Никогаш не сум била посигурна во себе: Тамара откри што ќе облече на „Евросонг“
Тамара Тодевска не спие веќе три вечери по ред, од возбуда што утре наутро, во 3.30 со нејзиниот тим лета за Тел Авив, каде што на 16 мај ќе ја претставува нашата земја на „Евросонг“ со песната „Proud“. Тие силно веруваат дека ќе настапат и на финалето, на 18 мај, а на 20 мај задоволни ќе се вратат дома.
„Нема да спијам вечерва, не спијам веќе три вечери по ред. Утре рано наутро тргнуваме и веднаш почнуваме со проби и подготовка за македонската вечер која ќе се одржи на 9 мај“, изјави Тамара на опуштената предевровизиската дружба во скопскиот бар „Брик“. Само за Женски магазин, таа откри што ќе облече на евровизиската сцена.
„Ќе носам зелен фустан, смарагден, тоа беше заеднички договор со дизајнерот Александар Ношпал, мојот долгогодишен пријател“, ни изјави Тамара.
Откако палестинско движење „Исмалски џихад“, денеска се закани дека ќе го спречи одржувањето на Песна за Евровизија во Тел Авив, Тамара рече дека тоа не ја плаши и се чувствува безбедна.
„Додека бев да ја снимам евровизиската разгледница минатиот месец во Израел, имаше еден човек кој цело време беше на метар од мене, обезбедување. По некое време му реков дека не мора да ме следи до толку, го прашав- што правите вие тука? Тој ми рече: Ова ми е работа. Така што, не може ништо лошо да ни се случи“, додаде таа.
Дарко Димитров, Коста Петров и Роберт Билбилов заедно со Лазар Цветкоски и сопругата на Коста се автори на песната
На дружењето, поп-ѕвездата дојде со комплетниот тим: коавторот на текстот на „Proud“, Коста Петров, авторите на музиката и на аражманот Дарко Димитров, Роберт Билбилов и Лазар Цветковски како и придружните вокали Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев. Со многу емоции, авторите раскажаа дека кога ја создавале песната си мислеле што е она на што тие се горди. „Тоа се нашите мајки, ќерки, сестри“, раскажа Коста Петров.
„Proud“, рече Коста. Тоа е тоа. Ние си рековме- добро. И музиката дојде самата, по текстот“, изјави Роберт Билбилов. Коста Петров објасни дека Тамара слободно би можела да менаџира голема корпорација, како што го избрала најдобриот тим со кој одлично менаџира.
Со придружните вокали Васил Гарванлиев, Антониа Гиговска и Александра Јанева
„Она на што јас сум горда, тоа е моето семејство, мојот сопруг и децата. Немам никаков притисок. Се чувствувам сигурно и подготвено. Никогаш не сум се чувствувала посигурна за ништо до сега во животот“, рече Тамара. Нејзината ќерка Хана, во моментов е кај тетка ѝ Тијана во Белград, а за синот Дарен кој е уште бебе, додека таа е во Израел, ќе се грижи бабата од Гевгелија. Една личност на која Тамара е многу горда е нејзината мајка Бранка, која исто така беше дел од гостите на забавата.
За крај, слушнавме премиерна акапела изведба на „Proud“, која од срце ја испеајаа Тамара и придружните вокали за среќен пат и за среќа на Евровизија.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски