористам за завршување на докторската дисертација која ја подготвувам неколку години, а станува збор за зачувување на македонските песни во Албанија и Гора.
*Што за Јаневска значи негувањето на фолклорот, традицијата, македонската музика?
A.Ј.-Фолклорот значи познавање на себеси, фолклорот е она што сме ние. Македонскиот фолклор е особено богат и тоа е она кое мораме да го заштитиме, ако не сакаме да бидеме дрво без корен. Имаме уникатни народни песни, специфични само за македонскиот народ, а во изминативе години сме сведоци на директни бугарски провокации и затоа сакам што побргу да бидат забележани и заштитени.
Видеото снимано во битолскиот Завод и Музеј, е дело на Веста продукција. Јаневска и Трајковски се во придружба на музичарите од Камерниот оркестар,а покрај нив учествуваат и младите танчери Мила Димовска и Томи Марох, од танцовиот Спортски Клуб „Степ“-Битола
За изгледот се погрижи македонскиот моден дизајнер Андреј Папаз, а фотографиите и постерот се дело на Коста Дупчинов.
Видео записот може да го погледнете на следниот линк:
Неда Маретиќ