„Никогаш не се охрабрив да го пријавам“: Неопходна е правна заштита и за родово базирано насилство на јавни места

Добивај вести на Viber

„Неговиот лик, а особено поглед уште на самиот почеток ми предизвикаа некој немир, кој за време на тоа возење од „Рекорд“ до „Градска“ ми изгледаше како цела вечност. Наеднаш почна да испушта чудни звуци, воздишки... Полека почна со ногата да се доближува кон моето тело и сѐ повеќе да ми се приближува. Тогаш, тинејџерка и збунета од целата ситуација, буквално како да ми се фати гласот и не можев да побарам помош од пријателите кои беа со мене во автобусот“  - анонимна изјава на 26-годишна девојка која никогаш не се охрабрила да го пријави случајот.

Сведоштва на многу жени упатуваат на некаква форма на родово базирано насилство во јавниот транспорт  и воопшто во јавниот простор. Тоа го потврдуваат и наодите од анонимна онлјан анкета спроведена за потребите на истражувањето „Родово-базирано насилство на јавни места во Скопје“, спроведено од Реактор,  кое патем е едно од ретките истражувања кога зборуваме за родово базирано насилство конкретно на јавни места, во кое учествувале 530 жени и девојки од Скопје, а произлегува дека родово  базираното вознемирување е многу зачестено искуство на улиците и на јавните простори во Скопје.

 Според одговорите на учесничките, мнозинството девојки и жени во Скопје се експонирани на навидум „благите“ форми на вознемирување, како што е свиркање и довикување. Секоја петта жена самата доживеала сексуално насилство, како несакано допирање. Она што особено загрижува во наодите е фреквентноста на посериозните форми на родово-базирано насилство, па така, секоја петта жена познава жена што била нападната или силувана.


Правната рамка за заштита на жената во јавниот простор не е доволна

Родово базираното насилство на јавни места, како што е сексуално вознемирување, вербално вознемирување, несакано допирање, свиркање, демнење и сите останати форми на родово базирано насилство допрва треба да добие позначајна правна заштита.

Во однос на тоа колку сегашната правна рамка ја штити жената од родово базирано насилство во јавниот простор,  односно до кој степен и кои форми се опфатени, адвокат Марта Гусар истакнува дека законската рамка сè уште не е доволна.

-Законската рамка сè уште не е доволна во поглед на заштитата на жената од родово базирано насилство во јавниот простор. Единствена заштита во овој момент е Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој опфаќа поширока заштита од родово базирано насилство, кое притоа не мора да биде семејно, како што беше случај до моментот на стапување на сила на овој Закон – посочува адвокатката Марта Гусар и додава дека уште побитно од самата правна рамка е функционалниот систем, односно надлежните институции да ги применуваат тие законски решенија.

За функционален систем и соодветна примена на законските решенија неопходна е едукација на надлежните институции, за да можат да обезбедат комплетна заштита на жртвите

-Она што треба да се напомене, а кое нешто многу често знам да го потенцирам е фактот што не е проблемот само во законските решенија колку што е проблемот во примената на законските решенија и функционалноста на системот во таа смисла. Ние може да имаме милион Закони кои треба да бидат во насока на заштита на жената на жртвите и слично, но ако немаме функционален систем, сè тоа е незначајно. Така што, во таа насока, потребни се, пред сè, информации кои ќе бидат достапни до сите, буквално до сите, за сите законски решенија во насока на заштита на жртвите од родово базирано насилство и семејно, па потоа и едукација на сите надлежни институции кои имаат задача да ги применат законските решенија за да можат да пружат и обезбедат комплетна заштита на секоја жртва – истакнува адвокатката Гусар.

Покрај недоволно развиената законска рамка, жените или не се охрабруваат да пријавуваат или пак пријавите завршуваат безуспешно низ лавиринтите на државните институции

Од праксата и искуство како адвокат, но и од лично искуство, жената и тоа како е изложена на насилство во јавен простор, потенцира Гусар, истакнувајќи дека оваа таканаречена ковид година е особено изразена во насилството во јавниот простор, но секако насилството, односно родово базираното насилство постои отсекогаш, вели таа и додава:
-И пред донесувањето на законските решенија или измени имам искуство со родово базирано насилство, па од тој период би можела да кажам дека пријавите биле безуспешни, жртвите останале во лавиринтот на државните институции, без никаква заштита или се наоѓале други начини да се заштитат.

Сексуалното вознемирување и демнењето се најзастапени форми на родово базирано насилство

-Мислам дека не постои жена која барем еднаш во својот живот не била изложена на родово базирано насилство. Најзастапена форма од моето искуство е сексуалното вознемирување, како и демнењето. И слободно можам да кажам дека од особена радост ми е самата ратификација на Истанбулската конвенција и секако донесување на законите согласно Конвенцијата, како и измените на Кривичниот законик, па следствено на тоа конечно сите жртви ќе добијат соодветна помош со еднаков третман од страна на надлежните институции и судови.

Се работи на измени во Кривичниот законик согласно Инстанбулската конвенцијата, но ревизијата е сè уште во тек

Адвокатката Марта Гусар вели дека е рано да се конкретизира какви измени ќе има, но се очекува да гарантираат поглема заштита поради тоа што би требало истите да бидат како што налага самата Истанбулска конвенција како најважен меѓународен документ за борба со семејно насилство и насилство врз жената.

„Во Истанбулската конвенција „насилството“ се подразбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или до страдање на жените, вклучувајќи ги и заканите за такви акти, изнудување или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.“

- Како што веќе потенцирав, не се само законските решенија важни за заштита, туку функционалност на системот во таа насока, едукација на сите лица кои ќе бидат вклучени во заштитата, со главна и приоритетна цел да го препознаат прво насилството како такво, а потоа и да обезбедат заштита – објаснува адвокатката Марта Гусар.

Со измената на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој почна да се применува од мај годинава, е направен огромен чекор

Со новиот Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при преземањето на мерки за превенција од родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родовобазирано насилство и семејното насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родовобазирано насилство врз жените и семејното насилство.

 Во Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, родово-базираното насилство врз жените се дефинира како дискриминација врз жените што ги ограничува да ги уживаат правата и слободите на еднаква основа со мажите, и ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите како резултат на општествен, а не индивидуален проблем.

Гусар вели дека е задоволна што со стапувањето на сила на новиот Закон, веќе имаме законско решение со кое навистина имаме институционална заштита на жртвите, која секако се одвива полека и со голема доза на сомнеж во успешноста во примената на Законот, но сепак направен е огромен чекор кој во иднина ќе донесе конечно жртвите да се почувствуваат безбедно и заштитено во својата држава.

Анонимната изјава на 26-годишната девојка која никогаш не се охрабрила да го пријави случајот, е само уште еден показател за неопходноста, родово базирано насилство на јавни места, да добие позначајна правна заштита, така жртвите ќе се охрабруваат да пријавуваат, а примената на законските решенија комплетно ќе ги заштити.

„Пред неколку години, додека бев средно образование, користењето на јавниот превоз беше нешто неминовно, со оглед на тоа што средното училиште ми беше прилично оддалечено од местото на живеење. Секојдневните турканици и гужви, што и денес се случај, беа патешествие самите по себе. И додека долго време бев убедена дека непријатната миризба од нечие тело е најлошиот кошмар во градскиот превоз, еден ден ми се случи нешто сосема неочекувано. Во целата турканица и онаа класика стоење на задната врата од автобусот, пред мене стоеше еден навидум фин господин, со фино испеглана кошула и панталони. Но, неговиот лик, а особено поглед уште на самиот почеток ми предизвикаа некој немир, кој за време на тоа возење од „Рекорд“ до „Градска“ ми изгледаше како цела вечност. Наеднаш почна да испушта чудни звуци, воздишки... Полека почна со ногата да се доближува кон моето тело и сѐ повеќе да ми се приближува. Тогаш тинејџерка и збунета од целата ситуација, буквално како да ми се фати гласот и не можев да побарам помош од пријателите кои беа со мене во автобусот. Со сите сили се трудев да го избегнам, но едноставно немаше каде да бегам. Во еден момент, дури се сеќавам дека почнав да го туркам со рацете. За среќа, во целиот сообраќаен метеж автобусот некако стигна до „Градска“, каде што се симнав и покрај тоа што тој ме задржуваше. Се симна и тој по мене, а јас веднаш се припив до својот пријател, кој без да проговори ни збор ме задржа до себе. „Господинот“ некое време следеше во кој правец ќе се движиме, но возачот на автобусот кој возеше позади овој во кој се случи немилиот настан и видел сѐ, застана на неколку метри од автобуската станица и не качи, за да се оддалечам од напаѓачот и да се увери дека сум во ред.

За сево ова нормално дека кажав дома, но и на училиште, со оглед на тоа што задоцнив на часови. Добив комплетна поддршка и од семејството и од класната да го пријавам случајот, но не бев доволно храбра, од причина што не бев сигурна дали воопшто ќе го препознаам тој човек доколку го видам сега. Мислам дека во тој момент ги направив сите напори за да му го заборавам ликот. Тоа можеби е моја грешка, бидејќи дозволив и некое друго девојче или повозрасна девојка да биде жртва, но искрено се надевам дека некоја друга била похрабра и го „решила“ тој „господин“. Затоа денес, каде и да се движам и забележам нешто сомнително, не оставам ништо на случајноста и заборавот и доколку можам и сфатам дека има простор се трудам да помогнам.“


Љубица Иванова


„Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма “Имплементирање на норми, менување на ставови,” финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women“.