НЕСЕКОЈДНЕВЕН ПРЕДИЗВИК ЗА ЖЕНИТЕ ОД „БОРКА“: Ќе се тркаме со автомобили за болните од рак

Добивај вести на Viber

Целта е симболично да им покажеме дека не се сами, дека ја имаат нашата поддршка и дека може да сметаат на нашата борба. Целиот адреналин ќе им го пратиме на клиниката за онкологија, побрзо да закрепнат и да го „збрчат“ ракот, ни изјави Марија Тасев, извршен асистент во здружението.

„Борка“ традиционално ја организира манифестацијата „Напред розово“

Тимот на македонското здружение за борба против ракот „Борка“ со повеќе нивни поддржувачи и волонтери годинава првпат ќе се натпреварува на традиционалната осмомартовскa трка со автомобили. Наместо утре, настанот ќе се одржи во сабота кога градот е растоварен од сообраќајниот метеж, а жените ќе возат од Дебар Маало до Автокоманда.

- Ќе се натпреваруваме во името на сите жени кои се борат против ракот покажувајќи им симболично дека не се сами, дека ја имаат нашата поддршка и дека може да сметаат на нашата борба. Целиот адреналин ќе им го пратиме на клиниката за онкологија, побрзо да заздрават и да го „збрчат“ ракот. Ние од „Борка“ и нашите поддржувачи ќе седнеме зад волан и ќе се тркаме во нивно име – ни изјави Марија Тасев, долгогодишен новинар и извршен асистент во здружението.

Активистките од невладината организација „Борка“ предводени од претседателката Биба Додева денеска на меѓународниот ден на жената ќе ги посетат пациентките на онкологија.

- Нашето мото е да го славиме секој ден. Ние не тагуваме за животот и за проблемите со кои се соочуваме. Славејќи го 8 март сакаме да покажеме дека како жени сме силни и храбри, да потсетиме дека низ историјата не ни било отсекогаш лесно, но сме успеале да победиме куп дискриминации и неправди – вели Тасев.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов